Почетна Коментар Ниту популизам, ниту индиферентност; туку пастирска грижа
Ниту популизам, ниту индиферентност; туку пастирска грижа

Ниту популизам, ниту индиферентност; туку пастирска грижа

471
0

Многу е интересна позицијата на Епископот на Црквата Божја, посебно во делот за односот со јавноста, и сметам за потребно нешто да се напише и за тоа. Христовиот живот, чија икона и на чие место седи Епископот, треба да ни биде пример од кој можеме да извлечеме одредени заклучоци и за оваа тема.

Прво што ни паѓа во очи е различниот однос на Богочовекот Христос кон Своите ученици, од сите други останати луѓе.

Додека на Своите ученици Христос до детали им ги открива тајните на Царството Небесно, ги прекорува, им суди, конкретно ги поучува, на останатите Тој им говори во приказни – некако, општо. Но, кон никој не е индиферентен.

Тоа, секако, зависи и од односот на луѓето кон Него: прво, Неговите ученици се во однос на послушание кон Него – тие се отворени кон Него и подготвени да прифатат што и да им каже, иако Тој внимава и на тоа – колку тие можат да примат; второ, други луѓе, просто, сакаат да научат или слушнат нешто ново, но сепак, за дали тоа ќе го прифатат или не, критериум си останува нивниот разум; трето, доаѓаат при Него луѓе болни или со некои други потреби и нивниот однос кон Христос е поискрен (поради маката), но не и секогаш јасен (од аспект на верата – верен или суеверен); четврто, некои пак, доаѓаат и со зла намера, да Го искушаат и повредат; итн.

Епископот, исто така, е должен точно да процени со какви намери луѓето приоѓаат кон него и каков однос сакаат да изградат.

Најинтересен е односот на луѓето кои сакаат да го искушаат и повредат Епископот. Гледаме и во Светото Евангелие како и на Христос Му приоѓаат луѓе со лоши намери. Најчесто сакаат да Го фатат во грешка во врска со словото на Законот. Други бараат чуда и знаци. Трети, да осуди некого. Четврти, да влезе во непотребен конфликт со власта. Петти, да се откаже од Домостројот на Спасението. Многумина сакаат да Му наштетат, но времето за страдање на Христос доаѓа кога Бог промислил, а не кога демоноопседнатите посакуваат.

Истото што Му се случуваше на Господ Христос денес им се случува и на Неговите Епископи.

Мнозина пазат да не случајно Епископот се огреши од некаква догма или канон, или типик на Црквата. Добро прават, но уште подобро би било кога би имале и свој внатрешен критериум – за тоа што го прават, точно да го прават. Но, најчесто немаат. На пример, при проповед на верата, најлесно може да се забележи догматско отстапување, но при спроведување на светите Канони потребен е просветлен ум со дар на умно-срдечна молитва за нивна примена во секој конкретен случај, и тука најчесто може да згреши – и тој што ги применува и тој што од страна суди и осудува. Истото што важи и за Каноните, важи и за типикот, затоа што луѓето не разликуваат општожителен од скитски или еримитски типик, како и нивно спроведување во секој конкретен случај (поради здравствена состојба, возраст, послушание итн.). Но, како и да е, не треба да се заборави, при спроведување на Каноните и типикот, дека: „е тука Оној, Кој е поголем од храмот“ (Матеј 12, 6).

Некои бараат чуда или знаци. Забораваат дека чудото или знакот ја ограничува слободата на човекот и го принудува да верува, состојба која се коси со православната духовност. Односот со Бог треба да го градиме слободно и љубовно, а Бог знае точно кога и како да го дозира со знаци и чуда, кои најчесто се лични, а не јавни. Денес, најголемото чудо е сострадалноста.

Некои сакаат да го стават Епископот во позиција да суди и осуди некого конкретно и јавно. Но, и Епископот, како и Христос, не дојде да им суди на луѓето, туку светот да се спаси преку него: „Оти Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него“ (Јован 3, 17). Епископот може да им суди само на своите духовни чеда, и тоа само во својата локална Црква. И тоа најчесто се случува тајно, а спаѓа во областа на духовното раководство. Епископот треба да ги учи луѓето да не судат и осудуваат – посебно преку откривање на гревовните тајни на нивните срца, како и да бидат смирени и да простуваат.

Некои сакаат Епископот, поради судир со власта, да ја упропасти Божјата мисија за која е поставен. Епископот не смее да биде политички определен; исто така, и никој од свештенството. Епископот треба да процени која власт е подобра за Црквата (не за него лично), но треба да остане со отворено срце за сите луѓе, без оглед на која партија припаѓаат; и без оглед на што било – да ги обединува.

Епископот не смее да го предаде Домостројот на Спасението, т.е. да ја напушти својата позиција или да се крие во време на прогон на Црквата. Тој не смее ни да го отфрли Домостројот, т.е. да враќа на злото со зло, како и да дозволи Евангелието да се сквернави со полагање оружје врз него. Треба да знае кога треба да се повлече од активна служба поради квантитативно или квалитативно намален работен капацитет, и поради свое восовршување и спасение. Епископот не смее јавно да проколнува никого, тоа ја покажува само неговата фрустрација поради немање никаков авторитет. Епископот може само да благословува.

Јавноста не смее да знае за милосрдието на Епископот кон сиромашните и страдалните. Не може тој да ја нарушува Божјата заповед за тајно помагање, затоа што некаква си јавност тоа сакала да го знае или требала да го слушне. Доволно е тој да е милосрден на дело и неговата проповед за милосрдие ќе биде слово во сила. Подобар пример од тоа нема. Јавноста нека си мисли што сака. Болните од пасивна социопатија не ни сакаат да знаат дека некој некому помага, за да ја држат мирна својата успиена совест. Ако пробаш да им ја разбудиш, тие секако ќе најдат друго обвинение за тебе – на пример, помагаш за да ти се прости некој криминал, за да ја успијат повторно. На тој начин, тие одново и одново ја редефинираат и прекројуваат реалноста по своја мера со цел да го задржат внатрешниот мир и покрај своето себељубие, себичност и отсуство на емпатија. Тоа е тоа болно потиснување.

И да привршиме: Епископот, дури и своите духовни чеда треба тајно да ги води и поучува кон просветление на умот, та тие самите да знаат како да се однесуваат во конкретни ситуации, а не постојано и јавно да им дава мислења и решенија за нивните конкретни проблеми. Ако тоа важи за неговите духовни чеда, колку ли повеќе важи и за општата јавност.

Доколку Епископот се обраќа кон општата јавност со конкретни мислења и решенија, за нецрковни проблеми или за проблеми надвор од неговата јурисдикција, колку и да има свесно добра намера, тоа сепак, несвесно го прави  селективно и популистички, и се изложува себеси на судот од јавноста, а исто така, придонесува и за поделбата меѓу луѓето. Целта на Епископот е да ги обедини сите во Христос и неговите постапки мора да придонесат кон таа цел, а ако некој го мрази него, тоа не смее да биде поради разединувачки постапки, туку поради неможноста на демонот да го нападне однатре – поради чистотата на неговото срце; кој затоа ги поттикнува своите слуги – луѓето, да го мразат и напаѓаат Епископот однадвор.

Епископот во јавност би требало да излегува со свое мислење кога е во прашање одбраната на автокефалниот статус на Македонската Православна Црква – ОА, нејзината православна вера, нејзиниот посебен пастирски идентитет и нејзината јурисдикција; за тоа за коешто е и одговорен. Во овој дел треба да биде бескомпромисен. А и тоа, секако, со расудување и избегнувајќи ја замката на ереста – етнофилетизам.

Затоа, сите Свети отци велат дека Епископот треба да има внатрешно духовно покритие за чинот што го носи, та со авторитет и личен пример, без поголеми грешки, да ги води, да ги поучува и татковски да се грижи за своите духовни чеда, во светот и векот полн со непријателски замки. Епископот треба да биде во сѐ подобен на Оној што рекол: „ако Јас, пак, со прст Божји ги изгонувам бесовите, тоа значи дека до вас дошло Царството Божјо“ (Лука 11, 20).

Пресвета Богородице, спаси нас!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *