Почетна Проповеди „Момче, тебе ти велам, стани!“
„Момче, тебе ти велам, стани!“

„Момче, тебе ти велам, стани!“

403
0

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за четвртата недела по Крстовден,

Денес, мили мои, чувме од Евангелието за прекрасното чудо што Господ Исус Христос го направил во градот Наин. Во тоа време Наин бил малечок, но убав град. Впрочем и самиот збор Наин на старохебрејски јазик значи ‘убав, привлечен’. Симболично, можеме да го земеме името на овој град како претстава за светот пред падот на прататкото Адам и прамајката Ева. Зашто, пред нивниот гревопад светот бил Едемската градина, рај. Место во кое Бог го поставил човекот да живее убаво, господствено, Божествено. Во едно такво опкружување, се разбира, човекот не ни помислувал на смрт, бидејќи во самиот Божји Домострој за него не била предвидена таквата страшна состојба. Но, непослушанието го протерало човекот од тоа убаво место, од градот кој бил создаден за него, од светот на убавините, од рајските наслади. Адам и Ева се нашле надвор од рајските пространства, во неподнослива тага и плач. Во неделата пред почетокот на Великиот Пост, црковниот химнограф во устата на прататкото Адам става зборови на оплакување и тагување по Рајот: „Седна Адам пред Рајот и ридајќи ја својата голотија, плачеше: О, рају, од твојата убавина повеќе нема да се насладувам; повеќе нема да Го видам мојот Господ и Бог и Создател, зашто во земјата ќе појдам, од којашто бев и земен“. Тагува Адам за изгубениот Рај, плаче поради смртта што си ја навлече врз себе, но и врз сето потомство негово…

Смртта беше причина за тагата и оплакувањето и во денешниот евангелски настан. Имено, кога Господ Исус се упатил кон градот Наин, следен од мноштво Свои ученици и народ, пред градските порти начекал една траурна, погребна поворка. Син единец на мајка и тоа вдовица, бил носен кон гробиштата. Оваа вдовица останала сосема сама на светот; единствената нејзина надеж, нејзината иднина и радост, слегувала во студен гроб. Кој би можел да ја опише нејзината тага?! Ужасно и неподносливо нешто! Што само направило непослушанието од највозвишената Божја творба?!

Меѓутоа, ете, во пресрет на оваа поворка на смртта доаѓа Оној пред Кого не може да опстои никаков страв, никаква тага, ниедно зло – вклучително ни самата смрт. Доаѓа Човекољубецот, Нашиот Избавител, Кој не дозволи човекот потполно да биде завладеан од смртта, туку дојде Он Самиот лично и го избави. Штом ја виде Господ вдовицата, вели Евангелието, се сожали на неа, па ѝ рече: „Не плачи!“ Се сожали Избавителот над сиот свет. На сите ни вели: „Не плачете! Јас сум со вас, дојдов меѓу вас, станав човек заради вас, за да ве воскреснам и да ви дадам живот вечен“. И кога се приближи, се допре до носилото; носачите застанаа, а Тој рече: „Момче, тебе ти велам, стани!“ (Лука 7,13-14).

Пред Христа, во Стариот Завет се споменуваат три воскресенија од мртвите. Едното, на синот од вдовицата во Сарепта, го извршил Светиот пророк Илија, а другите две – неговиот ученик, пророкот Елисеј. Меѓутоа, овие големи Божји угодници, ги воскреснале мртовците после усрдна молитва кон Бога, а денес гледаме како Господ Христос со Својот Божествен авторитет и сила му заповеда на мртвото момче: Момче, тебе ти велам, стани! – и го разбуди од смртниот сон. Мртовецот, продолжува Евангелието, се подигна и седна, па почна да зборува – за никој да не се сомнева дека станува збор за некаква интрига, или дека нешто друго, а не животворниот Божји глас, го придвижило мртовецот. Зашто, дотогаш никој не беше слушнал мртовец да стане од погребниот одар, да седне и да зборува. И Тој го предаде на мајка му. Така, мајката на ова момче одеднаш добива чудесна утеха, од којашто поголема и не може да има. Господ ѝ го вратил жив, дотогаш оплакуваниот и мртов син единец.

За Господ, мили мои, смртта не претставува ништо, бидејќи Он е вечен. И самата цел на Неговото доаѓање на земјата е да нѐ совоскресне со Себе. Затоа, ве замолувам, да ги примиме во духовна смисла овие впечатливи и моќни Христови зборови: Момче, тебе ти велам, стани! – како да се однесуваат на секого од нас. Зашто, после Воскресението Христово, единствената пречка за човекот да живее вечно, е гревот. Значи, смртта како смрт, веќе не треба да претставува причина за страв кај Христијаните. Единственото од кое треба да се плашиме е оддалечувањето од Бога, оддавањето на страстите, прилепувањето кон овој свет, со што човекот почнува малку по малку да умира. И накрај, кај него настапува ужасен страв.

Пред некој ден кај мене дојде еден воцрковен човек и ми раскажуваше за некој друг, повозрасен човек, исто така од Црквата, како е многу исплашен од смртта. Тоа многу ме зачуди. Зарем е можно постојано да го читаш Евангелието, да ги слушаш неговите чудесни зборови кои даваат живот, да си ученик на Животодавецот, а безнадежно да се плашиш од смртта? Очигледно тука нешто не е во ред. Тој човек веројатно се оддалечил од суштината на Евангелието, иако, можеби, секојдневно го чита и зборува за него. Причина за тоа се многубројните страсти што дејствуваат во нас и не ни дозволуваат да ја усвоиме суштината на Евангелието, нѐ оддалечуваат од Бога. На некој начин како да нѐ заспиваат, со гревовен сон. А човек кога ќе заспие во страстите, кога ќе им се предаде и не се бори со нив, тој е веќе во смртен сон. Затоа, Свети Јован Дамаскин, големиот учител на монасите, ги поучува сите Христијани: „Умри пред да умреш, за да не умреш кога ќе умреш“. Умри, значи, за сè она што во овој живот те мами, те привлекува и заробува, бидејќи еден ден сето тоа секако ќе мора да го напуштиш. Ќе те остават роднините, пријателите, ќе те остават парите, куќите, имотот… Единственото што ќе нè следи и таму, во вечноста, се добрите дела направени од љубов кон Бога. Човекот кој верува, кој разговара со Бога, се моли, се среќава со Него, прави добро заради Него – таквиот не се плаши од смртта.

Денес има еден сеопшт страв од смртта. Сигурно сте го забележале тоа. Кај мене доаѓаат многу луѓе кои ми исповедаат: „Отче, ми е страв од смртта, се плашам да умрам“. Оваа танатофобија, оваа длабоко вкоренета патологија во човекот, произлегува од недоволна вера во животот вечен. Не сме Го спознале Христа како што треба. А Он секогаш ни вели: „Не плачи, не се плаши, стани, разбуди се, излези од материјалниот свет“. Да Го послушаме и да излеземе, се разбира, мисловно и во духовна смисла, бидејќи телесно не можеме да го  напуштиме овој свет тогаш кога ние би посакале, туку тогаш кога ќе стигнеме до неговата последна станица, напуштањето на телото од душата – преминот во вечноста. Но, низ таа станица ќе поминеме многу побезболно и поспокојно, доколку благовремено ја напуштаме острастеноста кон нештата од овој живот, кон сето она што нè заробува и врзува за временото и распадливото и не ни причинува вистинска радост.

Вчера, пред бдението, ми се јави едно духовно чедо од Скопје. Нему на гости му дошол некој близок роднина, момче од дваесетина години. И ми вели: „Отче, досега мислев дека се работи за мирно момче. Така ми изгледаше, сè додека не го запознав подобро“. Па почна да ми раскажува што, всушност, правело тоа момче, како излегло да купи дрога, да дивее, да се уништува себеси. Кога духовново чедо почнало да го советува дека тоа не е добро и дека таквиот живот лесно може да го доведе до целосно самоуништување, тоа се оправдувало со своите врсници, т.е. дека и тие го правеле истото, па дури и полошо. И кога овој му зборувал за Бога, момчето рамнодушно рекло: „Јас сакам сè да ми се случи набрзина и да умрам! Повеќе за мене нема надеж и не сакам да живеам“. Погледнете како размислува едно момче од дваесет години! Ужасно жално! Во каква само тажна состојба паѓа човекот без Бога! А доколку Го прифати Бога, тој со сигурност ќе се разбуди, ќе воскресне. Не може некој да Го прифати Животворецот, а да нема живот во себе. Тоа монасите од овој манастир многупати го виделе и можат да го посведочат. Сме виделе многу луѓе да воскреснат и да се преобразат, откако Го побарале Бога и дозволиле во нивните срца да продре гласот Негов, кој вика: „Стани, не спиј, разбуди се духовно од сонот на гревовната смрт! Стани и побарај Ме, нема да те оставам. Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее (Јован 11, 25)“.

Затоа, мили мои, да Го возљубиме Него, нашиот Создател и Воскресител, и да застанеме во поворката не на смртта, ами на Животот. Како Апостолите и мноштвото народ кое Го следеше Христа. Во поворката на чиешто чело е Животодавецот. Таа поворка е Црквата Негова, каде Он е Главата, вечниот Архиереј, Кој дава вечен живот. Он началствува на секоја Литургија и преку Своите тело и крв ни дава залог за вечноста. Ако искрено и несебично се трудиме да бидеме дел од таа поворка, нема да се плашиме од ништо во животот  и нема да вкусиме смрт никогаш. Потребно е само да Му го отвориме срцето, иако понекогаш ни е многу тешко да го направиме тоа. Тешко е да се разбудиме духовно. Он, гледате, може и мртовец да воскресне со еден Свој збор. Но, за Него е многу потешко да оживее духовен мртовец. Зошто? Заради слободната волја на човекот. Не може Христос да ти врши насилие, за да Го избереш Него принудно. Он само ти укажува, ти помага, те повикува да излезеш од смртниот сон, да се промениш, да станеш нов човек, човек на Воскресението. Христос го направи човештвото нова твар. Сепак, не може сосила да те воскресне од твојата духовна смрт, да те разбуди од твојата духовна заспаност, ако ти не сакаш. Затоа, деца мои, да го послушаме Неговиот глас кој ни вели: „Тебе ти велам, стани! Не плачи, не тагувај. Само за твоите гревови можеш да тагуваш, но не и за нешто од овој свет. Немој да се плашиш од смртта, од проблемите, од искушенијата. Немој да жалиш по материјалното, туку барај го царството Божјо и сето тоа ќе ти биде придодадено! (в. Лука 12:31)“. Ако Го поставиш Него над сè, нема да те лиши од ништо. Сум видел многу луѓе, материјално сиромашни, кои во еден момент Го поставиле Господ над сè во своите животи и Он не ги лишил од ништо. Дури ни кога безнадежно си мислеле дека е готово, сè се руши, Господ не ги оставил, туку ги избавил.

Па така, да го послушаме гласот на Животодавецот: „Тебе ти велам, разбуди се!“ Разбуди се за каде? За вечен живот. Има ли нешто поубаво од тоа? Во овој живот сè има крај. Погледнете: при секое населено место – гробишта. Колку повеќе луѓе има таму сега отколку во зградите и куќите? Колку генерации сме денеска тука? Неколку. А таму? Од Адам па до денес – многу градови и земји. Христос, пак, е Татковина на вечно живите. Во Цариград, денешен Истанбул, има еден познат византиски храм над чија врата има прекрасен мозаик од Господ Исус Христос. На него, на грчки јазик пишува: Ἰησοὺς Χριστός ἡ Χῶρα τῶν ζώντων, ‘Исус Христос, Земјата на живите’. На оние кои не умираат, туку вечно живеат.

Простете ми што можеби правам дигресии и се повторувам, но тоа е зашто силно посакувам кажаново да допре до вас. Затоа со моето срце им зборувам на вашите срца. Сакам сите да го слушнете гласот Христов, оти е најсладок. Нема нешто поубаво од Него! Неговиот глас оживотворува. Примете го во срцата ова, ве молам. И доколку го примите тој глас во себе и почнете да се соединувате со Него, да живеете литургиски живот, сѐ повеќе и повеќе ќе се зголемува поворката на Животот. А поворката што води кон смрт, ќе се намалува. Вие сте веќе дел од вистинската поворка, од Црквата. На еден или друг начин, Бог нѐ повикал тука. Да останеме верни на тоа призвание и со богоугоден живот да го умножуваме дарот што Он ни го дава – слободата да Го спознаеме, па освен себе да спасиме и што повеќе други луѓе околу нас.

Христос Воскресителот нека биде со сите вас!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *