Почетна Коментар Кога ќе се вратам…
Кога ќе се вратам…

Кога ќе се вратам…

833
0

„И ете, стана еден законик и, искушувајќи Го, рече: ’Учителе, што да направам за да добијам живот вечен?‘ А Он му рече: ’Што е напишано во Законот? Како читаш?‘ Тој одговори и рече: ’Возљуби Го Господ, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси!‘ Му кажа, пак: ’Добро одговори; тоа прави го и ќе бидеш жив‘. Но тој, сакајќи да се оправда, Му рече на Исус: ’А кој е мојот ближен?‘

Исус му одговори и рече: ’Еден човек слегуваше од Ерусалим во Ерихон, и сретна разбојници, кои го соблекоа и му направија рани, и си отидоа, оставајќи го полумртов. Во тоа време слегуваше по тој пат еден свештеник и, кога го виде, си замина. Исто така и еден левит, кога дојде на тоа место, се приближи, погледна и си отиде. Еден, пак, Самарјанин, кој патуваше, кога дојде до него, го виде и се сожали. И кога се приближи, му ги преврза раните, полевајќи ги со елеј и со вино; па, откако го качи на добитокот свој, го однесе во гостилница и се погрижи за него. А утредента, на кинисување, извади два динарија, му ги даде на гостилничарот и му рече: „Припази го; а ако потроши нешто повеќе, кога ќе се вратам, ќе ти платам“.

Кој, пак, од тие тројца ти се чини дека му беше ближен на оној што падна во рацете на разбојниците?‘ А тој одговори: ’Оној што му направи милост‘. Исус му рече: ’Оди и ти прави така!‘“ (Лука 10, 25–37).

Сите ние сме гости на овој свет, кои повеќе, кои помалку повредени од демоните – разбојниците, сместени од милостивиот Самарјанин – Христос, на лекување во гостилницата – Црквата. Гостилничар е Епископот (или свештеникот). Милостивиот Самарјанин – Христос му остава сè што му е потребно на гостилничарот за да ги догледа и излекува сите оние чиишто срца и души, па и тела се повредени од демонскиот напад.

Богочовекот Христос му остави на свештенството и личен пример и неисцрпна благодат толку што повредениот гостин никогаш не може да потроши повеќе од тоа. Ветувањето за доплата се однесува само за малодушните гостилничари. Затоа на гостилничарот му останува само совесно и смирено да ја изврши работата за која му е однапред преплатено.

А ако ја заврши работата како дете Божјо – а не како наемник – трошејќи се себеси и „повеќе од она што му е платено“, блазе си му на таквиот гостилничар кој Бог ќе Го направи свој „должник“. Него Бог ќе го направи син Свој по благодат, а каква било друга доплата веќе не е воопшто важна…

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *