Почетна Коментар Јуда или Петар
Јуда или Петар

Јуда или Петар

806
1

Во што се состои тајната на самоубиството на Јуда, а во што тајната на покајанието на Петар, иако и двајцата беа паднати во голем очај? И дали проклетството на среброљубието е поголемо од проклетството на гордоста кај нас луѓето (за разлика од демоните), токму поради тоа што сме и материјални – создадени и од умна и разумна душа, но и од тело? Инаку, секое самоубиство прво е духовно, а потоа и физичко.

Да почнеме со тајната на самоубиството. Тајна е зашто ја знаат само оние што низ неа поминале, како и оние на кои Господ заради духовно раководство на ист начин им ја открил. Неколку компоненти ја сочинуваат оваа тајна во нејзиниот развој, посебно во случај кога е поврзана со страста на среброљубието:

Оној што се надева на парите и што својата сигурност ја заснова на парите, невозможно е истовремено да се надева во Бог и својата сигурност да ја заснова во Бог. Неговиот личносен однос со Бог е блокиран, неостварлив. И Евангелието истото го вели: „Никој не може да им слугува на двајца господари: оти или едниот ќе го замрази, а другиот засака; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите на Бог и на Мамон [парите]“ (Матеј 6, 24).

А токму така е опишан ликот на Јуда во Евангелието, како крадец: тој го чуваше ковчежето и крадеше од она што пуштаа во него (види: Јован 12, 4–6).

Откако ќе го прочитаме овој евангелски извадок, поврзан со погоренапишаното, веднаш ни станува јасно како Јуда можеше да се одлучи да Го предаде Богочовекот Исус Христос. Зашто и покрај тоа што Јуда Го следи Христос и ги гледа сите чудеса што Он ги прави, сепак, поради страста на среброљубието од која е заробен, останува затворен за Него и не може да изгради личносен однос со Него. Ниту да има опит од таквиот однос.

Оној што заради парите конечно и свесно ќе се откаже и ќе Го предаде својот Господ, тој се одрекува и од несоздадената Божја енергија, која го осмислува и исполнува целото негово постоење, и одеднаш се наоѓа во егзистенцијална празнина, „исполнета“ со темнина, безнадежност и очај – неискажлив душевен пекол познат само на оние што низ него поминале. Не дека ги изгубил парите, не дека го изгубил она што парите му го овозможуваат и не дека ја нема сигурноста што му ја пружаат овоземните власти, не – тој сето тоа сѐ уште може да го има, но пеколната темнина и очајот што ги обзема оние што Го предаваат Господ се просто неподносливи за човековото битие.

А што ги прави уште понеподносливи? Власта што демонот ја добива над мислите на предавникот. Но и тука има некој ред.

Човек прво се обидува да најде некаков излез – и Јуда ги враќа парите, па дури и признава дека предал невина крв, но тоа не е доволно, и не го прави тоа пред Христос или пред некого од своите браќа Апостоли (види: Матеј 27, 1–10).

Човечката правда никогаш не ни помага, никогаш не може да ја замени Божествената. Божествената правда не е само преземање и признавање на вината, туку е и возобновување и воспоставување на нарушениот однос со Бог – во покајание, а Јуда е за тоа неспособен. И потоа следи она што на почетокот го рековме: демонската помисла со власт му вели на предавникот дека полудел и дека за него сѐ е изгубено, и непрестајно го убедува да се самоубие, а неговата внатрешна состојба потполно се совпаѓа со демонскиот предлог.

Мислите дека на таквиот му е тешко да се самоубие? Не – на таквиот човек самоубиството му се причинува како единствена светла точка и единствен излез од таквиот живот. Маките што ги поминува човек во тие моменти му изгледаат неспоредливо потешки од кој било вид самоубиство.

Многу посрамно е трикратното јавно предавство Петрово отколку тајното Јудино предавство.

Но што го спаси Петар и зошто таа можност ја немаше Јуда? Крадењето и постојаното потпирање на овоземното, како и лажната надеж на овоземно царство Христово, му оневозможија на Јуда да изгради личносен однос со Господ Христос, како што тоа му го овозможија постојаните падови од гордост и подигањата од смирение на Петар во градењето на личносниот однос со Христос.

Петар не беше врзан за пари, за овоземното, тој беше врзан за Личност, за прекрасната Личност на нашиот Господ – Богочовекот Исус Христос, и тоа му даде сила на покајание.

Naum 2Петар има опит од грешење и барање и добивање прошка од Господ, и тоа го спасува (види: Матеј 16, 21–23; Матеј 26, 71–75). А Јуда не само што нема однос со Господ, туку следствено, нема и со ниту еден од апостолите. Зашто ако имал, ќе си ја отворел душата некому од нив и ќе се спасел.

Митрополит Струмички Наум

Коментар(1)

  1. Извореден напис. Одлични споредби кои учат и потикнуваат на размимслување. Благодарам митрополит Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *