
Исламската верска заедница во Република Македонија апелира жителите во поплавените подрачја да ја интензивираат соработката и да ги усогласат своите активности со сите релевантни државни структури, но и со невладините организации кои делуваат на тоа подрачје со цел да се санира што побргу состојбата на терен за да се избегне евентуална појава на епидемии и заразни болести.
Од ИВЗ преку соопштение апелираат жителите на поплавените подрачја да соработуваат и со единиците на Армијата на РМ, како и со државните служби и да се приклучат во заедничките акции за чистење и дезинфектирање на се што е погодено од катастрофалните поплави.
– Потребно е да се издигнеме над евентуалните несогласувања и да мислиме на иднината на нашите деца. Тоа е најважната работа во моментот, истакнуваат од ИВЗ и посочуваат дека ќе бидат со жителите на поплавените подрачја се до целосното нормализирање на состојбата.
-Жителите на Хасанбег и околината кои што се соочија со една природна катастрофа и во таа прилика загубија членови на своите семејства и се што поседуваа, деновиве се подложени на опасноста од ширењето на епидемии кои што се карактеристични за состојбите после поплавите. Целата оваа ситуација директно влијае и на духовната, емоционалната и на физичката состојба на жителите на оваа населба и поради тоа е потребна нивната истрајност и меѓусебна соработка, како и со сите фактори што се ангажирани за надминување на проблемите во населбата. Над се, во оваа населба и околината има стотици деца кои што многу тешко ќе можат да се спротивстават на следното “цунами“ што може да надојде во форма на можна епидемија. Тие деца, за две-три недели ќе треба да седнат во школските клупи и таму да минуваат добар дел од денот. Во името на тие деца , Исламската Заедница во РМ апелира до сите граѓани да ја интензивираат соработката и да ги усогласат своите активности со сите релевантни државни структури , но и со невладините организации што делуваат на тоа подрачје. Апелираме до жителите, исто така да соработуваат и со единиците на Армијата на РМ, како и со разните државни служби и да се приклучат во заедничките акции за чистење и дезинфектирање на се што е погодено од катастрофалните поплави, стои во апелот соопштение на ИВЗ.
/РЕЛИГИЈА.МК