Истрага за нелегално училиште во манастир на УПЦ-МП: сомнежи за проруска пропаганда и скриено финансирање

Date:

Share post:

Украинските медиуми објавија истражувачка сторија за функционирањето на нелегално училиште во рамки на манастирот „Голосеевска пустинја“ во Киев, под јурисдикција на Украинската православна црква – Московска патријаршија. Во видеото што ја придружува истрагата се откриваат бројни детали кои упатуваат на систематско пренесување проруска пропаганда, изразена со отворена омраза кон украинскиот јазик и култура.

Според истражувањето, училиштето работи под формата на таканаречен „семеен клуб“, но во пракса функционира како целосно образовно училиште со петдневна настава и продолжен престој. На ова место се школуваат повеќе од 60 ученици од прво до деветто одделение, а наставата ја изведуваат 16 наставници.

Новинарка од порталот Slidstvo.info влегла во институцијата со лажен идентитет, претставувајќи се како мајка која бара училиште за дете на роднина. Во разговорите со директорката, наставниците и родителите било потврдено дека образовната програма се темели на советски учебници, вклучително и учебник по аритметика од 1966 година. Во наставниот план се вклучени и предмети како „Словенски јазик“, кој во суштина претставува изучување на рускиот јазик, како и „Кино“ и „Музика“, каде на децата им се прикажуваат руски филмови и се пеат советски песни.

Директорка на нелегалното училиште е Ана Болгова, која во февруари 2025 година основала и православна институција под името „Перспектива“. Таа отворено изјавува дека училиштето се придржува до советскиот образовен модел, при што основното образование е скратено од четири на три години. Според неа, формалниот статус на „семеен клуб“ е свесно избран, бидејќи овозможува избегнување на институционална контрола. За да се заобиколи законот, учениците формално се запишани во легални украински училишта, вклучително и лицеј во близина на Киев и училишен комплекс во Донецката област, каде што нивната документација се чува, додека реалната настава се одвива во манастирот. Директорите на овие институции потврдиле дека децата се само административно заведени кај нив.

Дополнителни сомнежи предизвикува и финансирањето на училиштето. Иако официјално се тврди дека платите на наставниците се покриваат од минималните придонеси на родителите, новинарите посочуваат дека постои сериозно сомнение за дополнителни финансиски средства, најверојатно од Русија.

Настојателот на манастирот, архиепископот Исаакиј Ворзелски, кој според наодите лично ја обезбедил и реконструирал зградата за училиштето, во меѓувреме избегал во правец на Молдавија и не е достапен за коментар.

Случајот отвора и пошироки прашања. Авторот на анализата изразува сомнеж дали слични приватни „православни“ училишта во други земји, па дури и на Балканот, не функционираат по ист модел и дали не се користат како канали за руска пропаганда, финансирана со државни средства.

По објавувањето на истрагата, Државната служба за квалитет на образованието во Украина соопшти дека, по налог на Министерството за образование и наука, ќе ги испита сите наведени факти и ќе преземе законски мерки против одговорните лица, доколку се утврдат прекршувања.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img