Почетна Анализа Хусамедин-пашината џамија го крие клучот на верскиот соживот
Хусамедин-пашината џамија го крие клучот на верскиот соживот

Хусамедин-пашината џамија го крие клучот на верскиот соживот

367
0

Духот на еден верски објект го сочинуваат луѓето во него, животот, нивните обичаи, низ сите епохи. Тој е сведоштво на нашето минато, сегашност и иднина. Еден таков дух кој пркоси на сите времиња и кој мистично се издгинува  на ридот од левата страна од градот Штип е – Хусамедин-пашината џамија.

Џамијата „Хусамедин-паша“ датира од 16-тиот век и била во употреба сè до 1945 година, кога била затворена. Во 1953 година објектот служел како галериски простор на музејот во Штип до 1956, по што немал некоја посебна функција. Според одредени автори, џамијата била изградена врз темели на постара црква од 13-ти век (подоцна урната од Турците-Османлии) посветена на Светиот пророк Илија. Тоа ја потврдува и самата местоположба на објектот која доминира над градот, како и крстовидната основа на џамијата. Православните верници се собираат еднаш годишно во дворот на џамијата за да го одбележат празникот Свети Илија. Посебно интересно е што во дворот се наоѓа турбето на самиот Хуса Медин кој бил познат исламски мистик и дервиш. Неговиот гроб е заклучен со катанци кои никој не може да ги отклучи. Еден од тамошните жители вели дека, според легендата, оние кои ќе го отклучат гробот на Медин-баба ќе пронајдат големо богатство.

До 2006 година одбележувањето на празникот Свети Илија се одвивало во самата џамија, а од мај истата година со одлука Владата го доделува објектот на Исламската верска заедница која повторно го става во употреба. Оттогаш па наваму, православните верници еднаш годишно своите обреди ги вршат на отворениот трем пред влезната врата каде палат свеќи, се молат и во вдлабнатините редат мали подароци на ткаенина и цвеќиња. Во 2010 година, МПЦ прави претставка за земјиштето под џамијата и добиваат Решение со кое истото се приватизира, а за кое ИВЗ со години чека негово поништување.

Локалното население има различен став во однос на тоа кој има право да го користи светилиштето. Некои сметаат дека треба да се изгради нова црква на иста локација, бидејќи постојниот објект е многу оштетен и деформиран, но археолошки истражувања кои треба легитимно да потврдат дека во темелите постои црква не се направени. Други сметаат дека најдобро решение за храмот би било да ја обноват постојната џамија бидејќи подлежи под заштитен режим како споменик на културата. Но, бидејќи објектот е прогласен за споменик на културата, тој припаѓа истовремено и на верската заедница и на државата, односно се наоѓа во паралелно законско двојство. Тоа е уште еден елемент плус истиот да не може да се оттуѓи.

И додека траат имотно-правните спорови, Хусамедин-пашината џамија/црква Свети Илија се наоѓа во алармантна состојба. Покривната конструкција е оштетена, куполата е конструктивно нестабилна и прокиснува. Перманентната влага на ѕидовите и венците предизвикува ронење и уривање на делови од камените венци и камени блокови од ѕидовите. Надворешната орнаментика полека исчезнува. Постои опасност од згаснување на ова така значајно духовно обележје од нашето минато, прогласено за значајно културно наследство на Република Македонија.

Решението лежи во ревитализација на објектот кој ќе биде во функција за сите, и за муслиманите и за христијаните, кое ќе одговара на сите жители на градот. Тоа може да се постигне само во духот на толеранција. Без разлика на кого му припаѓа објектот, еден споменик на културата поседува белези кои треба да бидат заштитени, истакнати и презентирани пред домашната и светската јавност.

Сите религии поучуваат дека верските објекти се места каде луѓето можат да ја манифестираат својата вера преку помагање на другиот, љубов и хуманост. Така, исламот учи дека верските објекти се места каде што се формираат чисти човечки личности; тие се основен столб кој го насочува човекот кон совршенство на душата. Во христијанството, верскиот храм е телото Христово кое воскреснува на третиот ден. Телото е храм на душата. Светоста се состои во делата посветени на ближниот, а верскиот обред е припрема за едно такво совршенство. Во еврејството, „собата за молитва“ се нарекува „воена соба“ бидејќи во неа човекот се бори со самиот себе, се преиспитува и го анулира своето его и негативни страни.

Токму, можеби, тоа е клучот кој треба да го отвори гробот на Медин-баба. Ако дозволиме во современиот свет да нè надвладеат темните сенки од минатото, тогаш влегуваме во опасност да гледаме на верските објекти како маркери на територијата која се „освојува“, етнички, политички, верски. Хусамедин-пашината џамија/Свети Илија е споменик на културата и припаѓа на сите нас, таа е наше заедничко добро. Ако објектот со својата старост и вредност има споменички обележја, и е од културно значење, треба да го почитува заштитниот режим по закон. Во тој случај, најдобро би било истиот да се препушти на конзерваторите, т.е. на државните галерии и музеите, кои ќе му дадат една модерна нота и ќе ја афирмираат, популаризираат и сочуваат неговата вредност за сите генерации.

На тој начин, не само што ќе ги заштитиме нашите спомен обележја од пропаѓање, физичко и духовно, туку, како во легендата на турбето, ќе отвориме едно големо богатство пред светот. Ќе привлечеме многу странски туристи, а истовремено, верскиот соживот со сите негови културни белези ќе го промовираме во светски рамки.

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *