По измените во програмата за сеопфатно сексуално образование, ХЕРА обвинува дека под притисок на верски и конзервативни кругови се отстрануваат важни содржини за родова еднаквост, контрацепција и сексуално и репродуктивно здравје. Организацијата бара од Министерството за образование да ја преиспита ревидираната програма и да ги врати научно заснованите содржини.
„Црквата има право да ги застапува своите верски учења, но нема мандат да ја заменува науката во училниците“, се наведува во реакцијата на ХЕРА, објавена на 2 ноември.
Организацијата остро реагира на измените во програмата, која сега е преименувана во „Здравје и заштита на здравјето“. Според ХЕРА, со ревизијата се отстрануваат или се ослабуваат содржини што им помагаат на младите да препознаат насилство, да постават лични граници, да се заштитат од несакана бременост и сексуално преносливи инфекции и да побараат помош.
„Кога од образованието се отстрануваат научни поими и се ослабуваат содржините за превенција, децата не стануваат позаштитени. Напротив, им се одзема можноста навреме да научат како да се заштитат“, наведува ХЕРА.
Особено загрижувачки, според организацијата, е тоа што измените следуваат по јавните реакции и притисоци од верски и конзервативни кругови. ХЕРА потсетува дека Северна Македонија е секуларна држава и дека наставните програми треба да се креираат врз основа на научни докази, педагошка експертиза и јавноздравствени потреби, а не според верски убедувања.
Како аргумент за потребата од сеопфатно сексуално образование, ХЕРА наведува податоци според кои околу 12.000 деца на возраст од 12 до 17 години во земјава биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба преку интернет во период од една година. Според истите податоци, 78 отсто од сторителите биле лица што децата ги познаваат, а 52 отсто од случаите се случиле преку социјалните мрежи.
Организацијата наведува и дека во 2024 година биле родени 588 деца од мајки на возраст од 15 до 19 години, како и дека само 19 отсто од анкетираните деца изјавиле дека добиле некаков вид сексуално образование.
ХЕРА се повикува и на научните препораки на Светската здравствена организација и УНЕСКО, според кои возраста соодветното сеопфатно сексуално образование им помага на младите да донесуваат информирани одлуки, да градат здрави односи и да го намалат ризикот од сексуално насилство, несакана бременост и сексуално преносливи инфекции.
Од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието организацијата бара да ја преиспитаат ревидираната програма, јавно да ги образложат причините за измените и да спроведат транспарентна стручна ревизија со учество на експерти од образованието, здравството, психологијата и родовите студии.
„Децата имаат право на знаење, а не на цензурирана реалност. Имаат право на заштита, а не на премолчување на ризиците со кои се соочуваат“, порачува ХЕРА.

