Почетна Коментар Грчкиот карактер на Свети Павле
Грчкиот карактер на Свети Павле

Грчкиот карактер на Свети Павле

258
0

За искрени и посветени христијани Светото писмо е последното нешто што би смеело да се употреби за политички цели. Всушност, за овој фундамент на христијанската вера, кој не учи на доброто и љубовта меѓу луѓето, никој никогаш не би смеел да си дозволи таква употреба. Најмалку претседател на една држава. Но, на шефот на грчката држава, која, нели, многу држи до православното христијанство, тоа не му попречи дури и зборовите на еден апостол да ги стави во политичка злоупотреба за да докаже колку многу го имале право на името на Македонија.

За тоа какво теолошко образование има Прокопис Павлопулос може да имаме дилеми, исто како и за знаењата на оние што околу него го советуваат и го слушаат. Но за она што го кажува, за тезата што сега ја пласира на денот на грчкото празнување на светите апостоли Петар и Павле и на годишнината од ослободувањето на Kавала. Не треба да се има дилеми.

Да се тврди дека апостолот Павле со своето Послание до Филипјаните го потврдил грчкиот карактер на Македонија е директна злоупотреба на овој христијански извор за политички потреби. А неговите потреби се одново да ја покаже грчката непопустливост во спорот за името што го има со нашата земја.

Досега слушнавме многу грчки примери за тоа како не смееме да го користиме името Македонија и Македонците. Сме биле „крадци на историјата“, сме биле „пелагонци“, „скопјани“… што не се, само за да не можеме да го имаме правото да го користиме македонското име. Но, досега никој од Грција не се дрзнал за докажувањето на тоа да го употреби и она што е запишано во апостолските посланија. Сега и тоа се прави во име на докажувањето на „грчкиот карактер на Македонија“ иако никаде во Светото писмо не може да се најде основа за такво нешто.

А како и би можело кога христијанството ги учи луѓето да не се делат по тоа кој од кој народ е, од каков пол е, од која држава е, туку дека е најважното тоа да се биде едно во заедничката црква чиј темел е Исус Христос. Затоа, кога некој ќе се повика на тоа дека апостолот Павле го докажал грчкиот карактер на Македонија, не може а да не биде ерес, криво и погрешно учење не кое не смее да му се дозволи да почне да се шири. Оти ако она што е запишано во Библијата почне да се толкува и шири на таков начин, сите треба да се плашиме за нашата иднина.

BrankoА апостолот Павле убаво си зборуваше: „Ако ги зборувам човечките и ангелските јазици, а љубов немам – тогаш сум бронза што ѕвони, или кимвал што ѕвечи, и ако имам дар за пророкување, и да ги знам сите тајни и сите знаења; и ако ја имам сета вера, така што да преместувам и планини, а љубов немам – ништо не сум…“

Пишува: Бранко Ѓорѓевски – (ДНЕВНИК)

/ДНЕВНИК

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *