Со свечени богослужби во манастирот „Свети Наум Охридски Чудотворец“ на брегот на Охридското Езеро беше одбележан споменот на еден од најпочитуваните светители – свети Наум Охридски.
Прославата почна на 2 јули, во пресрет на празникот, со празнична вечерна богослужба, на која началствуваше митрополитот Брегалнички Иларион, на покана на надлежниот архијереј, митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј. На богослужбата молитвено присуствуваше и митрополитот Европски Пимен, а сослужуваа игуменот на манастирот, архимандритот Нектариј, архимандритот Доситеј од Бигорски, како и свештенослужители од Дебарско-кичевската епархија.
Следниот ден на празникот, 3 јули, во манастирскиот храм беше отслужена Света архијерејска Литургија со која началствуваше митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј. Во богослужбата сослужуваа митрополитот Брегалнички Иларион, митрополитот Европски Пимен, како и свештенството од епархијата.
По завршувањето на Светата Литургија, архијереите отслужија мал водосвет, по што го благословија и го пресекоа празничниот леб во чест на свети Наум Охридски.
Манастирот „Свети Наум“, кој се наоѓа на јужниот брег на Охридското Езеро, и оваа година беше место каде што голем број верници од Македонија и од странство се собраа за молитвено да го одбележат празникот на Охридскиот Чудотворец.

