Почетна Анализа ФЕЉТОН – Балканските православни цркви во политиката на советскиот сојуз – БУГАРСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА (4)
ФЕЉТОН – Балканските православни цркви во политиката на советскиот сојуз – БУГАРСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА (4)

ФЕЉТОН – Балканските православни цркви во политиката на советскиот сојуз – БУГАРСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА (4)

417
0

Балканските православни цркви во политиката на советскиот сојуз, првите години по втората светска војна е научен труд на полскиот историчар и балканист Тадеуш Чекалски. Станува збор за исклучително вреден научен труд кој се обидува да го лоцира влијанието на Руската православна црква врз балканските православни цркви, почнувајќи веднаш по Втората Светска Војна. Религија.мк, ќе го објави целиот текст во форма на фељтон во неколоку продолженија, од кои се добива јасна слика за империјалистичките и територијални претензии на Руската црква врз балканските цркви.

Овој труд на професорот Тадеуш Чекалски првпат е објавено во Balcanica Posnaniensia vol. 30 (December 2023).

Авторот Чекалски е полски историчар, балканист, доктор по хуманистички науки. Работи како професор на Институтот за историја на Јагелонскиот универзитет. Се занимава со историјата на Балканот во 19 и 20 век и социјалната историја на Европа во 19 и 20 век. Автор на 10 книги и над 70 научни статии. Член на Комисијата за балкански студии при огранокот во Познањ на Полската академија на науките и Централноевропската комисија на Полската академија на науките. Од 2019 година, член на Дисциплинскиот совет за историја на Јагелонскиот универзитет .

БУГАРСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

Како и во случајот со Албанија, крајот на војната ја најде Бугарската црква во состојба на длабока структурна и морална криза. Автокефалноста на Бугарската егзархија, објавена во [1870] година, беше осудена од Константинопол, кој до 1945 година признаваше дека Бугарската црква сè уште ѐ под јурисдикција на Вселенскиот патријарх. По смртта на егзархот Јосиф (Јовчев) во 1915 година, неговиот наследник не беше избран, а Црквата беше колективно управувана од Светиот синод, останувајќи под надзор на државните органи. Долгорочна соработка со авторитарниот режим на власт во Бугарија и двосмислениот однос кон соработката на бугарските власти со нацистичка Германија значително го намалија престижот на Црквата во општеството и ја ставија во тешка ситуација пред лицето на комунистичката партија која ја презеде власта во Бугарија. Барањето да се реформира Црквата и да се дистанцира од државната политика беше изнесено од група архиереи на чело со митрополитот софиски Стефан (Шоков). Софискиот собор свикан од него и започнат во ноември 1939 година, не доведе до пробив, туку иницираше спроведување на програма што требаше да го зајакне угледот на Црквата во општеството и во иднина да ја обнови патријаршијата.

За време на војната, Црквата презеде чекори за да постигне автономна позиција, не секогаш во согласност со политиката на владата. За тоа сведочат апелите на митрополит Стефан за мир, како и дејствијата преземени во одбрана на бугарските Евреи. Проруските декларации на Стефан беа исто така сосема јасни. Уште пред Патриотскиот фронт да ја преземе власта, тој се прогласи за поддржувач на бугарската неутралност и соработка со Русија, на која „Бугарите треба да ѝ бидат благодарни за нивното ослободување од отоманскиот јарем.“

Набргу по септемврискиот пуч во 1944 година, што доведе до преземање на власта од Татковинскиот фронт, Стефан се појави на Софиското радио, пренесувајќи ги поздравите од Светиот синод до новите власти со уверување дека заедничката цел на новите власти и Црквата е среќната иднина на бугарската нација.

Од формална страна, до октомври 1944 година, функцијата претседавач на Светиот Синодот ја држеше видинскиот митрополит Неофит (Караабов). Писмо испратено на 5 октомври од московскиот патријарх Алексеј до Стефан, во кој тој го нарекува первосвятитель [првојерарх], јасно сугерира кој од бугарските архиереи ја уживал најголемата доверба на Москва. По оставката на Неофит, митрополитот софиски стана нова глава на Светиот синод на 16 октомври.

Информации кои доаѓаат од советски дипломати во Софија ги потврдија надежите положени врз Стефан, за целосно потчинување на Бугарската црква од страна на Москва. Советските претставници во Сојузничката контролна комисија, Александар Черепанов и Димитри Јаковлев редовно се состануваа со Стефан, опишувајќи го како поддржувач на советската доминација на Балканот и ограничувањето на британското влијание во областа. Митрополитот го изрази своето уверување дека новоизбраниот патријарх на РПЦ треба да дојде во Бугарија и да постави патријаршиски клобук на неговата глава, што би можело да ја зацементира доминантната позиција на РПЦ не само во Бугарија, но и на целиот Балкан. Помошта на Москва се покажа како клучна за потврдувањето на бугарската автокефалност од Константинопол на 22 февруари 1945 година и за крајот на расколот кој траеше повеќе од 70 години. Рускиот патријарх пристигна во Софија во летото 1946 година. Посетата не доведе до тоа на бугарскиот егзарх да му биде доделено патријаршиското достоинство, но ја зацементира неговата слика како „сојузник на Москва“ и го засили противењето на клириците од Светиот синод, кои не ја прифаќаа растечката ароганција на Стефан.

Еден од последните успеси на егзархот во содејство со Москва беше добивањето на заем за реконструкција на софиската катедрала во мај 1947 година. Износот од 555.000 рубљи беше наменет, според верувањето на Георги Димитров, за зајакнување на проруските чувства во раководството на Бугарската црква.

Убеден во својата привилегирана положба во односите со Москва и своето неизбежно издигнување на патријаршиски престол, Стефан почна да ја презема улогата на советник во својата преписка со патријархот Алексиј од средината на 1947 година. Егзархот ја критикуваше доминацијата на Грците во православниот свет и преовладувачкото верување дека Константинопол треба да биде „мајка на сите православни цркви“, бидејќи „ние сме доволно 0силни да го поправиме и обновиме својот православен живот без помош од Грците.“ Скептицизмот во Москва можеби бил предизвикан од предлозите на Стефан да се приклучат на западноевропското екуменско движење – бидејќи тоа би им овозможило на Православните да излезат од изолација.

Во јуни 1947 година, Стефан се обидел да преговара со патријархот Алексиј за темата на сеправославна конференција во Москва, притоа наговестувајќи дека тој би можел да не дојде на конференцијата поради нарушено здравје. Однесувањето на бугарскиот архиереј предизвика толку голема загриженост во Москва што лидерот на Бугарската комунистичка партија, Георги Димитров, беше упатен да преговара со него. Поволните промени во деноминациската политика на државата која Димитров ја најави во својот разговор со Стефан (вклучувајќи го и задржувањето на Богословскиот факултет во состав на Универзитетот во Софија) ги ублажи сомнежите на клирикот, кој требаше да отпатува оттаму директно во Москва по своето лекување во Карлови Вари на сметка на бугарската држава.

Политичкото влијание што го уживаше егзархот во Москва предизвика завист кај бугарската црковна јерархија, која се обиде да го дискредитира Стефан, информирајќи го раководството на Комунистичката партија за неговата прозападна ориентација. Фактите од неговото минато беа користени против егзархот, вклучувајќи ги и неговите посети на Лондон во 1910 година, каде што бил во контакт со масонски кругови. Подеднакво опасни од перспектива на Москва беа поранешните контакти на Стефан со западноевропското екуменско движење и Џон Мот, еден од водачите на YMCA.  Овие стравови беа потврдени и од самиот егзарх, кога во 1948 година неуспешно бараше можност да се приклучи на екуменското собрание во Амстердам.

Во септември 1948 година, со одлука на Политичкото биро на Бугарската комунистичка партија, Стефан беше сменет од функцијата под изговор за нарушено здравје и беше интерниран во село Бања во пловдивскиот округ. По неговото сменување, егзархијата беше укината, а главниот противник на Стефан, митрополитот врачански Паисиј (Анков) ја презеде функцијата претседавач на Светиот синод. Обемот на дозволената црковна дејност беше определен со Законот за верски здруженија, по моделот на советските решенија. На свештениците им беше забрането да одржуваат странски контакти и да ги критикуваат политичките власти. Верската активност беше ограничена на внатрешноста од храмовите, со минимални можности за обука на свештениците и објавувањето на црковни списанија.

Во декември 1952 година Бугарската православна црква беше претставена од митрополитот пловдивски Кирил (Константинов) на Светскиот мировен совет во Виена (контролиран од Кремљ). Довербата што ја уживаше во раководството на Комунистичката партија беше поврзано со неговите активности во Комунистичкото движење во раната младост, а устоличувањето на Кирил како патријарх (10 мај 1953 година) го круниса процесот на ставање на Православната црква под целосна државна контрола.

(ПРОДОЛЖУВА)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *