Советот на Европската Унија го усвои 21-от пакет рестриктивни мерки против Русија, воведувајќи нови економски санкции и значително проширувајќи ја листата на физички и правни лица кои се предмет на мерките, како одговор на продолжувањето на руската војна против Украина.
Според официјалното соопштение на Советот, најновиот пакет содржи „силни економски санкции насочени кон секторите кои имаат најголемо влијание врз руската економија и врз нејзината способност да ја продолжи агресивната војна против Украина“.
Новата листа на санкции е најобемната што Европската Унија ја усвоила во последните четири години и опфаќа 218 нови субјекти, односно 48 физички лица и 170 правни лица, но на нејзе не се најде Рускиот патријарх Кирил.
Советот наведува дека мерките следуваат по, како што се истакнува, неодамнешните „намерни и брутални воени напади“ на Русија врз цивилната инфраструктура, вклучувајќи енергетски објекти, водоснабдителни системи, здравствени установи, како и културни и верски објекти. Според ЕУ, овие напади предизвикале сериозни последици и страдања за цивилното население.
Европската Унија повторно ја потврди својата решеност да го задржи и дополнително да го засили притисокот врз Русија, со цел да се стави крај на војната и Москва да биде принудена да се вклучи во суштински преговори за постигнување праведен и траен мир.
Коментирајќи го усвојувањето на новите санкции, високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, изјави дека Русија ќе седне на преговарачка маса само доколку биде изложена на постојан притисок.
„Русија ќе седне на преговарачката маса за да ја запре својата незаконска војна и да престане да убива цивили само ако биде принудена со притисок. Нашите санкции го зголемуваат тој притисок“, изјави Калас.
/orthodox times

