Почетна Проповеди Единството во Бога – најцврсто единство
Единството во Бога – најцврсто единство

Единството во Бога – најцврсто единство

282
0

Беседа на Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан изговорена на бдението во чест на Пречистанските преподобномаченици, во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје

Често размислувам на онаа порака од царот Давид кога, со восхит, вели: Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат еднодушно (Пс 132, 1). Гледајќи го овој свештен собир, ова молитвено сеноќно собрание, во овој возобновен Богородичен храм во Скопје, ме наведува токму на овој боговдахновен совет на старозаветниот мудрец.

Со доаѓањето на верници од повеќе краеви и места, и монаси од различни манастири и епархии, покажуваме што ни е најпотребно како народ и Црква, и денес и утре, и секогаш! – Најпотребно ни е единството, духовното единство меѓу нас! Па, ако Бог ни е Отец на сите, тогаш сите сме браќа меѓу себе, и од тоа единство, од единството во Бога, од единството во верата – нема поголемо единство! Вака, преку единството со ближните околу себе, се учиме на единство со сите. Нам, пак, на членовите на Црквата, најмногу ни доликува токму тоа – да градиме единство со сите.

Молитвата е најдобриот начин во градењето на единство меѓу луѓето, а особено меѓу верниот народ. Како чеда на свети Климент Охридски и потомци на плејада духовници, богољупци и човекољупци, должни сме на дело да покажеме дека сме достојни рожби на родот и Црквата наша. И црнорисците и верниците – сите сме повикани да дадеме свој придонес во градењето и чувањето на нашето единство како народ и Црква.

STEFAN 2Но подолг период, за жал, скоро секојдневно слушаме или читаме за многубројни несогласувања, за неединство меѓу нашиот народ, а таа појава не ја заобиколи ниту ерархијата на нашата Света Црква.

Поделбите по партиски и други основи, прераснаа дури и во непријателства што оправдано предизвикуваат загриженост меѓу нашиот народ. Последиците се веќе видливи, но да се молиме истите да не остават подлабоки траги… И верувам дека секој, или повеќето меѓу нас, си го поставуваат тоа прашање: што да правиме, за да се надмине состојбата во која се наоѓаме? – Нема друг излез, туку најпрво и неодложно да почнеме од себеси, па со сите околу нас, да започнеме борба против неединството и поделбите, да започнеме борба и со своите страсти и похотни желби и намери, да започнеме градење на единство, а тоа најдобро ќе го направиме со нашето враќање – кон Бога!

STEFAN 1Често се случува вината да ја гледаме во другиот, да ја префрламе на другиот, па дури и беспоштедно газејќи преку другите, да сакаме да ги оствариме своите намери и цели, и тоа на сметка на општото добро. Но ако се вратиме кон Бога, сме се вратиле и кон луѓето! И ако знаеме како со Бога, ќе знаеме како и со луѓето!

Ако сме вистински членови на светата Црква, ако сме христијани не само по името, туку и по делата, како што вели свети Климент Охридски (Поука за спасение на душата), ако сме достојни на името што го носиме, тогаш ќе ја разбереме и онаа порака на свети апостол Павле, кој вели: Ве молам, браќа, во името на Господ наш Исус Христос, да нема расправија меѓу вас…(1. Кор 1, 10), односно гледајте никој никому да не враќа зло за зло, туку секогаш барајте добро еден на друг, и на сите (1. Сол 5, 15).

Ете, колку малку се бара од секого од нас – а заради нас! Затоа да го градиме и чуваме единството меѓу нас, зашто во единството е најголемата сила на секој народ и на секоја Црква!

STEFAN 4Последниве месеци, гледајќи ја мигрантската криза и честите терористички напади, чиниш живееме во апокалиптичко време. Веројатно, токму поделбите по многу основи, посебно на политички и економски, предизвикуваат најголеми несреќи и неволји меѓу народите. Во ова наше време, како никогаш досега, војуваат едни и други, а страдаат трети народи и земји. Некаде има дури војни без војни, каде што за свој интерес, обично економски и геостратегиски, совршените во злото предизвикуваат невидени трагедии меѓу многу невини народи.

Ваквите заеднички молитвени собранија, нека продолжат и нека бидат потврда дека она што го говориме – и го живееме, и во овие времиња преполни со искушенија, нека бидат повик до секого – конечно да сфатиме до каде стигнавме со нашето неединство!

Ви благодариме на сите што дојдовте вака заедно молитвено да го одбележиме и споменот на светите тројца Пречистански новомаченици и на св. Лидија првопокрстената Македонка, и да им се помолиме ним и на сите наши светии, со Мајката Божја, да се застапат пред Бога за нашиот народ и Црква! Амин!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *