Струга на 7 мај повторно, по деветти пат ќе биде центар на најмасовната Ѓурѓовденска литија што ја организира Македонската Православна црква, преку Бигорската Обител.
За прв пат покрај моштите на Светиот Великомаченик Георгиј и чудотворната икона на Св. Ѓеоргиј Победоносец, ќе биде носена и Чудотворната икона на Пресвета Богородица позната како Пречистанска (Крнинска) икона на Мајката Божја.
-Богато украсена и носена од верните граѓани на Кичево, оваа чудотворна икона на Пресвета Богородица заедно со чудотворната икона на Св. Георгиј Победоносец, во чија чест и слава всушност и се организира Струшката литија (позната меѓу народот и како Ѓурѓовденска), ќе бидат мелем за очи и душа, за сите присутни Стружани и гости на Струга не само од Македонија, туку и од странство. И бидејќи Струшката Литија (Еордија) веќе одамна е прогласена за културно наследство на Македонија и прерасна во семакедонски настан, оваа година за прв пат, моштите на Светиот Великомаченик Георгиј, ќе бидат носени, не како досега од четворица видни граѓани на Струга, туку и од жители од другите градови на нашата земја, велат од Бигорската Обител.
Годинава за прв пат и членовите на „Ансамбл Македонија“ исто така ќе бидат дел од настанот, но програмата со којашто ќе настапат, се чува како изненадување за присутните.
Ова е 9-та година, откако во полн сјај е обновена струшката традиција за одржување на Свечена литија секој 7-ми мај, ден по Ѓурѓовден, а во чест и спомен на Св.Георгиј Победоносец – заштитникот на градот Струга.
Во продолжение погледнете до спот што го најавува настанот.
Струшка литија – рекламен спот from Bigorski Manastir on Vimeo.