Четворица бискупи во Скопје служеа за 10 години од канонизацијата на Мајка Тереза

Date:

Share post:

Скопје вчера беше во знакот на света Мајка Тереза – четворица католички бискупи заедно служеа на свечената света Миса во катедралата „Пресвето Срце Исусово“, по повод десет години од нејзината канонизација.

Мисата ја предводеше мостарско-дувањскиот бискуп Петар Палиќ, а во сослужение беа скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх Киро Стојанов, сремскиот бискуп Фабијан Свалина и зрењанинскиот бискуп Мирко Штефковиќ.

Светата Миса беше централниот и завршен настан на „Деновите на света Мајка Тереза“, кои во Скопје се одржуваа од 26 август до 5 септември.

Во воведот, бискупот Стојанов потсети на посебната врска меѓу Скопје и светицата.

Тој рече дека и десет години по нејзиното прогласување за светица сè уште му одѕвонуваат зборовите од свеченоста во Рим, кога ликот на Мајка Тереза беше поставен на фасадата на базиликата „Свети Петар“.

Но, зад светската икона, како што потсети Стојанов, стои едно скопско дете – девојчето кое се молело, растело и ги минувало улиците на овој град, пред нејзиниот живот да стане познат во целиот свет.

„Токму по улиците на Скопје чекорела онаа која подоцна целиот свет ќе ја нарекува едноставно Мајка“, беше пораката упатена на почетокот од мисата.

Во проповедта бискупот Петар Палиќ зборуваше за Мајка Тереза како за жена која Евангелието не го проповедала само со зборови, туку го претворила во начин на живот.

Потсетувајќи на библиските читања, тој говореше за повикот да се раскинуваат оковите на неправдата, да се дели лебот со гладните и да се биде близу до оние кои страдаат.

Токму тоа, според Палиќ, станало животна програма на Мајка Тереза.

Таа во болниот, сиромашниот, отфрлениот, осамениот и човекот на умирање го гледала Христовото лице. Сиромаштијата за неа, нагласи бискупот, не била само бројка или статистика, туку конкретен човек со име, приказна и достоинство.

Палиќ се осврна и на духовната темнина низ која минувала светицата во голем дел од својот живот. И покрај чувството дека Бог молчи, таа останала верна на молитвата, Евхаристијата и служењето на човекот.

По светата Миса беше одржана молитвена процесија со иконата на света Мајка Тереза околу катедралата.

Бискупите, свештениците, чесните сестри и верниците заедно го придружуваа ликот на светицата по улиците околу храмот, во потсетување на нејзината врска со градот во кој е родена.

На мисата присуствуваа верници од повеќе парохии, претставници на црковни заедници, институции и дипломатскиот кор.

Свеченоста беше збогатена и со настапите на катедралниот хор, под диригентство на Јулија Нелковска, оргулистот Филип Костов и детскиот хор „Бели Ангели“ од Загреб, под диригентство на сестра Цецилија.

Од 26 август до 5 септември во Скопје беа одржани духовни, културни и хуманитарни настани посветени на животот и наследството на светицата која од Скопје тргна кон светот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img