Почетна Коментар Бачка Турлитава
Бачка Турлитава

Бачка Турлитава

10.06K
1

Колку 24 Kitchen да звучи насловчево, сепак ја изразува сета трагикомичност во која сме на црковно ниво, ама не ја ограничувајте констатацијава само на овој аспект – ние сме за жалење во многу сегменти од нашето современо живеење.

Ќе се потрудам да дадам мој мирјански поглед на повторното доаѓање на Српскиот патријарх во Македонија. Не дека не треба да доаѓа, да се држат заеднички литургии, тоа е позитивно. Ама, ми остави впечаток суровата вистинитост на еден коментар на социјалните мрежи по овој повод, чија профилна е со блескави вергини: „Некако многу набргу се случуваат овие заедничкиве… се прашувам нешто да не не е во ред или некој сака да кажи дека тие се уште газди во јужна Србија“. Ако би го продолжел изнесувањето на својот став, типацов сигурно би се прашал: Брате, кад чу ја код тебе, веќ три пута си долазио?

И ова „пак и пак“ доаѓање беше во севкупниот манир како претходните. Од приватен авион – лет до Ск., сместување во хотел, до ручкање во фенси ресторани со винарии, државен третман, и пак назад со авиончето – за да се докомплетира не толку евтиниот цек за оваа авантура. Знаете, во услови кога народите од двете страни на границата страдаат и во економска и во социјална – така речи животна неизвесност. Да не зборуваме за кризата на духот, во голема мера допринесена од неадекватноста меѓу духовните, за што како опис најсоодветен е оној дел од евангелијата кога се зборува за крадци, трло и овци. Ама ако – никад не сум бил присталица дека црковниците не треба да користат дозволени поволности, за да си олеснат, ама има разлика: Порфириј првиот пат, на 24 мај, дојде со цел за поздравување – да ни каже дека СПЦ грешела што така се однесувала кон МПЦ, добро – не се баш извини, ама рече дека нема ништо против тоа Црквата да ни е автокефална; вториот пат да нè обедини со ПОА, ама и тоа беше обединување типично за нашата тесноградост (замислете не богослужеше владиката Јован); ама ова третото, ич не можам да го разберам – доаѓа во еден од манастирите на МПЦ, историски важен, ама современо незабележлив поради некапацитетноста на моментните негови корисници, без специфичен повод, на покана, како што стоеше во соопштението, од месниот владика. А го канеле и други месни владици, па не им дошол. Ова ми дава доволно право дека и јас можам да си го викнам Порфириј да ми крсти света водичка по дома. Некако сака да доаѓа во Македонија, во отстапените на користење светињи. Си доаѓа по дома, значи. Можеби сега ќе ги изреди сите манастири: Свети Наум, Бигорски, Марков…. Да се направи и инспекција, а и да се посетат древне српске немањичке светиње. И, од кога ова вака – министер или градоначалник да поканат премиер или претседател на држава во официјална посета? Или не се снаоѓа дедово Стефан во улогава, но мене почнува да ми изгледа дека каде ќе му речат таму застанува и тоа прави, ама и некако како да не му е грижа каде застанува и што прави. Како изваден експонат од куфер. Не дека е нешто ново, дваесет и кусур години е некако вака – апатично, безидејно, недејствено, ама сега е на очиглед на светот. Него и овој дедо Порфириј не го разбирам – знае ли кој го поканил и на чија покана се одзвал? На двајца речиси анонимуси во општата јавност, кои функционираат по принципот на дуализам. Не е дека не се знае како едниот беше суспендиран своевремено за финансиски малверзации, а за тоа пишуваше и порталот Религија.мк, па потоа одеднаш стана владика, а на владичењето му беше одбрано друштво удбаши који су ужичко коло оплели. Во таа прилика еминентниот црковен аналитичар Маријан Николовски напиша: „Денес се интронизираше митрополит или се бираше Архиепископ?“. Да, овој првиов, по сè изгледа, е длабоко успан во тој сон. Вториот, пак, како што официјално беше пренесено, се самопензионира поради непозната болест, а всушност сите ја знаат, зашто се раскажуваат нешта по бербери, дуќанџии и таксисти во Куманово. Каде има чад, има и оган. И сега дедо Порфириј, духовник со кредибилитет, во македонски манастир без особен повод, на покана од компромитиран кариерист и притаен русофил. И што да си помисли паметен човек?

Ќе се поправам малку од претходно, па ќе кажам дека она што за нашиве овде е непотребна авантура, за Српскиот патријарх е стратегија, која тој до сега ја спроведува по замисленото и ни за момент не отстапува од задача што му додели менторот. Тој е оној ист, кој со години нашите владици го посочуваа за главен кочничар на МПЦ (Агатангел дури и се препукаваше со отворени писма со него)… Да, тој што до вчера не признаваше ни македонска нација, ни македонска држава, опишувајќи не како „скопјани“ и со постојана циничност употребувајќи го она понижувачко БЈРМ, додавајќи дека сме некаква „пара црква“ и расколници. И сега одеднаш многу љубов, како да настанала амнезија, а и многу македонство од нивна страна – па тие повеќе го употребуваат она на -М- од нашите политичари. Додуша секогаш побаруваа некакво покајание од наша страна, кое само со едно писмо, што никогаш не го виде светлото на јавноста, го добија. Што побогу тогаш се чекаше годиништа, па се создаваше и внатрешна омраза меѓу народите, се врескаше по нашите верници по српските манастири и се инсталираа паралелни структури… Кога сме кај последниве, да не си им во кожата на владиката Јован и неговата екипа, ама така завршуваат таквите. Позната е онаа – револуцијата ги јаде своите деца. Кога употребната вредност на ПОА го достигна својот максимум по повеќе основи, најмногу за дискредитација на МПЦ во православниот свет, настапи втор дел од Бачката турлитава стратегија: освојување на МПЦ врз основа на симпатии, додворувања, чешкање, знаете каде – да не бидам експлицитен, и мотивирање на задоволства и суети. Така МПЦ стана еден нов фронт за општо задоволство на баќушките, остана во сферата на јужносрбијанските митови и, за жал, стана магаре за товарење. Чекајте, вие тука навистина не сфаќате дека ние сега моментално сме во поголема изолација, отколку претходно? Ќе прашате, како? Па порано СПЦ ни беше скарана и не држеше настрана, а ние баравме правда и се обидувавме да ја кажеме својата вистина, гледајќи во неа омраза и непријателство. Сега не ни е скарана, многу сме во љубов, ама пак не држи настрана и ако сакаме да кажеме нешто, ќе ни речат ама не претерувајте, ете ви се даде. Што? Па да служите само со нас, што ќе ви е со Грци, Бугари, Романци, па не е важно како ќе ве наречат другите, ние кога збориме со вас и само со вас ве нарекуваме МПЦ. И ова ме потсеќа на споредбата: дај јас да сум добар со комшијата, не мора со целото село. А целта е доволно јасна – остануваме во нивната сфера на влијание, СПЦ си го враќа газдалукот на овие простори, а некои наши овде се комотни во единствениот познат амбиент, што ќе им се Ерусалим, Атос, Александрија…

Мене ми е жал што еден дел од народот пати од брзо настапувачка амнезија, ама онаа целосната. Ние сме ти во манирот на „лесна женска“. Едно намигнување од фраер и паѓаме во несвест, иако претходно не правел од лепешка подолу, а не е поинаку и сега – сака само да не искористи. Ало, сакам да сме си свои на своето, гледајќи и во очи на реалноста, без да се занесуваме, да си го зачуваме по општоприфатените принципи и услови она што ни остана. Како бе не гледате дека за некоја ситна, многу ситна декада ќе не има како кираџии во својот двор? Ама важно за користољубивите и плашливите додворувачи сега се пишувало историја. И во право се – се пишува историја, зашто не се создава иднината. Многу картковидност и ограниченост, ама важно утисак и национализам на најјако.

Мене ми е жал што СПЦ со млад поглавар како Порфириј, кој допрва има пат пред себе, место да ја игра улогата на балансер, зазема страна заради романтичарски национал интереси, а не ја гледа традицијата на верата како бескомпромисна заложба. Од патријархот Порфириј очекував потенцијал за духовност и мудрост, градител во општ интерес на сите, а не популист од евтина обланда и политикант, особено не трула духовност и пресметана црковна свест. А може да биде поинаку и подобро ќе е ако е така.

Мене ми е жал што дедо Стефан веќе го изгуби сиот кредит што го собра на почетокот на процесов и не цврстина покажува да предводи и обедини кон тоа што е на сигурни основи. Не знам што и како размислува, можеби уште е во филмот дека балансира, ама еве, му се посочува – веќе отворено не постапува добро ни за МПЦ, ни за македонскиот народ, ни за државата. Освен ако не го убедиле дека прашањево треба да се реши – да остане нешто и за нив да решат, во време на друга политичка власт. Да не се заборави дека некој од некаде гледа, ама и дека историјата ќе суди. А може да биде поинаку и подобро ќе е ако е така. На визионерите, храбрите, одлучните им се градат споменици и луѓето не ги забораваат. Како Архиепископот Доситеј…

п.с. Ме чуди како додржа Петар да не биде на овој настан и зошто немаше претставник на Руската црква?

Пишува: Alter Ego

Коментар(1)

  1. Турли тава или руска салата? Сеедно кога ирида на водка и евтина шљивовица.

    ПОА ги пуштија низ вода. Им заврши употребната вредност и сега на рециклажа или буниште. Уствари у Дељадровце како место каде ќе пишуваат мемоари за славното минато на ПОА и борбата за општење со вселената. А што очекуваа друго?

    Во секој случај Дељадровце слави… Конечно се исправи вековната неправда и местото стана седиште на митрополија. Или епископија? Абе како беше?!? Уствари и не е важно како беше. Важно е да се дружиме. Само после да не испадне дека западнале во лошо друштво и другарите им се криви.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *