Архиепископ Стефан: Божјиот мир – извор на секој мир

Date:

Share post:

На 22.6.2026 година, aрхиепископот Охридски и Македонски Стефан учествуваше на свеченото отворање на Четвртата светска конференција за религиски дијалог и соработка коешто се одржа, во НУ „Музеј на македонската борба“ – Скопје.

Пишува: Архиепископ Стефан

Кога се зборува за мирот, најчесто се мисли на отсуство на војна или прекин на непријателства коишто ги обременуваат меѓучовечките, меѓунационалните и меѓуверските односи. Но во христијанското предание мирот не е само отсуство, туку е многу повеќе од тоа: тој е сведоштво за Божјото присуство во нас и во нашиот живот преку тоа Негово присуство.

Таа суштинска разлика во световното и христијанското гледиште за мирот ја искажува и Самиот Господ Исус Христос кога пред Своето спасително страдање им ветува на апостолите: Мир ви оставам; Својот мир ви го давам; Јас ви го давам, но не како што го дава светот. Со овие зборови Христос открива дека мирот што ни го дарува Тој не е како мирот што го нуди светот: кревок и зависен од надворешните прилики, туку е мир што опстојува во сите искушенија и премрежија, бидејќи е втемелен во полнотата на Божјото присуство.

Затоа, неслучајно библискиот збор „шалом“, како и неговиот арамејски сродник „шлама“, упатуваат кон идејата за полнота, целост и исполнетост. А според учењето на Црквата, таа полнота е дар што човекот го прима во заедницата со Бога. Во таа смисла, мирот претставува исцелување на раздвоеноста што оттуѓениот човек ја носи во себе. Да се биде во мир значи да се биде целовит; а да се биде целовит, пак, значи да се најде своето вистинско место во односот со Бога, со ближниот и со светот. Та затоа е речено дека за човекот е најважно да Го љуби Бога и да ги љуби луѓето.

Следствено, патот кон мирот започнува таму каде што човекот се осмелува да се отвори за Божјото присуство и да го принесе својот живот пред Него. Кога Божјиот мир се зацарува во срцето, тогаш човекот го препознава својот ближен како брат и умее да ја надмине секоја поделба што води кон немир и непријателство.

Токму затоа, кога Црквата се собира на својот најзначаен молитвен собир – на Светата Литургија, најзината прва молитва е: „Во мир на Господа да се помолиме“. А веднаш по возгласувањето на тој првобитен повик за внатрешен мир, следи прозбата: „за небесен мир и за спасение на нашите души, на Господа да се помолиме“. И откако ќе бидат произнесени овие две прозби, Црквата го повикува народот: „за мир во целиот свет… на Господа да се помолиме“. Молбата за мир во светот, значи, е условена од претходно споменатите две. Со други зборови: пред да можеме да посакаме преобразба на светот околу нас, повикани сме да бидеме достојни за Бог да нè преобрази нас самите; пред да повикуваме за мир во светот, повикани сме да влеземе во мирот што доаѓа од Бога, зашто само оној што се отвора за Божјото присуство и го прима Неговиот мир може да стане миротворец.

Исто така, на секое богослужение, а особено на Светата Литургија, ги слушаме и зборовите: „Мир на сите“! И каков мир ни посакува Светата Црква? – Ни го посакува оној мир за каков пееле ангелите онаа ноќ во Витлеем, кога се родил Богомладенецот Христос: Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја; ни го посакува оној мир што Христос им го упатил и на апостолите при Неговото јавување по воскресението, велејќи им – Мир вам. Па да се запрашаме: ако народ е против народ, тогаш каде е мирот што Господ пред 20 столетија го оставил на земјата?

Знаејќи во какви времиња-невремиња живееме, сите се прашуваме:  зошто ли во светот има толку многу немири и војни? Зошто народите се во судири, семејствата се разделени, а луѓето се сѐ повознемирени? Всушност, мораме да признаеме дека немирите и судирите, за жал, не се ништо ново под сонцето! Та уште псалмопејачот, царот Давид, се прашувал:  Зошто се побунија народите и напразно мечтаеја луѓето? Се кренаа царевите земни и кнезовите се собраа со нив против Господа.  И иако, како што со право вели Вселенскиот патријарх Вартоломеј: ние можеби не сме имуни на силите на историјата, но сепак, не сме ниту беспомошни пред нив. Наша обврска е на секоја братоубиственост да одговориме со братољубие, на секоја ексклузивност, со инклузивност, или, како што советува царот Давид: да престанеме да зборуваме за мир, кога срцата ни се полни со зло и немир.

И навистина, наоѓајќи се соочен со денешните длабоки предизвици, светот има потреба не само од стратегии за мир, туку, и пред сѐ, од луѓе чии срца се исполнети со мир Божји. И не само да зборуваме за мирот, туку и да кажеме: Господ е нашиот мир, тогаш и нашите дела,  зборови и помисли ќе станат вистинско сведоштво дека мирот одозгора може да се вкорени и да владее на земјата, та на неа да завладее Божјата волја за мир во секој човек и мир меѓу сите луѓе. Зашто мирот што го донел Господ на земјата не е овоземен мир. Христовиот мир е таму каде што е Неговото Царство, а тоа е внатре во нашите срца. Значи, кој има таков мир, Го има и Бога во себе, и има мир и со Бога и со луѓето.

Впрочем, задачата на сите верски заедници е да бидат глас на уважување и на љубов кон секого. Различностите не се пречка за заедништво, туку се можност, преку почитта што сме должни да си ја укажуваме едни кон други, да ја откриеме нашата заедничка одговорност пред Бога и пред светот. Искрено верувам дека и оваа Конференција, на која учествуваат бројни еминентни учесници од различни земји, ќе нè потсети и дополнително ќе нѐ утврди во тоа дека секој човек е создаден според образот Божји и е носител на неприкосновено достоинство, и дека сите ние заедно сме повикани да словиме за Бога Кој љуби и Кој, преку нашето смирено одење со Него, ќе му донесе мир и спокој на целиот свет.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img