Почетна Коментар Aко светлината, што е во тебе, е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината?
Aко светлината, што е во тебе, е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината?

Aко светлината, што е во тебе, е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината?

466
0

„Светило за телото е окото. И така, ако твоето око биде чисто и целото твое тело ќе биде светло; ако, пак, твоето око биде лошо, целото тело ќе ти биде темно. И така, ако светлината, што е во тебе, е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината?“ (Матеј 6, 22–23).

Знаете од Светите отци дека умот се нарекува и око на душата. Ако суштината на умот, во срцето, е чиста од гревовните страсти, што значи просветлена, тогаш и нашата душа и нашето тело ќе бидат светли; а, ако пак, суштината на умот е извалкана и затемнета, од прифатените и на дело спроведени гревовни (страсни) помисли, тогаш и нашата душа и нашето тело ќе бидат темни и раслабени. И телото е учесник во несоздадената светлина на преображението или не е – зависи од нас самите.

Значи, преку задоволувањето на страстите, од една страна, демонот им го затемнува умот (а со тоа и разумот) и целото нивно битие, а од друга, ги прави луѓето свои слуги. Затоа Богочовекот Христос нè опоменува: „Никој не може да им слугува на двајца господари: оти, или едниот ќе го замрази, а другиот засака; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите на Бог и на Мамон“ (Матеј 6, 24).

Треба да правиме разлика помеѓу Оној Кој секогаш е Господар, и во вечноста и во времето, и оној кој е господар само кога некој му служи, и тоа само времено. Нашиот Бог – Света Троица – Отецот и Синот и Светиот Дух, Е Господар без оглед на тоа дали ние Нему Му служиме или не. Ѓаволот е привремен господар само на оние што му служат преку исполнување на гревовните страсти заради прекумерната грижа за телесното, инаку е немоќен и пресмешен.

Кои се манифестациите на прекумерната грижа за световното, којашто произлегува од заробеноста на нашето срце од страстите? Најдиректна и најпрепознатлива манифестација е фактот дека сè помалку време имаме за молитва. Следен показател е нашата расеана молитва. Потоа, губењето време и сила во борбата со најразлични помисли и чувства, или во оддавање на фантазии. Потоа, неблагодарност кон Бог и постојано незадоволство. Барање вина во другите. Загрижувачки е веќе кога борбата со помислите ќе се претвори во поблаги, па и во потешки облици на параноја или, со други зборови, во страв за иднината на задоволувањето на нашите страсти – славољубието, среброљубието и сластољубието; во страв за самите себе.

Па целата ваква состојба на вознемиреност, стравување и безнадежност уште ја шириме и меѓу ближните: Не вели Господ само „не грижете сè“, туку и „не говорете“! „Па затоа не грижете се и не говорете: што да јадеме, или што да пиеме, или во што да се облечеме? Зашто сето тоа го бараат незнабошците, а вашиот Отец Небесен знае дека за сето ова имате потреба“ (Матеј 6, 31–32).

Богочовекот Христос го поставил, во Својата Благовест, точниот редослед на барањата: „Барајте ги најнапред Царството Божјо и Неговата правда, и сè ќе ви се придаде!“ (Матеј 6, 33).

Значи, многу е битно, како што видовме, каков е редоследот на нашите „барања“ во молитвата. Интересно е што најзначајните „барања“ во молитвата може веднаш да ни се остварат, а „ситните“ барања за секојдневните потреби може и воопшто да не ни се остварат; посебно ако ни станат приоритет и ако го попречуваат нашето духовно растење. На пример, Господ може веднаш да Го добиеме во молитва и да стапиме во заедница со Него (затоа што никој не може да Го нарече Исус Господ освен во Светиот Дух! – 1 Кор. 12, 3). А ако, наместо Него, најнапред бараме пари, среќа, здравје, успех, спокојство, брачен партнер итн., сигурно Господ – а со Него и сè друго – може да изгубиме и во редот на незнабошците да се најдеме.

И не вели Господ „најдете го најнапред“, туку „барајте го најнапред“. Едно е „да се најде“, а друго е „да се бара“. Многу, многу малку очекува Он од нас, како што гледате, а многу, многу дава. Кога само малку би ни се открила оваа димензија на Божјата љубов кон нас, покајните солзи сами би потекле од нашите очи. Затоа, ако ни се чини дека во животот многу малку сме добиле од Него, подобро е да си ги провериме приоритетите отколку неблагодарни да хулиме.

Пресвета Богородице, спаси нас!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *