Меѓународниот научен собир што во изминатите денови се одржуваше во Белград заврши со Света архијерејска Литургија во манастирот Манасија, на која заедно сослужуваа архиереи на Македонската Православна Црква – Охридската Архиепископија и Српската Православна Црква.
На 6 септември, во храмот „Света Троица“ во манастирот Манасија, со Литургијата началствуваше митрополитот Браничевски г. Игнатиј, во сослужение со митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, епископот Хераклејски г. Климент, секретар на Светиот Архијерејски Синод на МПЦ-ОА, и епископот Стобиски г. Јаков.
На Литургијата сослужуваше и игуменот на Манасијската Лавра, протосинѓелот Павле, како и свештенослужители, меѓу кои и професори од Православниот богословски факултет при Универзитетот во Белград.
На молитвеното собрание присуствуваа монаштвото, учесниците на меѓународниот научен собир и верници.





