Патријархот Порфириј на погребот на Ратко Младиќ – СПЦ го претстави осудениот воен злосторник како христијанин и борец за својот народ

Date:

Share post:

Ратко Младиќ денеска беше погребан на Топчидерските гробишта во Белград, откако во храмот „Свети апостол и евангелист Лука“ на Кошутњак беше отслужено опело. Црковниот обред го предводеше лично патријархот српски Порфириј, во присуство на членови на семејството, црковни великодостојници, политичари и голем број граѓани.

Младиќ, поранешен командант на Главниот штаб на Војската на Република Српска, беше правосилно осуден на доживотен затвор за геноцид, злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војувањето.

Но, денешниот црковен чин привлече особено внимание поради начинот на кој за Младиќ говореше патријархот Порфириј.

Во својата беседа, Порфириј за Младиќ говореше како за „христијанин“, истакнувајќи дека во последните години се исповедал и се причестувал и дека починал со крст на градите.

Но особено внимание предизвикува делот во кој патријархот порача дека името на Младиќ ќе остане „длабоко врежано во сеќавањето и молитвите на најголемиот дел од српскиот православен народ“.

Порфириј дополнително го опиша како војник и командант кој „во тешко и трагично време“ застанал на чело на војската на својот народ и „го положи својот живот за слободата и опстанокот на својот род“.

Иако патријархот спомена дека неговиот живот „не може да се одвои од ужасно време, ужасна војна, изгубени домови, животи и гробови“, во самата беседа не беше ставен акцент на жртвите на злосторствата за кои Младиќ беше осуден, ниту на одговорноста утврдена со правосилната пресуда.

Напротив, централната порака беше молитвата за неговата душа и неговото претставување пред верниците како православен христијанин, војник и командант кој се борел за својот народ.

Дали СПЦ со ова влегува во опасна црковна зона?

Токму тука се отвора и посериозната црковна дилема: до каде може да оди пастирската молитва за починат човек, а од кој момент таа молитва станува глорификација на неговиот живот и неговото дело и влез во ерес?

Христијанската молитва за покојник сама по себе не претставува одобрување на неговите постапки. Но, кога поглавар на Црквата осуден воен злосторник го претставува пред верниците како христијанин, војник и човек кој го дал својот живот за слободата и опстанокот на својот народ, без јасно дистанцирање од злосторствата за кои е правосилно осуден, границата меѓу молитвата и глорификацијата станува сериозно прашање.

Од богословски аспект, особено е чувствително тоа што христијанската етика не дозволува националната припадност или воената улога да станат оправдување за злосторства врз други луѓе.

Затоа, прашањето што се отвора не е дали Црквата смее да се моли за покојник. Прашањето е дали Црквата може да го претставува човекот осуден за најтешки злосторства како пример за христијанин и борец за својот народ, без притоа да се соочи со моралната тежина на неговите дела.

Уште посериозна е дилемата ако ваквата црковна реторика се разгледува низ поимите на православното богословие за вистината, покајанието и односот кон злото. Сосема легитимно е да се постави прашањето дали ваквата теологизација на националното и военото страдање, во која се потиснува страдањето на жртвите, создава сериозен ризик од искривување на христијанската порака.

Важно е само да се направи една богословска разлика: самото опело не значи дека Црквата го одобрува животот на покојникот. Црквата може да се моли и за човек кој сторил тешки гревови. Проблемот настанува во моментот кога поглаварот на Црквата почнува да го вредносно претставува неговиот живот.

Од молитва за покојник до создавање национален мит?

Прашањето што денес го отвора настапот на патријархот Порфириј е многу посериозно од прашањето дали на Ратко Младиќ требало да му биде отслужено опело.

Дали СПЦ со ваквата беседа не учествува во создавањето на нов национален мит околу човек кој е правосилно осуден за геноцид?

Бидејќи постои огромна разлика меѓу тоа да кажете: „Црквата се моли за душата на човекот, како што се моли за секој грешник“, и да кажете дека неговото име ќе остане длабоко врежано во сеќавањето на православниот народ и дека тој бил командант кој се борел за „слободата и опстанокот на својот род“.

Во вториот случај веќе не станува збор само за есхатолошка молитва за покојник. Се создава слика за тоа како идните генерации треба да го паметат тој човек.

А тоа е особено проблематично кога станува збор за Младиќ, чија историска улога не е само предмет на политички толкувања, туку е предмет на правосилна пресуда за геноцид и други најтешки меѓународни злосторства. Денешниот погреб веќе е опишан од меѓународните медиуми како настан со елементи на глорификација, а присуството на политички и националистички структури дополнително ја засили таа слика.

Христијанството не го дели човечкиот живот на „наши жртви“ и „нивни жртви“. Жртвата на човек од друга вера или народ не престанува да биде човечка жртва.

Затоа, кога Црквата зборува за војник кој „се борел за својот народ“, таа мора да постави и второ прашање: што се случило со луѓето над кои се водела таа борба? Инаку националното се претвора во морална категорија: ако си се борел за својот народ, тогаш твоите дела добиваат поинакво значење. Токму тука христијанството може да биде заменето со национална религија.

Во што се претвора Црквата ако наместо да биде глас на покајанието, помирувањето и сеќавањето на жртвите, станува институција која на осудени воени команданти им дава духовна легитимација како национални херои? Не би било коректно врз основа на еден погреб да се каже дека СПЦ станала националистичка институција, ниту дека влегла во ерес. Тоа би било богословски и канонски премногу голем заклучок. Но, може и мора да се постави прашањето дали ваквата реторика претставува сериозно поместување од христијанското сведоштво кон национално-религиски наратив. Особено затоа што Младиќ сега не останува само историски лик. Со ваков црковен чин и со вакви зборови тој ризикува да биде „воскреснат“ како симбол во колективното паметење: од осуден воен злосторник во „православен христијанин“, „војник“, „командант“ и „борец за својот народ“.

Ако тоа стане доминантниот начин на кој новите генерации ќе го паметат, тогаш проблемот веќе не е само историскиот однос кон Младиќ. Проблемот е што Црквата учествува во изборот на тоа што една нација ќе го памети како добро, а што како зло.

И тука се поставува најтешкото прашање за СПЦ: дали нејзината мисија е да ги христијанизира националните митови – или да ги потчини и националните интереси на Христовото учење?

Во спротивно, постои опасност крстот да стане симбол не на покајанието, туку на националното оправдување.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img