Речиси една година по преместувањето на долгогодишниот варошки парох, незадоволството меѓу дел од верниците во прилепската населба Варош не стивнува. Нивното барање останува исто – да се преиспита одлуката и нивниот поранешен свештеник да биде вратен во парохијата во која служеше речиси две децении.
Одлуката за неговото преместување, според тврдењата на верниците, била донесена без претходно да биде побарана нивната согласност. По неа следувале петиции, протести и обиди за средба со надлежниот архиереј, митрополитот Петар. Но, според нивните тврдења, до денес не добиле можност лично да ги образложат своите барања пред него. Случајот е специфичен поради долгогодишната врска што била создадена меѓу свештеникот и варошките верници.
Во текот на речиси дваесет години служба, парохот станал дел од секојдневниот црковен живот на населбата. Денес, според сознанијата, дел од верниците наместо во варошкиот храм одат во храмот каде што тој сега служи.
Тоа, практично, создава необична ситуација – свештеникот е преместен, но дел од неговите парохијани го следат во новата средина.
Од друга страна, според сознанијата до кои дојде Религија.мк, самиот свештеник не ја посакувал промената и ја прифатил неволно. Според истите сознанија, и денес неговата желба е да се врати во Варош.
Варош без дел од своите верници
Варош не е обична прилепска населба. Станува збор за едно од најстарите и најзначајните духовни места во Прилеп, под Марковите Кули и во непосредна близина на манастирот „Св. Архангел Михаил“. Според преданието, некогаш на просторот на Варош имало 77 цркви, што доволно говори за неговата длабоко вкоренета црковна традиција. Токму затоа денешната состојба отвора прашања кои не се само административни.
Според сознанијата, новиот парох не бил прифатен на начинот на кој се очекувало, а незадоволството на дел од верниците останало насочено кон самата одлука за преместување, а не кон новиот свештеник. Тој, како што велат упатените во состојбите, не треба да биде ставен во центарот на спорот, бидејќи не ја донел одлуката со која дошло до промената.
Што беше целта на преместувањето?
Токму тука се наметнува суштинското прашање: што требаше да донесе преместувањето на долгогодишниот парох?
Ако целта била подобрување на црковниот живот во парохијата, тогаш логично е да се праша дали тоа навистина се случило.
Ако требало да донесе мир и подобри односи, зошто речиси една година подоцна сè уште постои незадоволство?
И, можеби најважно, ако требало да ја зајакне парохијата, дали бројот и активноста на верниците во храмот денес покажуваат дека е постигната таква цел?
Овие прашања не се однесуваат само на еден свештеник. Тие го отвораат и поширокото прашање за односот меѓу црковната администрација, свештенството и верниците.
Црковните одлуки се неопходен дел од функционирањето на една црковна организација. Но, нивната вредност на крајот се гледа во последиците што ги оставаат. Парохијата не е само административна единица, а свештеникот не е само име на распоредот за богослужби.
По години заеднички живот се создаваат односи и доверба кои не можат лесно да се заменат со ново решение. Во случајот со Варош, токму тоа се чини дека е суштината на проблемот. Верниците не се откажале од својот поранешен парох, а според сознанијата, ниту тој од нив. Затоа нивното барање денес не е само барање за враќање на еден свештеник. Тоа е барање нивниот глас да биде слушнат и одлуката да биде преиспитана во светло на она што се случува на терен.
Кој ги слуша верниците?
Случајот неизбежно го отвора и прашањето за начинот на кој информациите стигнуваат до надлежниот архиереј. Дали до митрополитот Петар стигнуваат сите реакции од Варош? Дали се слушаат и верниците кои со месеци бараат средба? Дали се зема предвид и ставот на самиот свештеник? И уште поважно – дали одлуката може да биде преиспитана доколку не ги дала очекуваните резултати?
-Никој не бара ништо необично. Барањето на Варош е едноставно: да се преиспита одлуката и да се земат предвид и гласот на верниците и желбата на свештеникот. Во сето ова, можеби најголемата штета е што одлуката почна да се доживува како поважна од луѓето заради кои постои Црквата. Затоа треба да се постави и прашањето дали надлежниот архиереј навистина ја гледа целата слика во Прилеп. Дали до него стигнуваат сите информации или само оние што некој сака да стигнат? Дали одлуките што се носат навистина се негови, донесени по внимателно расудување, или врз нив влијаат луѓе и интереси од неговото непосредно опкружување? Не е добро ваквите прашања да постојат меѓу верниците. Но уште полошо е кога никој не се обидува да им даде одговор. Можеби сè уште не е доцна работите да се вратат во нормала. Потребно е само да се слушнат оние што речиси една година го кажуваат истото, велат Варошани.

