Различното именување на Македонската православна црква – Охридска архиепископија во комуникациите на Српската православна црква повторно го отвора прашањето дали станува збор за случајни пропусти или за пораки со пошироко црковно значење, пишува Канал 5 ТВ.
Црковните аналитичари потсетуваат на повеќе примери од изминатиот период – од формулацијата „Охридска архиепископија – Македонска православна црква“, до ословувањето на архиепископот Стефан како „архиепископ на Македонија“ или „Охридски архиепископ“.
Аналитичарот Бранко Ѓорѓевски смета дека, со оглед на зачестеноста на ваквите примери, тешко е сите да се објаснат само како технички грешки.
Според него, по одлуката на СПЦ од 2022 година, со која беше признаена автокефалноста на МПЦ-ОА, останува потребата од јасност околу начинот на кој таа се именува во официјалните комуникации.
Ѓорѓевски потсетува дека со Томосот од 2022 година СПЦ ја призна автокефалноста на македонската црква, додека за официјалното име препорача дијалог со останатите православни цркви.
Поради тоа, смета дека македонските архиереи треба да побараат детално појаснување зошто и натаму се појавуваат различни формулации.
-Оттаму, прашањето е дали со погрешните формулации на уставното име на МПЦ-ОА, можеби, им се праќаат соодветни пораки на македонските црковни достоинственици. Ова посебно во ситуација кога во изминатиов период се случува подобрување на односите на МПЦ-ОА со Вселенската патријаршија кои веќе подолго време беа замрзнати. Познато е, неодамна, епископот Антаниски Партениј престојуваше на Света Гора, македонскиот духовен хор пред вселенскиот патријарх Вартоломеј изведуваше македонски песни и ора, и по што дојдоа најавите за можни нови контакти. Односно, дека одново може да се случат контакти за да се најде решението за томосот за МПЦ-ОА кој треба да го издаде Вселенската патријаршија. Во таква ситуација, игрите околу името на нашата црква кои што се случуваат преку соопштениејата на СПЦ може да се доживеат и како испраќање на порака до макеоднските владици со потсетување дека томосот доделен од Белград значи и некои други обврски за нашата црква, во ситуација кога Српската и Руската православна црква се во конфронтација со Вселенската патријаршија околу престижот во Православието, вели Ѓорѓевски.
Професорот Цане Мојаноски, пак, смета дека зачестените примери може да укажуваат дека во СПЦ сè уште има поединци кои не се согласуваат со одлуката од 2022 година.
-Секоја случајност во комуникациите е значи и одредена порака која треба да ја восприеми оној кому му е упатена. Зачестените грешки повеќе или помалку упатуваат дека во структурата на Српската православна црква постојат незадоволни, така да кажам, елементи, кои на еден или друг начин го изразуваат ставот спротивен на одлуката на Соборот на Српската православна црква од 2022 година, вели Мојаноски.
Тој очекува вакви ситуации да има и во иднина, но смета дека МПЦ-ОА треба да има јасен став кон нив.
Според него, ваквото именување може да се разбере и како потсетување од Белград дека СПЦ ја признала МПЦ-ОА под нејзиното уставно име.
-Мислам дека се работи за една смислена стратегија со која нашата црква од време на време се потсетува на тоа дека СПЦ нè признала под уставното име и дека тоа не треба да се заборава во нашите релации, посебно со Вселенската патријаршија, врзано за добивањето на конечниот Томос за автокефалност, додава Мојаноски.
Во меѓувреме, прашањето за името останува едно од чувствителните прашања во процесот на целосно регулирање на статусот на МПЦ-ОА во православниот свет.
Оттука, аналитичарите сметаат дека македонската црква треба да бара јасни објаснувања за ваквите формулации, особено во период кога се очекува продолжување на процесите поврзани со нејзиното конечно признавање.

