Митрополитот Јован одбележува три години на чело на Крушевско-демирхисарската митрополија

Date:

Share post:

Митрополитот крушевско-демирхисарски г. Јован во четврток, 3 септември, ќе одбележи три години од својата интронизација на тронот на Крушевско-демирхисарската митрополија.

По тој повод, во соборниот храм „Свети Никола“ во Крушево ќе биде отслужена утрена со Архиерејска Божествена Литургија. Од Митрополијата ги повикаа верниците да земат учество во богослужбата и заеднички да се помолат за понатамошна успешна работа и „уште богоугодни дела“ во Митрополијата.

Митрополитот Јован беше интронизиран на 3 септември 2023 година, во храмот „Свети Никола“ во Крушево, на свечена Архиерејска Литургија. Чинот на интронизација го изврши митрополитот преспанско-пелагониски и администратор на Австралиско-новозеландската епархија г. Петар.

На Литургијата тогаш му сослужуваа митрополитот црногорско-приморски Јоаникиј (СПЦ)и митрополитот кумановско-осоговски Григориј, како и епископите врањски Пахомиј (СПЦ), дељадровско-илинденски Јоаким, делчевско-каменички Марко, дремвитски Давид, хераклејски Климент и стобиски Јаков. На богослужбата учествуваа и бројни свештеномонаси и свештеници.

Интронизацијата во Крушево дојде откако на 21 јуни 2023 година Јован ја прими титулата митрополит на новоформираната Крушевско-демирхисарска митрополија.

Три години подоцна, повторно во храмот „Свети Никола“, ќе биде одбележана годишнината од неговото доаѓање на чело на Митрополијата.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img