Мистерија стара 2.000 години во Ерусалим: Наоди што се совпаѓаат со Библијата „укажуваат“ на местото на погребување на Исус

Date:

Share post:

Археолошките истражувања под црквата на Светиот Гроб во Ерусалим откриваат древен пејзаж со гробници издлабени во карпа, обработувана земја, траги од маслинови дрвја и лозја – наоди кои во повеќе детали се совпаѓаат со описите во Новиот Завет за местото каде што, според христијанското предание, бил погребан Исус Христос.

Италијански археолози, кои ги истражуваат темелите и просторот под црквата на Светиот Гроб, откриле остатоци од древен погребен пејзаж. Истражувачите, сепак, нагласуваат дека археолошките наоди не можат да докажат дека станува збор токму за гробот на Исус.

Прелиминарните резултати од истражувањето се објавени во ерусалимското археолошко списание „Liber Annuus“.

„Пронајдовме докази за погребен пејзаж“, изјавила водечката археолог Francesca Romana Stasolla од Универзитетот „Ла Сапиенца“ во Рим.

Ископувањата во црквата на Светиот Гроб започнале во 2022 година, како дел од работите за обновување на подот на црквата, а во завршната фаза на истражувањата, во 2025 година, археолозите дошле до значајните наоди.

Под денешната црква биле откриени остатоци од стар каменолом, обработувани земјоделски површини, гробници издлабени во карпа и древна градина.

Особено внимание привлекува фактот што ваквиот изглед на просторот се совпаѓа со описот во Евангелието според Јован, каде се наведува дека на местото каде што бил распнат Исус имало градина, а во градината нов гроб во кој дотогаш никој не бил положен.

Иако во конкретната гробница не биле пронајдени човечки останки, археолозите сметаат дека совпаѓањето меѓу карактеристиките на локалитетот и евангелските описи е значајно.

Просторот во времето на Исус бил надвор од градските ѕидини

Истражувањата покажале дека каменоломот се наоѓал надвор од тогашните ѕидини на Ерусалим.

Ова е значајно и во контекст на новозаветните текстови. Евангелието според Јован наведува дека распнувањето се случило во близина на градот, додека Посланието до Евреите зборува за страдањето на Исус „надвор од портата“.

Делови од древниот каменолом биле длабоки околу шест метри. Подоцна биле наполнети со земја, што укажува дека просторот бил преуреден и користен за земјоделски цели.

Археолозите откриле и траги поврзани со маслинови дрвја и лозја, кои според досегашните наоди датираат од периодот околу времето кога се смета дека живеел и бил распнат Исус, околу 33 година.

„Евангелието споменува зелен простор меѓу Голгота и гробот, а ние ги идентификувавме овие обработувани површини“, изјавила Стасола.

Гробници издлабени во карпа

Значаен дел од откритијата се и древните гробници издлабени директно во карпата.

Овој тип погребување одговара на описите во Евангелијата според Матеј, Марко и Лука, каде се наведува дека гробот во кој бил положен Исус бил издлабен во карпа.

Археолошките наоди, сепак, не даваат директен доказ дека една од овие гробници е токму онаа во која бил положен Исус Христос.

Римска градба го сокрила гробот

Истражувачите откриле и траги од римска градба со која во II век била затворена една од погребните комори. Градбата била подигната во времето на императорот Адријан.

Околу два века подоцна, во времето на императорот Константин, римската градба била урната, а просторот повторно бил ископан. Со тоа гробницата повторно била откриена.

Потоа таа била издвоена од останатите погребни комори и околу неа бил оформен посебен христијански простор за молитва и собирање на верниците.

Токму оваа историја е особено значајна за разбирањето на денешната црква на Светиот Гроб, која христијанската традиција ја поврзува со местото на распнувањето, погребението и Воскресението Христово.

Археологијата не го докажува гробот на Исус – но открива нешто друго

Археолозите се внимателни во толкувањето на наодите. Тие не тврдат дека со истражувањата е докажано дека гробницата под црквата е гробот на Исус.

Сепак, фактот дека местото било препознавано и издвојувано како свето уште во најраните векови на христијанството е важен дел од неговата историја.

Според Стасола, значењето на истражувањето не се сведува само на обидот археолошки да се потврди библискиот опис.

„Вистинското богатство што го откриваме е приказната за луѓето кои го направиле ова место она што е, изразувајќи ја својата вера овде“, вели таа.

Без оглед на тоа дали некој верува во историската идентификација на Светиот Гроб, додава археологот, фактот дека генерации христијани верувале во неговото значење е историски факт.

Историјата на ова место, според неа, е и историја на Ерусалим, а од одреден период натаму и историја на христијанското почитување на Исус Христос.

Црквата на Светиот Гроб денес е едно од најсветите места за христијаните од целиот свет, а новите археолошки истражувања отвораат дополнителен увид во изгледот и историјата на просторот во кој, според древната христијанска традиција, се случиле настаните поврзани со Христовото распнување, погребение и Воскресение.

/orthodoxtimes.com

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img