А самата молитва ни е најглавната учителка. Упорноста во подвигот на молитвата, како што погоре ви го опишав, ќе ни открие дека, во нашето срце, преку благодатта на Крштението, го примаме и целиот соборен опит на сите Свети, но посебно молитвениот опит на Богородица и сите отци исихасти – само треба истиот да го активираме; дека, во нашето срце е Христос и сите во Него – гладни и жедни за нашата љубов, болни по нашата љубов, странци и затворени за нашата љубов; но и смирено ненаметливи.
Пишува: Митрополит Струмички Наум
Денес, кога го чествуваме споменот на светиот старец Јосиф Спилеот, убаво е – со помош на Божјата благодат, да ѕирнеме во неговото учење за молитвата – „колку што можеме“. Но, и да се потрудиме, со благодарност, да го понесеме благиот јарем на послушанието и лесното бреме на молитвата.
Суштината на неговото учење и на учењето на неговите ученици – Ефрем Филотејски, Харалампиј Дионисијатски и Јосиф Ватопедски, за умно-срдечната молитва е многу едноставно: послушникот треба да ја кажува „Исусовата молитва“ прво со уста – доволно долго, додека молитвата не ја преземе умот, а потоа да ја кажува со умот – доволно долго, додека не ја преземе срцето. И сето тоа што потоа следува – кое преку опит се познава.
Нивниот молитвен подвиг, со свои очи го видов и со свои уши го чув, далечната 1984 година – во манастирот Филотеј, на Света Гора; секој монах или еден, од повеќето заедно, на глас ја кажуваше молитвата. А од 1987 година и самиот малку влегов во истото Предание – во манастирот Григоријат, при старец Георгиј.
Денес, секој верник би го советувал: кога си сам и кога работиш некоја физичка работа – кажувај ја молитвата тивко со устата, кога си со луѓе и исто немаш некоја умствена работа – труди се колку што можеш повеќе да ја кажуваш со умот. Секако, молитвата не ја кажуваме механички, туку со свест и чувство Кому се обраќаме. Кога си сам и мируваш – пробај да ја насочиш енергијата на својот ум кон срцето, каде што е изворот на нашето слово: Господи Исусе Христе, помилуј нас!
На почеток од овој подвиг, кога ќе ни изгледа дека таму нема ништо, само треба да заплачеме пред Бог и веднаш сѐ што ни е потребно – ќе ни се открие!
Тајната на умно-срдечната молитва е во повеќе подвизи: последно место и слуга на сите, туѓинување, умирање за овој свет и анонимност, но главниот подвиг е плачот – исто како и кај малите деца. Кога детето сака да добие нешто, а не знае како да искомуницира со својот родител, тоа почнува да плаче. Зборовите Господови: „ако не се повратите и не станете како деца, нема да влезете во Царството Небесно“ ги препознавам најмногу во подвигот на плачот при обид за умно-срдечна молитва.
А што правиме ние? Ја насочуваме енергијата на нашиот ум кон срцето, не чувствуваме ништо и наместо да заплачеме, ние се откажуваме. Тоа со нас е така, затоа што не си го познаваме нашиот Отец – Неговата љубов кон нас и добрина; затоа што не ја полагаме целата наша сигурност во Него! Ја забораваме поуката од „блудниот син“, дека, додека уште беше далеку, Отецот му притрча во пресрет и го прегрна; што значи дека, само што ќе ја насочиме молитвено енергијата на нашиот ум кон срцето, благодатта Божја на Крштението ќе почне да го пробива патот кон надвор – во пресрет.
А самата молитва ни е најглавната учителка. Упорноста во подвигот на молитвата, како што погоре ви го опишав, ќе ни открие дека, во нашето срце, преку благодатта на Крштението, го примаме и целиот соборен опит на сите Свети, но посебно молитвениот опит на Богородица и сите отци исихасти – само треба истиот да го активираме; дека, во нашето срце е Христос и сите во Него – гладни и жедни за нашата љубов, болни по нашата љубов, странци и затворени за нашата љубов; но и смирено ненаметливи.
Во молитвата треба да се држиме до плачот и покајанието и до личниот однос со Бог. А сигурна основа на молитвата е послушанието, односно, молитвеното насочување на енергијата на нашиот ум кон нашето срце – кон Бог, мора да се заснова на ставањето на нашиот ум во процес на исцеление преку послушание на духовниот отец. Молитва без послушание, скоро и да не постои.
Преподобен старче Јосифе, моли го Бог да нѐ омолитви! Пресвета Богородице просветли ја нашата темнина!

