Српската православна црква ја демантира веста, што српските медиуми, повикувајќи се на изјава на зрењанскиот бискуп, Ласо Намет ја објавија денеска дека за мај годинава била закажана посета на Папата Франциск на Србија, но дека таа е откажана.
Медиумите денеска пишуваа дека целата посета била договорена во детали, но била откажана поради парламентарните и локалните избори во Србија.
СПЦ соопшти дека веста е невистинита и дека ја демантирал и лично Патријархот Иринеј како и кабинетот на српскиот Претседател.
-Како портпарол на СПЦ соопштувам дека оваа вест звучи сосема неверојатно во стилот на бискупот Немет, познат и порано, бидејќи за месец мај оваа година планирана е и договорена посета на папата Франциск на Цариград, каде треба да учествува на големата меѓународна конференција на сите поглавари, шефови и претставници на држави и хуманитарни организации, а предвидена е и средба со Неговата Светост Патријархот Вселенски Вартоломеј, напиша во демантот на СПЦ, Бачкиот епископ Иринеј Буловиќ.

