Романската православна епархија за Австралија и Нов Зеланд од неодамна е засилена со нов архиереј. Светиот синод на Романската православна црква, на својата седница одржана на 2 јули оваа година, донесе одлука за избор на нов викарен (помошен) епископ, кој ќе му помага на надлежниот епархиски владика, епископот Михаил.
За нов викарен епископ со титула „Пацифички“ е избран досегашниот архимандрит Јахинт. Ова административно и духовно засилување доаѓа како одговор на потребите на романската православна заедница на петтиот континент, која бележи постојан квантитативен и духовен раст.
Чинот на епископска хиротонија (ракополагање) се одржа во саботата, на 4 јули, во Патријаршиската катедрала во Букурешт. Со Светата архиерејска литургија чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Романскиот Патријарх Даниел, во сослужување на повеќе архиереи на Романската црква, меѓу кои и надлежниот владика за Австралија, г. Михаил.
На крајот од свеченоста, Патријархот Даниел му го врачи епископскиот жезол на новиот владика Јахинт Пацифички, нагласувајќи ја важноста на неговата идна мисија во дијаспората. Согласно канонските правила, патријархот упати силен повик за соработка, заедништво на новиот викарен епископ со неговиот надлежен епархиски архиереј во Австралија.
Официјални детални извештаи и фотогалерија од овој свечен чин во Букурешт веќе објавија романската новинска агенција Basilica.ro, како и реномираниот меѓународен црковен медиум Orthodox Times.
Ваквиот чекор покажува дека Романската црква, иако на австралискиот континент е многу помалобројна од македонската заедница и брои далеку помал број храмови, сепак се развива на сериозен, канонски и светопредански начин — за разлика од македонските прилики каде што, за жал, со децении сме сведоци на долготрајни црковни проблеми и администрации, наметнување неосновани кадровски решенија кои дополнително ја разнебитуваат заедницата, како и целосно неземање предвид на барањата и волјата на народот за хиротонија на свој вистински пастир кој веќе и го обединува народот.
/М.Г.

