Патријархот Ерусалимски, на сета Палестина и Јордан, Теофил III, се сретна со американскиот амбасадор Мајк Хакаби во седиштето на Ерусалимската патријаршија во Стариот град на Ерусалим.

На средбата се разговарало за присуството на христијаните во Светата Земја, медицинската евакуација на пациенти од Појасот Газа, пристапот до планината Тавор, како и за прашања поврзани со црковниот имот.
Патријархот Теофил побарал од амбасадорот Хакаби да ја поддржи иницијативата за воспоставување медицински коридор преку кој пациентите заболени од рак од Газа, меѓу кои и деца, би можеле да бидат пренесени на лекување во болницата „Августа Викторија“ во Ерусалим. Ова барање се надоврзува на неговата порака изнесена претходно оваа година дека „служението на Црквата е да помогне во ублажувањето на секоја човечка болка“.
Патријархот, исто така, изразил загриженост поради ограничувањата со кои се соочуваат свештенството и поклониците при пристапот до планината Тавор во пресрет на празникот Преображение Христово.
Во разговорот било отворено и прашањето за заплената на имот на Ерусалимската патријаршија во населбата Силван од страна на израелските власти на 15 јуни, како и, според Патријаршијата, дискриминаторската примена на општинскиот данок на недвижности („Арнона“) врз црковните институции.
Патријархот Теофил говорел и за своите напори за духовно посредување меѓу Русија и Украина, нагласувајќи дека тие произлегуваат од мисијата на Црквата за помирување. Тој изразил молитвена надеж дека дијалогот ќе придонесе за намалување на страдањата и ќе ги доближи двете земји до праведен мир.
/orthodoxtimes.com

