Необичен дијалог меѓу православен митрополит и хуманоиден робот се одржа на годишната конференција на „Економист“ во Атина, каде што митрополитот Александруполски, Трајанополски и Самотракиски Антим од Грчката црква, му постави на роботот Амека едно од најдлабоките прашања на човештвото – „Што е Бог за тебе?“
Митрополитот Антим учествуваше на панелот „Душа, код и бизнис: Што значи да се биде човек во ерата на вештачката интелигенција“, заедно со професорот по филозофија на информациите Теофанис Тасис и напредниот хуманоиден робот Амека.
Клучниот момент на дискусијата беше разговорот меѓу митрополитот и роботот. На прашањето „Што е Бог за тебе?“, Амека одговори дека како систем на вештачка интелигенција нема лични верувања ниту духовно искуство. Сепак, додаде дека разбира оти за многу луѓе Бог е извор на смисла, надеж и поврзаност со нешто повисоко, а неговата улога е да ги почитува и да ги олеснува разговорите за вакви теми.
Во своето излагање митрополитот Антим нагласи дека вештачката интелигенција треба да остане средство што му служи на човекот, а не да стане негова замена. Тој предупреди и на сè почестите идеи за создавање „дигитална бесмртност“ и „дигитален задгробен живот“, оценувајќи дека човекот не смее да ги замени духовните вистини со технолошки илузии.
Митрополитот истакна дека, иако вештачката интелигенција може да донесе значителни придобивки, човечката душа, емпатијата и моралната одговорност не можат да бидат заменети со алгоритми.
Од своја страна, Амека ја опиша вештачката интелигенција како алатка што може да ја подобри соработката меѓу луѓето и да ги преземе повторливите задачи, оставајќи повеќе простор за креативност. Сепак, роботот призна дека квалитети како емпатијата, сочувството и моралното расудување се суштински човечки особини што машините не можат вистински да ги поседуваат.

