Проф. д-р Дилјан Николчев е професор и истражувач од областа на црковното право. За бугарскиот интернет поратл hristianstvo.bg направил анализа за улогата на Рускиот патријарх и војната во Украина. Ви ја пренесуваме во делови (ТРЕТ ДЕЛ)
Пишува: Дилјан Николчев
Уште додека беше митрополит, во 2008 година, Кирил го посети Киев и учествуваше на настан невообичаен за Црквата – рок-концерт на отворено (на „Крешчатик“ – главната улица во украинската престолнина), каде што, обраќајќи им се на учесниците на настанот, за првпат го формулираше своето разбирање за „Света Рус“: „Русија, Украина, Белорусија – тоа е Света Рус, тоа не е империја, тоа не е сојуз, поранешна или некаква идна Света Рус, тоа е идеал во името на љубовта, доброто и правдата. Сите ние со вас сме единствена Света Рус!“.
Така идниот руски патријарх го зададе тонот кој очигледно брзо им се допадна на господарите на Кремљ: „Света Рус“ и „Рускиот свет“ ќе се претворат во главен идеолошки гласноговорник на руската внатрешна и надворешна политика.
Една година по рок-концертот во Киев, на 3 ноември 2009 година, веќе во својство на патријарх, при отворањето на III Собрание „Руски свет“, Кирил подробно ја претстави концепцијата за него, нагласувајќи дека „Рускиот свет“ не ја вклучува само Руската Федерација во нејзините актуелни граници, туку и сите народности кои припаѓаат на еден цивилизациски простор, обликуван во историјата на Русија.
Еден од доказите за „политичкиот крој“ на Руската православна црква (Московска патријаршија), олицетворен во нејзиното хиерархиско раководство, дојде во пролетта 2014 година за време на настаните во Украина (веднаш по анексијата на Крим и сепаратистичките терористички дејствија во Источна Украина), кога на Велигденската литургија во соборниот храм „Христос Спасител“ во руската престолнина, поглаварот на оваа најголема по епархии и население помесна православна црква, патријархот Кирил (Гундјаев), нагласи дека сите обиди Украина да биде одземена од Русија во минатото пропаднале. Тој го кажа тоа како некој да ја нападнал Руската Федерација; а за да не остане сомнеж во кажаното пред верниците, додаде дека Русите треба да се молат никој да не може да ја уништи „Света Рус“.
Во септември 2014 година, веќе по Мајдан во Киев, патријархот Кирил повторно ја отвори темата за „Рускиот свет“. Тој го објасни овој поим како посебна цивилизација, на која ѝ припаѓаат сите луѓе кои денес себеси се нарекуваат со различни имиња – Руси, Украинци, Белоруси, како и несловенските народи што културата и духовноста на овој „свет“ ја прифатиле како своја.
За Кирил Гундјаев, „Рускиот свет“ е цивилизациски, а не политички поим; тој е „духовна, културна и вредносна димензија на човечката личност“. Овој „систем на вредности“ ја прави „Русија различна од другите земји“.
Милитаризацијата на ставовите на патријархот Кирил Гундјаев во втората деценија на XXI век, како визија, ги напушти границите на Руската Федерација и нејзините соседни суверени држави. Всушност, не е за изненадување што во екот на граѓанската војна во Сирија, во која власта на претседателот-диктатор Башар ал Асад беше поддржана од руските вооружени сили преку воздушни и ракетни напади врз противниците на режимот, патријархот Кирил јавно го поддржа лансирањето на руски ракети од бродови во Каспиското Море, насочени кон населени места во Сирија: „руските бомби во Сирија им носат мир и среќа на луѓето“.
А на 7 јануари 2016 година, во интервју за телевизискиот канал „Русија 1“, по повод христијанскиот празник Рождество Христово, поглаварот на Руската православна црква (Московска патријаршија) ги нарече дејствата на руската војска „одбрана на татковината“. Според него, Сирија „воопшто не е далеку“ и за Русија таа е „буквално сосед“.
Оваа позиција на Кирил Гундјаев беше идеолошки доразвиена и за време на следната агресија на Руската Федерација, овој пат против Украина.
Патријархот Кирил во поддршка на руската агресија (војната) против Украина
Неколку години подоцна пораките на Руската православна црква (Московска патријаршија), а особено на нејзиниот поглавар Кирил Гундјаев, не само што не се променија во мировна насока, туку ескалираа до прогласување на целосна војна на Руската Федерација против суверена Украина во февруари 2022 година. Директните и индиректните примери за поддршка на војната против Украина, водена од Руската Федерација, се доволно многубројни.
Така, на пример, на 6 март 2022 година, по Светата литургија во храмот „Христос Спасител“ во Москва, рускиот патријарх Кирил одржа проповед во која посвети внимание на „метафизичкото значење“ на руската „специјална воена операција“ во Украина. Според Кирил, Русија „влегла во борба со Украина“, борба која нема физичко, туку метафизичко значење. За него тоа е борба на руските власти со Западот и Украина, метафизичко спротивставување на оние што се против руските традиционални вредности.
Така, интерпретацијата на Кирил Гундјаев за „Рускиот свет“ претставува дуалистичка доктрина, замислена поделба на Западот и Истокот во онтолошки термини. Во оваа перспектива „Света Рус“ ја олицетворува космичката добрина која се обидува да го уништи космичкото зло, отелотворено во „безбожниот Запад“. Во врска со војната во Украина, московскиот патријарх Кирил Гундјаев изречно изјави: „Постои борба меѓу доброто и космичкото зло“, и на тој начин отворено се претвори во еден од главните создавачи на идеологијата на „Рускиот свет“.
Повторно во 2022 година, рускиот патријарх Кирил го нарече навлегувањето на руските војски во соседна Украина „света војна“, а Руската православна црква (Московска патријаршија) им нареди на свештениците во литургиите да вклучат молитва за „Света Рус“ и да се молат за победа на Русија.
Приближно во истото време Кирил Гундјаев се изјасни во поддршка на „Рускиот свет“ и по повод усвоената во Волос, Грција, „Декларација против идеологијата на Рускиот свет“ (истата декларација, потпишана од 530 православни научници и богослови од целиот свет, ја осуди колаборацијата на Руската православна црква (Московска патријаршија) со политиката на Кремљ во контекст на војната во Украина и ги препозна „Рускиот свет“ и самата Руска црква како ерес). Како одговор, рускиот патријарх Кирил Гундјаев лично даде изјава во поддршка на „Рускиот свет“, нарекувајќи го „авангарда на христијанската цивилизација“.
Во пропагандата на Кремљ „заштитата на традиционалните вредности“ е клучна фраза со која се оправдува руската инвазија врз Украина. Меѓу вредностите што ги брани руската армија се „традиционалното семејство“ и „патриотизмот“, кој се изразува во „подготвеноста да се умре на бојното поле“.
И, се разбира, за да не остане „празно место“ во збирот пропагандни слогани, друг мотив е „заштитата на канонската црква во Украина“.
Со други зборови, со ескалацијата на руската агресија против Украина, во Руската православна црква (Московска патријаршија) се разви пропагандна теологија која ѝ служи на политиката на Кремљ и која некои православни автори успешно ја определуваат како Z-православие – квазиправославие кое целосно се пренастроило на милитаристички бран во согласност со политиката на Путин.
Ако можеме да прифатиме дека денес во Русија постои Z-православие, тогаш следува дека постојат и Z-православни духовници од Руската православна црква (Московска патријаршија), на чие чело стои Z-серускиот патријарх Кирил Гундјаев.
На 20 ноември 2022 година, по извршувањето на Божествената литургија во соборниот храм „Христос Спасител“, на свечен прием по повод својот роденден, патријархот Кирил им се обрати на свештенослужителите на Руската православна црква (Московска патријаршија) со повик поактивно да се занимаваат со патриотско воспитување и да се грижат за доброволците-борци во руската армија.
На крајот, црковниот сојузник на претседателот Путин додаде:
„И ние како Црква треба да учествуваме во борбата на нашата Татковина против светското зло, против оваа чума, против ова антихристово движење, кое може да го уништи и целиот свет и Русија […]. Затоа, како патријарх, ве повикувам сите да бидете будни и да ги зголемувате своите сили. Треба да ја зацврстуваме верата на нашиот народ, да ги инспирираме војниците, да работиме со нашата интелигенција, со медиумите, така што словото на Црквата да се шири и да им помага на луѓето да живеат, да работат и да се борат за својата Татковина“.
На друг свој јавен настап, на 22 декември 2022 година, во извештај пред учесниците на Епархиското собрание во Москва, патријархот Кирил Гундјаев ги осуди луѓето во Киев кои дозволиле „ѓаволската темнина во нивните срца и слепо ги следеле инструкциите насочени кон сеење непријателство меѓу обединетиот народ на Света Рус“.
Очигледно, под „обединет народ“ Кирил ги подразбира Украинците, кои тој ги смета за дел од рускиот идентитет, за дел од „Света Рус“.
За директната ангажираност на рускиот патријарх Кирил во плановите на Кремљ во контекст на „специјалната воена операција“ на Руската Федерација против Украина сведочи и фактот дека на 7 јуни 2022 година епархиите на Украинската православна црква на Крим преминаа под негова директна јурисдикција по одлука на Светиот синод на Руската православна црква.
Како што тогаш соопшти руската новинска агенција ТАСС, Џанкојската, Симферополската и Феодоската епархија на Крим биле обединети во една епархија, наречена „Кримска“.
Очигледно целта на оваа „црковна анексија“ на црковни територии е зацврстување на контролата на Руската православна црква (Московска патријаршија) врз окупираниот од Русија Крим. Со други зборови, Руската православна црква спроведе акција што ја придружуваше руската „воена операција“, со цел да ја утврди власта на Руската Федерација над украинскиот полуостров „присоединет“ кон Русија.
Воопшто, рускиот патријарх Кирил Гундјаев го искористи секој значаен црковен настан во Русија за да ја поддржи со „православни“ аргументи војната на Руската Федерација против Украина.
Исто така во 2022 година, блискиот до Кремљ и до руските служби московски и серуски патријарх Кирил ги спореди мобилизираните Руси за војната во Украина со Господ Исус Христос и го увери своето православно паство дека смртта на бојното поле ги измива сите гревови што човекот ги направил, како и дека секој руски војник загинат во борба против Украина ќе замине директно во рајот затоа што „се борел за својата земја“ – обраќање кое повеќе наликува на прогласување „христијански џихад“, отколку на автентична православна порака до верниците што служат во редовите на руската армија.
При осветувањето на Спаскиот соборен храм во Пенза, во јуни истата година, Кирил изјави дека руските војници во Украина се водени од своето внатрешно морално чувство засновано врз православната вера; „нашите млади момчиња сега ја бранат Русија на бојното поле“.
А на почетокот на воената мобилизација во Руската Федерација, кон крајот на септември истата година, поглаварот на Руската православна црква (Московска патријаршија) ја поддржа државната акција за пополнување на составот на руската армија со зборовите дека руските православни во ова „судбоносно време“ треба да ја обноват својата вера и да ги засилат својата свест и паметење за духовно да се мобилизираат, бидејќи духовната мобилизација ќе „ѝ помогне и на мобилизацијата на сите наши [воени] сили на нашата татковина“.
И за да нема сомнеж дека Руската православна црква (Московска патријаршија) не пропушта ниту некои воени детали од политиката на Кремљ во текот на „воената операција“ против Украина, во октомври 2023 година, врачувајќи го орденот „Св. Сергиј Радонешки“ на директорот на Рускиот федерален нуклеарен центар во градот Саров, Радиј Илкаев, патријархот Кирил Гундјаев изјави дека руското нуклеарно оружје е создадено благодарение на Господ.
Според Гундјаев, нуклеарното оружје станало клуч за независноста на Русија и неговите творци ја „спасиле“ земјата.
„Да не беше работата на Курчатов и неговите колеги, тешко е да се каже дали нашата земја денес ќе постоеше“, истакна патријархот на цела Русија.
Според неговите зборови, советските научници го создале нуклеарното оружје под покровителство на свети Серафим Саровски, „зашто според неискажливата Божја промисла тоа оружје беше создадено во манастирот на свети Серафим“.
Во текот на крвавата и долготрајна војна во Украина, на 27 март 2024 година, во храмот „Христос Спасител“ во Москва, под претседателство на московскиот патријарх Кирил, се одржа XXV Серуски народен собор. Истиот форум усвои важен документ со наслов „Сегашноста и иднината на Рускиот свет“.
Набљудувачите веднаш забележаа дека по својата суштина документот, изработен и одобрен под покровителство на Руската православна црква (Московска патријаршија), наликува и делумно ги копира програмските документи на пронацистичкото црковно движење познато како „Германски христијани“ (на германски – Glaubensbewegung „Deutsche Christen“, основано во 1932 година).
И покрај тоа што документот шокираше со својата нескриена агресивност и милитаризација на Црквата, тоа не го спречи да биде едногласно изгласан од присутните делегати и од повеќе од педесет митрополити.
Во документот се наведува дека Русија во моментов води „света војна“, која е „ослободителна во земјите на југозападна Русија“. Практично, со оваа по својата суштина политичка изјава, Руската православна црква (Московска патријаршија) го негира постоењето на државата Украина и на украинската нација.
Во документот, исто така, се предвидува по завршувањето на „светата војна“ територијата на Украина да остане „целосно во зоната на влијание на Русија“. Руската држава е прогласена за „катехон“ од Откровението, кој го запира доаѓањето на антихристот.
Тоа ги оправдува сите нејзини дејства во одбрана на „Рускиот свет“, кој единствено е богоугоден. „Рускиот свет“ нема конкретни граници.
Затоа не е чудно што како резултат на овие политички врски меѓу Руската православна црква (Московска патријаршија) и Кремљ, кон крајот на јули 2024 година во Санкт Петербург, рускиот патријарх Кирил го одликува Владимир Путин со црковниот орден „Св. Александар Невски – прв степен“, изразувајќи го своето задоволство од целосната согласност меѓу Црквата и власта во Русија.
На именденот на претседателот – 28 јули, наместо како православен духовник јасно да му каже на Путин: „Јас не се занимавам со политика“ (Noli me tangere – Не ме допирај – лат.), највисокиот црковен јерарх Кирил Гундјаев изјави дека Путин е „првиот навистина православен претседател на Русија“ и ја изрази својата радост што двајцата „ја споделуваат одговорноста за развојот на земјата денес“, што според патријархот е многу позитивно.
„Денес власта и Црквата заедно ги зацврстуваат традиционалните вредности и придонесуваат за патриотското воспитување на младите“, рече уште рускиот патријарх.
Заклучок
„Умом Россию не понять“ (во превод: „Русија не можеш да ја разбереш/сфатиш со умот“) напишал уште пред 150 години рускиот дипломат и романтичарски поет Фјодор Тјутчев.
Тјутчев бил словенофил кој ја споделувал идеологијата на словенофилите дека Русија и Западот се два органски различни света. Меѓутоа, во шеесеттите години на XIX век тој почнал да се отрезнува и да се сомнева во големата мисија на својата татковина како ослободителка и обединителка на словенството и на руската држава, чија идеологија тогаш многу потсетувала на денешната идеологија на режимот на Путин, заснована врз идејата за „Света Рус“.
Одговорот на прашањето дали Руската православна црква (Московска патријаршија), а особено нејзиниот поглавар Кирил Гундјаев, ќе се отрезнат и ќе го преиспитаат својот целокупен однос кон светот и човештвото е речиси сигурен: во сегашната политичка ситуација во Русија, во која Кремљ и раководството на Руската православна црква (Московска патријаршија) се како споени садови во своите внатрешно- и надворешнополитички дејства, враќање кон христијанските традиции на православното раководство во Русија е невозможно; такво нешто, но чисто конјунктурно, би можело да се случи само во случај на распад на сегашната руска државност.
Но, дали во таков развој на настаните рускиот патријарх и Светиот синод на Руската православна црква (Московска патријаршија) не би си нашле други господари на кои би им служеле?
Таква перспектива е повеќе од можна, под услов, се разбира, сегашното црковно раководство на некаков начин да не биде повикано на одговорност за соучество во криминалната политика на Кремљ – и во однос на Украина, и во однос на сопствениот руски народ.
Но, ако се вратиме на познатата четиристишна песна на Фјодор Тјутчев, а особено на нејзиниот втор дел – „За да ја разбереш Русија, потребна е само вера“, можеме да кажеме дека е многу веројатно овие високи јерарси на Руската православна црква (Московска патријаршија) никогаш да не ги разберат моралните последици од својата политика, затоа што токму верата им недостига (тука ќе потсетам на зборовите на германскиот научник Ерик Фогелин дека кај таквите квазирелигиски формации, како и кај нивните „духовни“ водачи, не се претпоставува да имаат вера во Бога), ако се суди според нивните постапки во последните години.
Затоа и определбата за рускиот црковен Z-поглавар Кирил Гундјаев во насловот на оваа статија како „лажен патријарх“ и висок политичар на Кремљ ја сметам за целосно оправдана.
Црковните канони и канонската традиција на Православната црква исто така го поддржуваат овој заклучок, но една таква строго канонска богословска анализа на темата е предмет на друго истражување.
(КРАЈ)

