Ниту е српска, ниту е православна, ниту е црква

Date:

Share post:

Колумната на Милан Ст. Протиќ за српскиот весник Данас, која предизвика остри реакции во Србија еисклучително критичка за последната одлука на СПЦ да исклучи двајца теолози и интелектуелци од своите редови.

Религија.мк ја пренесува во целост.

Кои сте вие, господа узурпатори на Српската православна црква, па од неа да исфрлате кој било верник? Кој ви го дал тоа право? Од кого ја црпите својата моќ, вие што се сокривте под митра и камилавка? Што со бради до папокот го криете своето лажно лице. Вие што се одвоивте од Бога, што се откажавте од Него и решивте да му служите на овојземски господар. Вие безбожници што од темнината произлеговте. Вие што атеизам носите во срцето и што Христос не го спомнувате ни со уста. Вие што овој бесловесен народ го измамувате со црковни обреди без содржина и без смисла. Вие на кои ниските човечки страсти, разни блудства, ви се помили од молитвата. Вие што си умисливте дека вам ви припаѓа правото да примате и да исклучувате од оваа наша народна црква.

Вам ви се обраќам. И ве гледам право во очи. Во тие ваши лукави и неискрени очи.
И ви порачувам.

Со чинот на крштението стануваме христијани. Го примаме Бога во свеста и во душата. Тоа никој и никогаш не може да ни го одземе. Можете вие да нè бркате, да ни забранувате влез во храмовите, да поставувате обезбедување и огради, но нас, ниту еден од нас поединечно, од нашата Христова и православна, српска и светосавска вера, не можете да нè одделите. А себеси, тоа ни го докажувате секојдневно, веќе одамна сте се одделиле. Ако некогаш навистина сте биле соединети со Христос и Свети Сава.

Ви пречи критиката, нели? Ви пречи непокорниот и слободен збор? Ви ја нагризува и гмечи суетата? И вие, како и вашиот идол, барате безусловна послушност, нели? Тоа ѝ годи на сакатата душа.

Христос, ве потсетувам, пред два милениума се побуни против властодршците и религиозните старешини. И го зборуваше словото на вистинската вера во Бога. И поради тоа беше навредуван, оцрнуван, понижуван, исмеван. И на крајот осуден и во маки распнат на крст. Се сеќавате ли на тоа, господа узурпатори на Српската православна црква? Читајте ги повторно Марко, Матеј, Лука и Јован. Читајте и соочете се со својата ерес. Со својот грев. И со гревот и огрешението.

Не се плашите од средбата со Севишниот? Секако дека не се плашите. Вие во Него не верувате, па и немате од кого да се плашите.

Знаеме каде е вашата црква. Знаеме и кому се молите и кого молите. Знаеме кому му се заколнавте на верност и за чиј интерес ја вршите оваа нечиста работа.

Но, не грижете се. Има Бог! И вие ќе стигнете пред Неговиот суд. Никој досега не го избегнал. Нема ни вие.

Зошто и мене не ме отстраните од Српската православна црква? Зошто не ми ги затворите вратите и не ми забраните пристап до олтарот? Еве, ве предизвикувам. Ве провоцирам. Избркајте ме. Вие, недопирливите височини, преосветени и осветени, и јас, скромниот раб Божји, не одиме заедно. Не припаѓаме заедно. Мојата црква е вистинска. Секогаш иста. Непроменлива и вечна.

А вашата? Од газда до газда. Од господар до господар. Не до Господа. Од Господа сте на милји далеку. За вас црквата е политичка организација. Ваша прчија. Ваша заседа. За вас црквата не е „телото Христово“. За вас црквата не е сопственост на сите верници и на секој верник поединечно. Вие си замислувате дека сте над другите. Над останатите. Над обичниот народ. А не сте. Туку сте многу пониско. На подот сте. На дното. На беспаќе.

На овој народ безбожниците веќе најмногу му наштетија. И му нанесоа ненадоместлива штета. Го убедија во бесмислата и залудноста. Го научија дека посебен човек, натчовек, властодржец, е поважен од Бога. Дека нему треба да му се клања и пред него да се клекнува.

Сега и вие, господа узурпатори, го правите истото. Идентично. Наместо народот да го враќате кон вистинската вера, да проповедате мир и добрина, да се спротивставите на самоволието и самодржавието, вие се занимавате со политика. Со режимска политика. Во слава на идолите и идолатријата.

Узурпатори сте и самозванци. Самопрогласени. И самовљубени. Охоли и сурови. Бездуховни и немилосрдни. Со камшик наместо со крст. Со палка наместо со причест. Простувате единствено на себеси. Себеси си подлегнувате и себеси си угодувате. И настапувате во име на црква што ја газите. Со извалкани чевли. Од илјада евра, би додал.

Расипани сте. Се расипавте. Ниеден човечки порок не ви е туѓ. Од жед за власт и суета до збогатување и раскош. Од изопаченост до фарисејство. Знаете ли вие воопшто што значи фарисејство? Треба ли и за тоа да ве подучувам? Или ќе го направите тоа сами?

За осум векови постоење на автокефалната српска црква, никој не се осмелил да ја понижи до оваа приземност како што тоа го направивте вие. Никој. Барем по тоа епохално достигнување ќе бидете запаметени. Туѓинците ни ја рушеа црквата, ги прогонуваа нејзините свештеници, ги затвораа нејзините великодостојници. Ги палеа нејзините светилишта, ги уништуваа и сквернавеа.

Но вие сте полоши од сите. Вие ја уривајте дејствувајќи однатре, вие ја уривајте повикувајќи се на неа, вие ја срамите, а сте на нејзино чело.

Она што ниеден наш непријател не го постигна, вие го постигнавте. Непријатели од секаков вид ја напаѓаа српската црква, удираа по неа сакајќи да ја претворат во прав и пепел. И Србите „од верата на прадедовците“ да ги одделат. И секој таков обид завршуваше со пораз. До вас.

Српската православна црква со право и заслуга некогаш беше симбол на нашето достоинство, пркос и непримање. На нашата верност кон христијанството. Наш вечен извор и последно прибежиште.

Вие ја докрајчивте, веќе ранета и ослабена. Ја турнавте во калта на овоземските зла. ѝ го изобличивте светлиот лик.

Долго ги мерев секој израз и секој збор кога за црквата зборував и пишував. Припаѓам на лозата што од српското православно христијанство под никакви услови не се откажала. И кога никој во целата Влајковиќева улица не славеше крсна слава, кај мене свештеникот доаѓаше секој 19. (6.) декември. Избегнувам да пишувам за себе и за своите. Овој пат морав. Вие ме натеравте. Со вашето безумие и со вашето неверие.

Во зло време треба да се покаже човек. Во зло и наопаку време. Такво е ова денешново. А вие, господа узурпатори, со тоа зло и со таа наопакост се фативте во оро. Мрачно оро. И играте, па играте. Тропкате и пирувате со најлошите. Не ви годат слободоумните. Ви се блиски разни злосторници. Имате свои гарди и свои гардисти. Свои телохранители и свои заштитници. Свои дворци, свила и кадифе. И по некое момче за забава во доколицата.

Реков ли нешто недозволиво? Спомнав ли табу? Она за кое не смее да се зборува? Она што никако не смее да се признае?

Некој мора да ве прозове. И да ве предупреди. Некој што е верник, што е од српски род, традиционалист и конзервативец. Некој што би требало да е на истата страна со вас, а не е. На спротивната е. На спротивставената и против вас.

Вие носите несреќа и знак на богохулство. Вие носите… Боже, сочувај ме и засолни ме. Подобро да не спомнувам.

Се наоѓа и меѓу вас редок пример на добар човек. Колку се тие малобројни вистински христијани, не сум се уверил. Колку им се животите, мислите и душите проникнати со Христос, не знам. Благородното срце не е доволно. Потребна е, неопходна е, длабока и интимна вера во Бога. Ако ви се одвратни евангелијата, читајте го Достоевски. „Браќата Карамазови“, на пример.

Ќе мораме без вас, за жал. И спротивно на вас. Сами се ставивте на (по)грешната страна. На онаа погубната и опасната.

Изгубени сте и отпишани. Вам ни самиот Бог не може да ви помогне. Просто затоа што вие во Него не верувате.

Прости, почитуван читателу, што истурив толкава жолч. Но, што е многу – многу е. Прелеа…

Пишува: Милан Ст. Протиќ (За danas.rs)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img