Во новата епизода на поткастот „Смисла“, Отец Бобан и Сестра Ефимија разговараат со Марија Саздева, магистар по психолошки науки и меѓународен едукатор, на исклучително важна и актуелна тема.
Смислата на родителството и воспитувањето во современиот свет.
Разговорот отвора длабоки и искрени прашања за тоа што е погрешно во традиционалните модели на воспитување? Зошто многу од старите пристапи денес не функционираат? Како треба да ги воспитуваме децата во 2026 година и понатаму?
Посебен акцент се става на бурните реакции и тантрумите кај децата – како да се намалат или целосно да се спречат? Емоционалниот развој и психолошките потреби на детето, улогата на родителот како пример, а не само како авторитет.
Како со сопственото однесување, свесност и љубов да се изградат здрави, стабилни и среќни деца Оваа епизода е корисна за родители, идни родители, воспитувачи и наставници, сите што сакаат подлабоко да ја разберат смислата на родителството.


За жал и овој поткаст е сведоштво дека телесниот труд е исклучен од развојот на децата (во општество коешто е релативно сиромашно, а каде што сепак детскиот труд се смета за експлоатација на децата!). Дали ќотекот излегол или не излегол од Рајот е прашање кое има различен одговор за секое дете: ниту сите деца се исти ниту сите родители се исти сами по себе како личности и во односот со своите деца како родители. Но, во геслото дека ‘работата го создала човекот’ има една длабока вистина, не во Дарвиновата смисла на зборот, туку како суштински фактор во духовниот развој на човекот. Имено, секое дете без работни навики (егзистенцијални, конкретни работни навики) е не само разгалено, деградирано суштество, обичен готован, туку и еден вид инвалид во формирање, во смисла на моментална и идна беспомошност во сите посериозни дневни рутини што го сочинуваат конкретниот аспект на животот. Владиката Методиј има одлична беседа на тема Божик како што го прославува Запад, но изгледа кај нас “среќните празници” се живеат секој ден од годината.
Кога сме кај западната култура, сите мои богати пријатели или познаници на Запад (кога велам ‘богати’ мислам на милионери, сопственици на синџири недвижнини, на авиони итн.) не ги затрупуваат своите деца со играчки и не им даваат никаков џепарлак ни во најраната ниту во подоцната младост: изразените желби за џепарлак за вечерно излегување или за подобар телефон итн. на тинејџерите веднаш се решаваат со нивно хонорарно вработување на ниски работни позиции на обичен телесен труд во туѓа, не во домашна компанија (чираци, чистачи на плажа, работници во сендвичара, згрижувачи на кучиња итн.). За разонода тинејџерот го троши својот тешко заработен џепарлак, кој може дури и да не е мал, но не е подарок. Наследуваат имот дури на зрели годни, откако веќе добро се укотвиле во својата професија и кога веќе самите се наполно финансиски слободни и независни. Ако се случи да ги разочараат родителите со некој многу погрешен животен избор одбивајќи да го послушаат родителскиот совет, може и да не наследат ништо. Тоа е Западна Европа којашто ние наводно сакаме да ја копираме.
Но, кои се добрите практики во македонската традиција?
Кога ќе си спомнам за своите врсници од детството можам да заклучам дека децата коишто беа вклучени од мали нозе во земјоделските активности на своите родители рамноправно, или во нивните занаетчиски работни обврски и задолжително во одржувањето на чистотата и удобноста на домот, израснаа во најздрави личности, кои одлично ги преживеаа сите општествени промени и сите животни предизвици, односно можеа да си го носат крстот со ведрина и без никаква збунетост и потреси. Развија и одлично поимање на честа и на човековото достоинство, повеќето од нив беа и сосем солидни ученици. Сум чула родители кои им велеа на своите десетгодишни деца: “Сине, ако учиш и ако постигнеш одличен успех, тоа ќе биде мошне добро за тебе, но ние сите мора да ја заработиме нашата храна. Значи, мора да се погрижиме заедно за нашето лозје, за овоштарникот и да ги завршиме нарачките во нашата кројачница, а во времето што ќе ти остане ти можеш да си учиш. Сепак, тоа е друго, тоа е нешто за твојата иднина. Ќе бидеме среќни ако еден ден завршиш факултет и ако имаш убава плата, ама знај дека дотогаш мора да работиме сите заедно со мама и со тато.” И нивните деца работеа вредно и макотрпно, а во слободното време ги пишуваа своите домашни работи и се подготвуваа за на училиште. Играчки? Не бев видела дека имаат(иако семејствата всушност беа далеку од сиромашни). Си играа само на неколку големи празници, и тоа не којзнае колку, но беа особено весели тогаш. На училиште никој не знаеше како тие трудољубиви деца живеат дома, освен ретките другарчиња кои понекогаш имаа можност да ги посетат. Не сум ги видела да покажат дека родителите нешто ги мачат или ги фрустрираат, ги ускратуваат, напротив. Подоцна тие како младинци со својот труд си заработуваа пари за студии во далечни образовни центри: преку лето работеа по полињата и пазарите, а во текот на годината некои од нив исто така работеа хонорарно во време кога студентската работа не беше ни оддалеку организирана и платена како денес. Значи, за какви проблеми и предизвици на родителството зборувате овде? За една општа раслабеност и изгубен компас затоа што ќотекот не излегол од Рајот, а работата не ни постои како воспитен момент во развојот на децата?! Секој што воспитува дете без да го научи на работна дисциплина создава индивидуа без самопочит и без почит, дури и ако редовно го води на литургија, го поучува за молитвата и сл. И тоа, без оглед на сите можни вродени таленти, мора да го научи на конкретен телесен труд во најтрадиционалната смисла на зборот. Во спротивно се’ друго ќе остане ветер и магла. Емоционалната интелигенција е битна, но тенка е линијата од неа до емоционалното лукавство. Човек се учи на трпеливост и издржливост од мали нозе. Ако сметате дека треба да изградите манипулатори кои ќе се снајдат во денешните лукави времиња, тоа е веќе друга работа. Не знам каква врска тоа би можело да има со Црквата.