Конференција во Белград ја претстави геополитиката како „екуменска офанзива“ и го постави Ерусалим како алтернатива на Цариград

Date:

Share post:

На меѓународна конференција одржана на 11 декември во Белград, организирана од Центарот за геостратегиски студии, под наслов „Распнувањето на Православието во 21. век: духовни војни, екуменска офанзива и глобална политика“, биле изнесени остри обвинувања дека Вселенската Патријаршија и Ватикан делуваат како инструменти на геополитичко влијание, при што било предложено Ерусалимската патријаршија да се разгледува како нов потенцијален центар на православно единство.

Клучното излагање го имал митрополитот Запорожски и Мелитополски Лука од Украинската православна црква-Московска Патријаршија, кој во својот труд „Екуменската офанзива како инструмент на геополитиката: медиуми, финансии и дипломатија на Ватикан и Фанар“ тврдел дека современите геополитички судири се префрлиле и во духовната сфера, со сериозни последици по канонскиот поредок и внатрешното единство на Православието. Според него, екуменските иницијативи повеќе не служат како платформи за дијалог, туку како алатки на „мека моќ“ за политички притисок врз помесните Цркви и за оправдување на вмешувањето на секуларните држави во црковните прашања.

Особено внимание во неговото излагање било посветено на улогата на медиумите, за кои оцени дека се користат како средство за обликување на наративи поволни за Фанар, при што како пример посочил дека во периодот 2018–2020 година, според него, украинската расколничка структура била претставувана како „канонска“, а Украинската православна црква-МП како туѓа на сопствениот народ. Во истиот контекст, митрополитот Лука зборувал и за надворешна финансиска поддршка на проекти поврзани со Вселенската Патријаршија, која, како што беше наведено, доаѓа од структури на грчката дијаспора во САД, американски дипломатски фондови и транснационални организации.

Конференцијата, која во целина била насочена кон разобличување на, како што било оценето, „екуменизмот како геополитички проект“, отворила и низа прашања за ризиците од релативизирањето на догмите, институционалното потчинување кон Рим, продлабочувањето на поделбите во православниот свет и губењетона довербата кај верниците. Во тој контекст, била предложена обемна стратегија што вклучува создавање заедничка православна медиумска платформа, воведување задолжителни образовни програми за современите предизвици на Православието, формирање аналитички и надзорни тела за следење на странското финансирање, како и почеста употреба на соборни осуди на современите форми на екуменизам.

Најконтроверзниот дел од дискусијата бил предлогот Ерусалимската патријаршија да се позиционира како алтернативен центар на православното единство, со аргумент дека таа, за разлика од Цариград, не предизвикува поделби, туку работи на зачувување на заедништвото. Во таа насока биле предложени редовни средби на поглаварите на Црквите што остануваат во евхаристиско општење, изработка на заеднички документ за границите на екуменскиот дијалог и формирање постојан секретаријат за православно единство.

Иако конференцијата формално била претставена како академско-експертска платформа за заштита на духовната и канонската целост на Православието, изнесените ставови и тоналитетот на излагањата јасно покажале силна идеолошка насоченост и остро поларизирачки пристап. Наместо простор за широка црковна расправа, настанот оставил впечаток на обид за институционализирање на една конкретна визија за православното единство, во која Вселенската пПатријаршија се прикажува како главен извор на поделби, а сложените црковни и геополитички процеси се сведуваат на јасно дефинирана шема на „офанзива“ и „одбрана“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here