Почетна Репортажа Странци се одушевуваат од црквата од 14 век во Љуботен
Странци се одушевуваат од црквата од 14 век во Љуботен

Странци се одушевуваат од црквата од 14 век во Љуботен

809
0

Црквата „Свети Никола“ е само уште една во низата средновековни храмови со кои изобилува Македонија. До неа се доаѓа кога ќе се измине огромниот црковен двор обраснат со трева. Таа не е голема по обем. Ѕидана е од камен и тула и има форма на впишан крст во правоаголна основа. Од натписот, врежан на камениот надвратник, над влезната врата, се гледа дека црквата била изградена со средства на властелинката Даница во 1337 година.

СТРАНЦИТЕ СЕ ОДУШЕВУВААТ ОД ЦРКВАТА

Од надвор не се забележува дека тоа е храм изграден во 14 век. Се чини како да е направена пред неколку децении. Во 1928 година била направена реконструкција на градбата, при што се водело сметка за првобитниот изглед на црквата. А претходно со години била разурната во своите горни делови. Kога ќе влезете внатре, првото што ќе ви падне на ум е дека и е потребна итна реставрација. Живописот, кој долг период бил изложен на атмосферски врнежи оти црквата била разурната, претрпел големи оштетувања.

Ликовите на светците што се насликани речиси во природна големина се толку многу избледени што едвај може да се види за кој светец се работи, а во долниот дел се целосно раскопани.

Мештаните велат дека за време на Османлиската Империја Турците што живееле на тие простори ги уништиле фреските. Меѓу светителите е насликано и царското семејство, цар Душан, царицата Елена и синот Урош во цел раст, во чија служба се наоѓале синовите на Даница.

– Ова се царот и царицата, насликани меѓу светците – ни покажува Трајкова. На живописот кралот Урош е насликан како младо момче. Се претпоставува дека живописот е изведен во 1348 година, а Урош е роден 1337 година кога црквата почнала да се гради.

– Црквата ја посетуваат многу гости, претежно странци. Се воодушевуваат од фреските и иконите. Ми остана во сеќавање една жена од Белград колку беше импресионирана од она што го виде. Ме праша дали сме свесни какво богатство имаме – се присетува нашата соговорничка Трајкова.

Црквата е отворена само во сабота, во недела и за време на празниците. Неа ја чуваат селаните и од нивни пари е изграден ѕид околу црковниот двор. По потреба, за црковни обреди, доаѓа поп од селото Kучевиште. Неколку пати била цел и на грабежи и и биле скршени стаклата.

– На Свети Атанасиј се предава клучот од еден жител на друг. Има список од жителите и секој е одговорен за неа по една година – објаснува Трајкова. На тој ден жителите носат грав, ореви, костени и се прави некој вид аукција. Производите почнуваат со почетна цена и потоа почнува наддавањето, а парите што ќе се соберат остануваат за црквата.

Пред 30 години, кога Лиле, која потекнува од Прилеп, се омажила во Љуботен, црковниот двор служел и за веселба по венчавањето во црква.

– Тука во дворот игравме и пеевме. Сега младите прават свадба во ресторани и исчезна таа традиција на селото – вели таа.

А исчезнала и традицијата селаните да се собираат во црквата на 28 август, на Голема Богородица, и со песни и ора да го прослават овој голем христијански празник.

Трајкова ни посочи дека пред камбанаријата има гроб, кој е многу стар, но не знаеше да ни каже чиј е. Во селото се зборува дека во гробот е закопан некој од семејството на Даница.

НЕ Е ПОЗНАТ АВТОРОТ НА ЖИВОПИСОТ

За властелинката Даница, која ја изградила црквата, нема многу податоци ниту во стручната литература. Се претпоставува дека нејзиниот сопруг спаѓал меѓу позначајните личности на кои им било доверено управувањето со стратешки значајни пунктови. Едниот од синовите на Даница, постариот Бојко, управувал со Матка, месност блиску до Скопје, која го контролирала влезот по долината на реката Треска. Го нарекувале господарот на Матка. А вториот син, чие име не ни е познато, управувал со утврдениот град Звечан на реката Ситница, исто така познат по своето стратешко значење.

Во книгата „Споменици на културата на Македонија“, издадена во 1980 година, Kоста Балабанов, историчар на уметност и еден од авторите на книгата, претпоставува дека сопругот на Даница, најверојатно, починал од тешка болест.

– Дали тој уште при животот се завештал, ако оздрави – да подигне голема црква посветена на светецот Никола. Но, властелинот умрел, а неговото семејство го одржало аманетот – пишува Балабанов.

Тој вели дека авторот на живописот, иако е непознат, се гледа дека спаѓа во талентираните зографи. Суптилно сфатениот и вешто предаден цртеж, без груби анатомски неточности, укажува на пореалистичниот приод во реализација на ликовите и композициите, предадени со богат колорит во кој преовладуваат топлите тонови – забележува Балабанов.

Според податоци на Музејот на град Скопје, живописот во Љуботен припаѓа на златниот век на средновековната уметност во Македонија. Тој ги најавува особините на доцниот стил во сликарството на 14 век и има огромно значење за иконографските студии, се вели во текстот на Музејот посветен на црковната традиција во Скопје и Скопско од 14 век.

– Kолоритот во ова сликарство е ладен, со хармонија на сино, зелено и сиво и многу ретко со црвени акценти и светол окер, а во целина и со светли интонации. Сликарството во оваа црква изгледа како дело на еден сликар, најверојатно од охридската сликарска школа, кој иконографски нуди неколку нови мотиви, детали од фолклорниот реализам и сцени во врска со апокрифната смрт на Богородица. Овој живопис се карактеризира со пренатрупаност на фигури, а наративноста оди во детали, вклучени се жанр-мотиви во композициите „Свадбата во Kана“ и „Исцелување на болниот од водна болест“ – пишува во текстот на Музејот на град Скопје посветен на оваа црква.

Тоа се податоците за „Св. Никола“ забележани од стручни лица. Се чини дека уште треба да се истражува за да се дојде до поконкретни и поточни податоци за жената што ја изградила црквата и кој е авторот на фреските.

ВО ЉУБОТЕН МИРНО, БЕЗ ТЕНЗИИ

– Живееме мирно, но не комуницираме со Албанците, ни вели Цветанка Павловска од Љуботен. Ова село на македонската јавност и е познато по случувањата од 2001 година. Во Љуботен, од конфликтот во 2001 година, Македонците и Албанците живеат едни покрај други, но не се дружат, не контактираат.

По конфликтот, многу од Македонците се иселиле оттаму. Од 200 лица, сега се останати уште 50-ина. Постои и еден случај, кој е реткост, особено за тој дел на Скопје, Македонец со семејството се вратил во селото по долгогодишно живеење во Германија. Во селото живеат околу 3.000 Албанци, кои во Љуботен почнале да се населуваат во 19 век. И во минатото не се дружеле многу едните и другите, но си помагале кога ќе затреба. Имало некаков соживот.

Денес во Љуботен тоа повеќе го нема, но е мирно, без поголеми меѓуетнички тензии. Македонците го користат патот што води до Љубанци и оттаму патуваат накај центарот на Скопје, а Албанците одат преку Љуботенски Пат, што води до населбата Бутел, и така стигнуваат до градот. Имаат и засебни амбуланти, а децата никогаш не учеле заедно.

Македонците учат во блиското село Љубанци, а Албанците во основното училиште во Љуботен. На 10 август 2001 година кај месноста Љуботенски Бачила загинаа осум припадници на АРМ. Два дена подоцна следуваше акција од македонските безбедносни сили против припадниците на ОНА. За љуботенските настани Јохан Тарчуловски од Хашкиот трибунал беше осуден 12 години затвор. Сега нема поголеми тензии меѓу христијаните и муслиманите. Но, Македонците стравуваат дека во блиска иднина во селото можеби ќе останат само Албанци оти трендот на заминување на православните христијани, особено младите, кој започна од 2001 година, се уште трае.

ПРИКАЗНИ ЗА МОЌТА НА ДАБОТ СТАР 500 ГОДИНИ

Во дворот на црквата во Љуботен има и даб кој е стар речиси 500 години. За него е поврзана една случка, која звучи малку неверојатно, а во Љуботен се прераскажува од колено на колено. Имено, еден од Албанците кои живеат во селото еднаш решил да го исече дабот. Само што почнал да го сече, починал на самото место. Освен што тој починал, на неговото семејство му се случиле низа трагедии. Па, љуботенци велат „семејството му се уништи комплетно“.

/Ирена Радовановиќ (МИА)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *