Почетна Коментар Различности
Различности

Различности

446
0

Во минатата беседа рековме дека постојат различности и дека тие ја прават убавината на целината на нашиот живот. Но, демонот, преку нашиот подвоен ум, различностите ни ги претставува како поделби, а поделбите ни ги претставува како закана од која прво предизвикува страв, а потоа и параноја внатре во нас. Различниот, по која било основа, не е дел од нас, тој е закана за нас, и затоа против него треба да преземеме и соодветни мерки на превенција. Ваквото демонско размислување и постапување е изворот на сите проблеми. Да го видиме тоа во неколку примери.

На пример, начинот на организирање на монашкиот живот. Светите Отци на Црквата, според квалитетот на молитвата, разликуваат три начина на организирање на монашкиот живот: таму каде што преовладува (каде што е карактеристична) умната и усната молитва, монасите се организирани во поголеми заедници – општожитија; таму каде што преовладува аскетската умно-срдечна молитва, монасите живеат во мали, затворени заедници, сочинети од неколку монаси, кои се нарекуваат скитови; и оние монаси што го имаат дарот на непрестајната умно-срдечна молитва гледаат да живеат скриени и осамени (пустиножители, еремити).

Ова се само различности во организирањето на монашкиот живот согласно квалитетот на молитвата, но тие се богатство, убавина и неопходност на црковниот монашки живот, а не спротивставени поделби. Зашто, како прво: не е возможен никаков монашки духовен развој без општожителниот манастир – никој веднаш не станува пустиножител (иако имало и многу, многу ретки исклучоци); второ: не значи дека и во општожителниот манастир не живеат монаси со дарот на аскетската умно-срдечна молитва, или дури и со непрестајна – рековме, таа молитва е начин на живот, а не место; и трето: организирањето на монашкиот живот во многу зависи и од потребите на самата Црква – не значи и дека секоja малoбројна заедница е скит.

Друг пример е начинот на организирање на црковниот живот согласно светите Канони (Правила) на Црквата и согласно нејзините пастирски потреби. Црквите се организираат (или би требало) согласно државните граници и различните пастирски потреби, или пастирски приод кон одредено население внатре во тие државни граници. Ова се само различности во организирањето на црковниот живот согласно Правилата и пастирските потреби на Црквата, но тие се богатство, убавина и неопходност на црковниот живот, а не спротивставени поделби и непријателства. Сите ние, навидум административно одвоени во различни Помесни Цркви, сепак, веруваме во Една, Света, Соборна и Апостолска Црква, и во никакви други цркви.

Трет пример што го спомнавме е организирањето на демократското општество преку повеќепартискиот систем. Поддршката на партиите и нивните идеи и програми за поквалитетен живот треба да е само обична и слободна различност на мислења, а не суштинска поделба и непријателство меѓу граѓаните на една држава – како што гледаме дека тоа кај нас се случува. Ако на ова го додадеме и учеството на црковни лица во поттикнувањето на партиските поделби, тогаш – во нивниот случај, говориме за антихристијанско дејствување.

Но, како настануваат овие трагични поделби и непријателства?

naumОдговорот веќе неколкупати го повторуваме и потенцираме: поради нашата отпаднатост од Бог, демонот ја искористува нашата неисцеленост, нашиот личен внатрешен расцеп, односно го злоупотребува расцепот помеѓу примарната функција на нашиот непросветлен ум и неговата секундарна функција – прехранетиот разум, и преку овој внатрешен умен расцеп успева кој било дел од целината на нашиот живот да ни го прикаже како целина и емотивно да нѐ приврзе кон него, а истовремено успева да направи целината да ја превидиме и воопшто да не нѐ интересира за неа – без оглед дали таа целина се нарекува монаштво, Црква или држава. И, нормално, превидот е секогаш во согласност со нашите страсти – за славољубие, за среброљубие и за сластољубие.

Пресвета Богородице, исцели нѐ и спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *