Почетна Коментар Халал-стандардот не е грев за православците
Халал-стандардот не е грев за православците

Халал-стандардот не е грев за православците

827
4

Навистина штета што архимандритот Дамаскин, игумен на Лесновскиот манастир, кого сите го познаваме како врвен духовник и личност која, сигурно, ќе има посебно место во иднината на МПЦ-ОА, минатата недела се воздржа од објаснувањата на темата што самиот ја отворил.

Да не беше колумната на извршниот директор на фирмата „Макпрогрес“ од Виница, Глигор Цветанов немаше да дознаеме што било кажувано на празничниот ручек во ова светилиште околу јадењето на храната подготвена со муслимански халал-стандарди.

Разбравме дека архимандритот упатил порака до православните верници воопшто да не јадат ваква храна оти кај нив „ќе влегол ѓавол и ќе имале несреќа во животот“. А сето тоа, како што подоцна се разбрало, произлегло од информациите дека во прехранбените фабрики кои досега добиле сертификати од Агенција за халал-стандарди на Исламска верска заедница, дека не само што почнале да се применуваат такви стандарди туку тоа било и придружено со исламски верски обред, односно, чинот на верско осветување кое го извршил муслимански свештеник. Значи, станало проблем што православните христијани требале да јадат храна подготвена од артикли и на производствени линии кои ги благословил исламски оџа.

Вакво нешто брзо беше демантирано од првиот човек на Агенцијата за халал-стандарди, односно, дека не се прават никакви верски обреди во фирмите, туку само проверка дека производите се прават единствено од она што е дозволено за муслиманите. Односно, дека во нив нема свинско месо, крв, алкохол, додатоци што се штетни за здравје.

Добро што демант дојде веднаш за проблемот што го актуализирала група верници што редовно го посетуваат Лесновскиот манастир да не ескалира и понатаму. Но, остана сознанието дека за архимандритот Дамаскин и за дел од православните христијани е проблематично тоа што одредени македонски фирми, а се работи за низа познати компании, произведуваат храна по стандарди предвидени за муслимани.

Навистина, спорно ли е тоа, смеат ли православните христијани да јадат храна подготвена според исламски стандарди? Дали во нив тогаш ќе „навлезе ѓаволот и ќе имаат несреќа во животот“? Дали од таквиот став произлегува дека православните христијани не смеат да ја јадат ниту храната подготвена според кошер-стандарди кои се предвидени за припадниците на еврејската религија? И тие, познато е, не јадат свинско, јадат само месо на одредени животни, се бара посебен начин на колење на животните и слично… А посебни правила за исхрана имаат и римокатолиците, хиндусите, будистите… што отвора прашање дали со консумирањето на таквата храна, што ја јадат припадници на други неправославни религии, некој преку уста и стомакот ќе стане подложен на влијание на друга религија. Сe до можноста преку храната и да си дојде до тоа да се реши да ја смени сопствената религија.

Јасно е дека секоја религија пропишала одредени правила за исхрана на своите припадници и, гледаме, сите тие и на тој начин се разликуваат. Тоа е резултат на тоа што го проповедаат нивните свети книги настанувани низ вековите од нивното појавување па натаму. И, јасно, тие правила се водени со мисла дека ќе им донесат добро на верниците кои ги применуваат и, покрај другото, уште повеќе ќе ги доближат до Бога. Но, во практика имаме различни однесувања. Не сите православни христијани постат, не постат ниту сите муслимани, а постите се едни од фундаментите и на двете религии кога се во прашање правилата за исхраната.

Тоа е работа на личен избор, сепак ако некој сака да се смета за вистински припадник на одредена религија, тогаш треба и да ги применува правилата за исхрана што таа ги препишала.

Апсурдно е, нели, некој православен христијанин да се причестува а претходно да не постел. Постењето е неразделен дел од црковен живот што го имаат верниците во христијанството.

Слично е, сигурно, и со исламот. Kако, на пример, на аџилак во Мека да оди лице што се смета за муслиман а истовремено во својата исхрана јаде и свинско месо. Едноставно, припадноста на одредена религија вклучува и примена на правилата за исхраната. За разлика од ова, друга е ситуација кога е во прашање дилемата дали православни христијани смеат да јадат храна подготвена според стандарди за муслимани. Или, обратно, дали муслиманите смеат да јадат храна подготвена според стандардите за христијани или, пак, за Евреи?

BrankoОдговорот е едноставен и дилеми не треба да има бидејќи, навистина, што е грев и што е недозволиво во тоа христијанин да не јаде прехранбени производи во кои нема свинско месо, нема крв, нема штетни адитиви. Или, што би било спорно ако истиот тој христијанин јаде кошер-храна. Тука нема ништо спорено и неприфатливо бидејќи се работи само за производи кои се прават според одредени стандарди и ништо повеќе бидејќи нема верски обреди, нема ритуали по производните хали. Припадноста на одредена вера, едноставно, не ни забранува да го јадеме и тоа што не ни е забрането.

Пишува: Бранко Ѓорѓевски (ДНЕВНИК)

Коментар(4)

  1. Поимот на ‘гревот’ е толку апсурдно третиран на првиот степен на очистување на срцето од страстите… Човек кој барем малку пораснал во духовниот живот не се занимава со гревот на тој начин, бидејќи може да ја види безвредноста на своите подвизи и самоодрекувања од класичен вид многу јасно или со други зборови, со трезвеноумие се бори против непрестајните грешки на умот. Да си способен да го исправиш својот ум барем на еден час дневно, да е во согласност со Божествениот – ќе зачекориш во Рајот неповратно, уште овде на земјата. И сето тоа бладање по прашања на верата подвластено на единствениот критериум кој го имаш (надворешниот суд) ќе го оставиш засекогаш, доколку имаш барем малку смирение за да видиш дека освен грев ние на Бога и немаме што друго да Му понудиме … особено така: следејќи ја формата на добро отпочитувани правила. Само човекот кој го прифатил, осознал, потврдил во скриената одаја на своето срце фактот на својата ништожност во секој поглед… само таквиот може да има нешто со Бога.

  2. Бранче ова е врв на циничното новинарство односно на непрофесиналноста на известување и манипулација со читателите па авторов сам се демантира. Ако верникот ја применува исхраната што ја препишува одредена религија тогаш како може Христијаните да јадат производи пропишани од Исламот.
    Но фактот е само да се ЛАЕ по МПЦ во име на псите за кој работиш.
    Да се ндеваме дека МПЦ ќе ги тргне завесите на добронамерноста на раздорите и ќе излезе со АПЕЛ ПРАВОСЛАВИТЕ да не купуваат Халал производи!

  3. За жал на игуменот Дамаскин не му е прв пат на овој начин да ги заведува и да ги манипулира верниците кои одат во лесновскиот манастир. Но, и друго од таа кујна и не треба да се очекува, впрочен нему и на неговиот владика Иларион примарното образование им е од областа на Сточарството. Лесновскиот манастир на далеку е познат по бројноста и квалитетот на говеда и овци.

  4. Воздржувањето заради вподобување на Господ Исус Христос од тој вид храна (приготвена според потребите на муслиманите) секако ќе се приброи кон севкупниот подвиг на пост на православниот, иако можеби според состојките не се коси со состојките во храната пропишана со христијанското правило на постот.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *