Почетна Коментар Љубовен одговор на човечкото зло
Љубовен одговор на човечкото зло

Љубовен одговор на човечкото зло

811
5

„А Симон Петар, кој имаше нож, го извади, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво. Името на слугата му беше Малх. Но Исус му рече на Петар: ‘Стави го ножот во ножницата. Зарем да не ја испијам чашата што Ми ја даде Отецот?’” (Јован 18, 10–11). „Тогаш Исус му рече: ‘Врати го ножот на местото негово; зашто сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат; или мислиш дека не можам да Го помолам сега Својот Отец да Ми прати повеќе од дванаесет легиони ангели? Но, како ќе се исполнат Писмата ако ова не стане?’” (Матеј 26, 52–54). „Па, кога се допре до увото негово, го излекува“ (види: Лука 22, 50–51).

Во овие евангелски исечоци Богочовекот Христос ни сведочи дека ние, христијаните,  сме должни сѐ да претрпиме, само и само да се исполни волјата Божја, а не нашата, дека Царството Негово и наше не е од овој свет, и дека на злото од страна на непријателот треба да вратиме со љубов. Ако ли не – секој што се фаќа за оружје, од оружје и ќе загине; и душевно.

Идејата за ширење на христијанството се заснова токму на заповедта Христова за љубов и кон непријателите, во невраќањето на злото со зло, туку со добро и со љубов; токму со мачеништвото (во крв или на совеста), односно со сведоштвото на Христовата љубов во овој свет. Немаме историско сведоштво за враќање на злото со зло во првите три века на Црквата Божја; напротив, мачениците, односно сведоците Христови, со љубов им враќале на своите мачители. Верата се ширела на тој начин што гледајќи ги големите Божји чуда, при мачењето на мачениците, какви што се: дисфункционалноста на природните закони, исцеленијата, ангелските гласови, појави и интервенции, пројавувањето на Божествената светлина и други, луѓето се преобраќале во христијани. Колку поголеми и пострашни прогони измислувал демонот преку своите слуги – луѓето на власт, толку повеќе се ширело христијанството.

За да се оствари оваа заповед неопходно е христијаните да не се врзуваат и поистоветуваат, на никаков начин, за овој свет: ни преку самољубието, ни преку семејството, ни преку народот, или подоцна на државата и нацијата на која ѝ припаѓаат, ни преку која било форма на овосветско, човечко организирање поради која би биле принудени да земат меч во рака и да вратат на злото со зло. Едно е поистоветување, а сосема друго пастирски пристап.

Запомнете сите: Светиња со меч не се брани! Без оглед на тоа кој така направил, кој така рекол, кој тоа теолошки го брани, кој тоа го пренесува и кој тоа го застапува – ако сакате да сте барем православни христијани. Зарем Богочовекот Христос не е нашата најголема Светиња? Зарем нема да ја послушаме Неговата заповед и зарем нема да го следиме Неговиот пример?

Но, како дошло до искривување на верата во пракса? Демонот видел дека преку отворен и груб прогон само допринесува кон ширење на христијанската вера (иако низ историјата ја повторувал истата грешка) и смислил нов суптилен начин на прогон за уништување на Божјата Црква, и им овозможил и понудил на христијаните најразлични начини или шеми на поврзување и поистоветување со овој свет – од лични гревовни до општествени. Во овој момент, поинтересни и понеопходни за објаснување се општествените.

Демонот, на христијаните, низ историјата, суптилно им понудил пад преку три главни  искушенија: првото, нивното поистоветување со државата; второто, нивното поистоветување со народот на кој му припаѓаат; и третото, нивното поистоветување со партијата.

Да ги разгледаме најпрво последиците од тие поистоветувања на општествено-политички план.

Прво, додека во времето на прогонот на Црквата од страна на државата не гледаме отпор од страна на мачениците-христијани за да се заштитат себе и своите семејства (иако истовремено се убивани и над дваесет илјади луѓе), во времето на признавањето на Црквата од страна на државата одеднаш гледаме како номиналните христијани земаат меч во рака и убиваат со оправдание дека ги бранат христијанската држава и црква, себеси и своите семејства од иноверните. Секој непросветлен ум ќе го оправда гореспомнатото однесување и ретко кој тука ќе забележи нешто лошо. Но, да видиме како злото се развива понатаму.

Второ, кога номиналните верници ќе се поистоветат со „нацијата“, одеднаш гледаме како православни браќа христијани (Срби, Бугари, Грци, Македонци итн.) почнуваат да се убиваат меѓу себе, и тоа со благослов на највисоките црковни власти. Зарем ова не е чудно за некој со и најмалку нормален разум?

И трето, најголем апсурд е кога номиналниот христијанин се поистоветува со партијата, и одеднаш, на пример, православен Македонец мрази и убива православен Македонец. Тука злото е толку очигледно дури и за атеистите, и нема што да се коментира.

Да го разгледаме истиов дух на однесување и на црковно-историски план. Во времето кога номиналните христијани ќе се поистоветат со државата, гледаме како Црквата, поделена на пет патријаршии во една држава, и често под нејзина контрола, покажува голема трпеливост дури и кон еретиците – грижејќи се како да го зачува своето единство (а преку неа и државата своето), толерирајќи многу еретички заедници и дури борејќи се да ја одржи евхаристиската заедница со нив. На пример, свети Мелетиј, човек со аријанско крштение и аријанска хиротонија, станува претседател на Вториот вселенски собор.

Во времето кога номиналните христијани ќе се поистоветат и со „нацијата“, одеднаш гледаме дека (исто како и во меѓусебните убивања од тоа време) нема ни трага од толерирање на „другите“ − тие што сакаат да си прогласат таканаречена национална црква веднаш се прогласувани за расколници и еретици, и веднаш се анатемисани – од истите такви кои свои  национални цркви си прогласиле претходно. Историјата ни е добро позната; на наш грб. Значи, злото си расте сосем очигледно, а тоа се одразува и внатрешно, во меѓусебните поделби во една и иста национална црква, и во нејзините празни храмови.

Како овие падови или поистоветувања се одразуваат на личен психолошки план? При падот на првото искушение, т.н. номинални христијани се наоѓаат во стадиум на религиозна невроза − не ги контролираат своите мисли, чувства, зборови и постапки, и во таква состојба лесно го фаќаат оружјето во рака, односно враќаат на злото со зло. По падот во второто искушение, веќе се работи за религиозно растројство на личноста (т.н. психопати или социопати), кога гледаме како браќа по вера меѓу себе бесчувствително сакаат и физички, и духовно да се елиминираат. Е, сега, ако некој од нив, а посебно оние што се на власт (пред сѐ, црковна), тоа намерно и свесно го прават, со свесна определба за злото, тогаш се работи за најопасен степен на психоза – демонопседнатост. Падот во третото искушение е чисто зло.

Монасите се едни од ретките верни кои го зачувале маченичкиот етос во Црквата, а кои се појавиле веднаш по престанувањето на нејзиниот прогон. Никаде не се чуло и видело вистински монах да земе оружје во рака (освен мечот на вистината) за да го одбрани својот ближен од лагата и од таткото на лагата. Монасите со љубов ги дочекувале непријателите на верата во своите манастири и најчесто биле како јагниња колени. Тие многу добро сфатиле дека љубовта не се состои во тоа да ја положиме душата на непријателот заради својот ближен, туку во тоа што Богочовекот Христос го вели: „Нема поголема љубов од таа да си ја положиш душата своја за ближниот свој“ (види: Јован 15, 13), односно дека нема поголема љубов од тоа, преку сведоштво на Христовата љубов до мачеништво за Него, да го положиш и животот свој за спасение на сите оние кои и отпосле ќе се освестат и кои ќе посакаат да се спасат.

Христовото Воскресение, во суштина, е љубовен одговор на човечкото зло, исто такво е и нашето вистинско учество во Неговото Воскресение. И никакво поинакво. За сите, пак, оние кои себе се нарекуваат христијани и се причестуваат со Светите Тајни, а не постапуваат согласно нивното име, се однесува Христовото прашање кон Јуда: „Со целив ли Го предаваш Синот Човечки?“ (види: Лука 22, 48).

Пресвета Богородице, просветли ја нашата темнина и спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Коментар(5)

  1. Простете, но не можам да му побегнам на впечатокот дека последниве текстови не се наменети за Вашите духовни чеда, кои не верувам дека туку-така би се фатиле за пушка – како да имате за цел да ја разводените битката на родољубивите (мирни и мошне благородни, впрочем успешни) протести насочени против Ваши политички штитеници? Да се надеваме дека не е така! Сепак, никогаш не најдовте за потребно да ги изобличите навистина деструктивните антимакедонски и антихристијански протести на т. н. „шарени револуционери“, а сме чуле и дека има манастири под Ваше духовно раководство кои пружале поддршка на нивни припадници и сосем далеку од старата добра практика на туѓинување во однос на политичките случувања прилично забраздиле во следењето на сите овие настани, па и фатиле страна (елитистички-лево ориентирана, де!). Во таква ситуација, навистина, кој кого да лекува?! Толку многу прозивки на адреса на „номиналните христијани“, денес реално загрозени од заканите на друговерен народ… А дури имате и монахиња со име на Светителка која го убила војсководецот на непријателскиот народ при опсада на Израилот и тоа убиство и’ се смета за подвиг достоен за почит на нејзината закрилница од торжествениот Собор на Светите (гест сличен на Мојсеевиот во нешто поинакви околности). Или Евреите се избран народ Божји, а ние просто џган за нечија парадна кланица? Со ова се разбира не сакам да повикувам на војна, но не се сомневајте дека ќе го одбранам правото, па и потребата на мојот народ да протестира против заканата од туѓ и друговерен народ или негови злонамерни водачи да ни ја одземе слободата да ја уредуваме својата земја. И според долгот најпосле и ќе се спротиставам на небулозните активности на г. Пимен (кому му молчиме од почит кон неговата митра) чии симпатии и поддршка кон деструктивната „шарена револуција“ од една страна, а лажни, квази-миротворни повици за престанок на тековните родољубиви протести на иницијативата „За заедничка Македонија“ од друга страна многу лесно го валкаат образот на Црквата денес во нашето општество, оној образ кој тешко и со големо трпение беше воздигнат во посткомунистичка Македонија и за кој трпеливо и саможртвено се борат бројни благочестиви свештеници, монаси и мирјани, па и самиот се’уште достоинствен Свет Синод.

  2. А штетите од турското исламско ропство до ден денес не можеме да ги пребродиме, г. Наум – нашите Маченици, со кои толку се фалите, за нас се главно безимени, малубројните за кои се зачувал споменот (единствено во народните преданија) одвај можеме да ги канонизираме, зашто нивните житија и страдања немало ни кој да ги запише, ниту е лесно денешните архиереи на нашата, Македонска Православна Црква, да му поверуваат на тој „фалш“, номинален христијански народ кој барем некои од нив успеал да ги сочува во својата колективна меморија, па да го возвеличиме нивниот пример за поколенијата што доаѓаат. Дури имаме и Владика кој го смета македонскиот народ за безначаен и желен за некоја непостоечка национална слава, за народ кој од пусто славољубие измислува легенди за небаре сомнителни личности кои сака да ги нарече големи или свети. Само што ние на ниво на клир не го исполнивме нашиот долг кон нашите Свети Маченици се’ уште ни на најпростиот, школски начин, преку достоинствено чествување и со искрена и топла благодарност, ги немаме насликано нивните икони, ниту опеано нивните подвизи, ниту сме сториле нешто позначајно за да го заживееме нивниот култ меѓу народот од кој сега бараме да го следи нивниот пример. Сме поставиле одвај почеток. Има места кај што самиот народ ги чува и чествува нивните Свети мошти, а Црквата се’ уште размислува дали можеби се работи за суеверие (не дека нема право да биде претпазлива, чисто анализираме какви се ефектите од нашата историја на непротивење на злото). Не сме во состојба асално ни веронауката да ја воведеме во нашите училишта, секогаш некому полагаме сметки не само за нашиот национален, туку и за нашиот православен христијански идентитет. Денес на нашите црковни богослужења најчесто величаме туѓи Светители, се восхитуваме на богословска мисла и православна култура на други народи и факт е, се чувствуваме инфериорни. (Не е загуба да славиш Светители произлезени од други народи, но гласно зборува за ефектите од иноверното насилие врз нас, го прави туѓо христијанството за „номиналниот христијанин“, тој го смета за некаква немакедонска, грчка вера, мисли дека големи христијански величини секогаш имало некаде на друго место, дека тоа никогаш не фатило подлабок корен овде и всушност не оставило вредни и значајни траги). Произлегува ли значи навистина чувството на инферионост од нашите страсти на недокажаност, како што милува да каже г. Пимен? Заради нашиот историски христијански неквалитет? Имаме заслужен комплекс на пониска вредност? Или едноставно немавме можност да ја сочуваме нашата национална и црковна ризница од канџите на сите наши непријатели затоа што многу гиневме не можејќи да им одолееме на најосновните добродетели длабоко во себе, и секогаш одново и одново вртејќи го и другиот образ за нов удар?

  3. Во соседна Грција, на пример, во минеите на Православната Црква ретко ќе најдете текст за богослужење на негрчки светители. Не се празнуваат дури ни Светители со подвиг од екуменски размери, ако не се Грци. (Не велам дека е паметно, но вреди да се спомене во прилог на посебниот акцент кој грчкиот православен етос го става врз народот како Тело Христово, што е многу поблиску до реалноста од екстремната есхатологија што денес ја заговарате; разликата во плодовите кај секој од тие пристапи е огромна). Ајде да се навратиме на Израилот како избран народ Божји, како старозаветен модел за структурата на едно народно ткиво, на неговиот развој и однос кон Бога и особено на откровението кое преку тој модел Бог ни го дава за Своето видување на поимот ‘народ’. Иако се многу аспектите коишто би можеле да ги посочиме, за нашата денешна ситуација интересно е да констатираме дека Евреите своите родољуби и херои ги сметаат за Свети (овде навистина генерализирам, но факт е дека екстремниот есхатолошки критериум што го поставувате го бара тоа), тие одамна не’ убедиле и ние да ги прославуваме како такви, а ние нашите на јазикот на македонскиот црковен етос ги нарекуваме убијци или самоубијци, поретко херои. Но сепак, за Бога нема народ кој не е избран, г. Наум (зашто таквиот народ веднаш би исчезнал – во полнотата и при перихорезата на човештвото секој жив народ си има свое јасно место во очите Божји) ако навистина можете да го видите посебниот печат Божји на секој од народите (слично како и на секоја одделна личност – и јас не се сомневам во Вашиот спознавачки капацитет по ова прашање), како што велите, од перспектива на одондестраното а не како проста идеја за еднаквоста по себе и за еднаквоста на шансите (факт кој не може и не треба да се побие е дека ‘еднаквоста’ како поим е пуста човечка желба, таа се коси со Божественото потекло на Созданието како целина и во сите негови состојки).

  4. Убаво е тоа што си го напишала, Јано, сега луѓето имаат два текста пред себе, па сами нека си одлучат кој пат ќе го фатат. Само тоа за подршка на „шарена револуција“ и поврзување со манастирите ќе треба да го исповедаш затоа што е лага. Владиката Наум е единствен владика кој истовремено седи и со Груевски и со Заев, кој единствен влегува и во двата партиски штаба и кој единствен има свои духовни чеда таму – дури многу повеќе во штабот на ВМРО. Тоа е показател дека во врвот на ВМРО немаат такво мислење за него. Ако не веруваш, прашај го Никола или Саше или Илија или Никола П. итн.; или пак некој од нивното обезбедување, ќе ти кажат. Имаш поздрав од него и убави празници!

  5. Ви благодарам за одговорот. Доволен ми е мене зборот на Владиката Наум, нема зошто да проверувам. Иако ме повикавте на покајание и исповед за изнесена лага, драго ми е што проговорив за тоа, зашто такви гласини има и до мене дошле од некаква „прва рака“. Но, сега човекот кој ја шири таа информација за непримерни политички активности во некој од Вашите манастири каде што извесно време престојувал можеби ќе најде сила да ја отфрли измамата на лукавиот на која од некоја причина и’ поверувал (Вие ќе можете да проверите дали навистина такви постапки имало), а луѓето на кои им значи Вашиот избор и Вашето стојалиште ќе можат да прочитаат како конкретно, во меѓучовечките односи, се однесувате во оваа долга и напорна политичка криза. Неправедно да зборуваат против Вас секакви лоши зборови лажно заради Христа верувам значи ново блаженство и множување на благодатта за Вас, но за послабите браќа и сестри тие зборови може да подметнат уште еден камен за сопнување, уште еден пад и непремостлива пречка до поправилен однос кон еден таков духовен отец. Знам дека од голема важност за Вас е никој да не биде сопнат. Ве поздравувам и Ве молам за прошка за вознемирувањето што Ви го нанесов.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *