Почетна Коментар Виновни сме затоа што молчиме
Виновни сме затоа што молчиме

Виновни сме затоа што молчиме

500
0

Добри луѓе, ајде да проговориме. Да не молчиме пред злосторството, пред насилството, пред  уништувањето на човечанството. Вчера Истанбул и Медина, денес Ница, утре може да бидат нападнати Чаир, Тетово, Тирана. Насилството само насилство може да изроди, тероризмот само тероризам може да произведе.

Само во текот на светиот месец Рамазан, од темпирани бомби и од самоубиствени напади, загинаа 2000-3000 илјади луѓе. Беа нападнати џамии, аеродроми, трговски центри, експлодираше бомба дури и пред влезот на џамијата на Мухамед а.с. во Медина. Жртвите, освен во некој поединечен случај, беа муслимани, значи луѓе што му се радуваа на Рамазан, на ибадетите што ќе ги чинеа за Аллах и за мирот и спокојот што на муслиманите им го носи овој свет месец. Знае ли некој да каже што се случува?

Мене ми се чини дека дефинитивно е загубено секое логично објаснување. Ако некој до вчера мислеше дека “џихадот“ на ИСИС е ориентиран кон немуслиманите, последните напади во Истанбул, во трговскиот центар во Багдад и во  Медина, потврдуваат дека таа организација не ги бира и не ги селектира целите и жртвите.

И, како да не беа доволни споменатите напади, следуваше уште еден чин на лудост, овој пат во Ница. Повторно прокрваве Франција, а меѓу загинатите имаше многу Арапи, можеби и некој Албанец, се вели дека една третина од жтрвите се муслимани. Светот повторно се вџаши, а  загинатите повторно беа недолжни млади луѓе, мајки со деца, жени, мажи, старци. Прегазени на најкрволочен начин со еден голем камион. Пораката на Ел Багдади :“Убијте ги нив со камења, прегазете ги со автомобили, заколете ги со ножеви, во нивните канцеларии и во нивните домови, било каде да ги сретнете…“, како да почна да се имплементира.

Но, јас ви велам јавно и со полна одговорност: Пораките на таканаречениот лидер на таканречениот ИСИС, во ниту еден сегмент немаат врска со Исламот. Напротив, тие пораки и тие наредби го валкаат Исламот повеќе од сите напори на неговите душмани низ вековите. Треба да се каже и да се повторува константно дека Алах џ.ш. не прифаќа во негово име да се убиваат недолжни луѓе. Луѓето што ги убиваат недолжните се, едноставно, убијци и криминалци и за нив не може да има место во џенетот(рајот).

Ќе се обидам тука да направам една паралела што може да биде болна но која што на најдобар начин потврдува дека камионџијата од Ница не може да биде никаков “муџахид“ и дека тој е, всушност, само едно чудовиште во облик на човек.

Имено, сите нас се уште не боли убиството на малиот Алмир во Куманово, а кого што со автомобил, толку бездушно го прегази еден нечовек. Напишав и тогаш, повторувам и денес дека убиецот на Алмир е чудовиште што е хрането и воспитувано со омраза.

Да ја ставиме раката на срце сите ние заедно и да се запрашаме: Ако се сложуваме дека убиецот на Алмир е несомнено чудовиште, тогаш што може да биде човекот што на толку грозен начин одведе во смрт 84 луѓе и многу други ги осакати? Има ли некој морално право да застане во одбрана на убиецот што во Ница предизвика толку ужас, без оглед на тоа што неговото име е муслиманско?

Значи, и ИСИС, и Ел Багдади, произведуваат чудовишта, ама Исламот нема ниту една допирна точка со злосторите што извираат од тој човек и од таа организација. Баналноста и несериозното навивање што овде-онде може да се слушнат и што одат во правец на подршка на злосторите во Истанбул, Багдад, Медина, Куманово и ете сега во Ница, само можат повеќе  да ги заматат и онака заматените води.

Добри луѓе од било која нација или вера, внимавајте и вардете се од стапиците што ги поставува шејтанот(ѓаволот).

Атмосферата што тежнеат да ја створат злосторниците може да предизвика безредие во светот, во еден миг може да го снема сето тоа што сме го граделе со мака и со пожртвуваност. Терористите, целејќи секаде каде што можат, трудејќи се да предизвикаат што е можно повеќе страв и болка, всушност се обидуваат да предизвикаат пукнатини и раздор во општеството кое што никогаш не ќе може да се санира.

Денес се ствара амбиент за исламофобија бидејќи сите ние молчиме и молчејќи ја превземаме и вината која што не ни припаѓа. Утре, добри луѓе, еден христијанин може да прегази толпа муслимани, некој христијанин може да постави бомба или да ја отсече главата на некој муслиман. Што тогаш и како тогаш?

Sulejman Redzepi 1Да проговориме, добри луѓе. Да не молчиме пред злосторството, пред насилството, пред  уништувањето на човечанството. Вчера Истанбул и Медина, денес Ница, утре може да бидат нападнати Чаир, Тетово, Тирана. Насилството само насилство може да изроди, тероризмот само тероризам може да произведе.

Пишува: х. Сулејман еф. Реџепи

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *