Почетна Политичка теологија ДНЕВНИК: Библиски контроверзии – Имало бегство во Египет и колеж на децата во Витлеем или не?
ДНЕВНИК: Библиски контроверзии –  Имало бегство во Египет и колеж на децата во Витлеем или не?

ДНЕВНИК: Библиски контроверзии – Имало бегство во Египет и колеж на децата во Витлеем или не?

358
1

Приказната за раѓањето на Исус ја има само во две од четирите евангелија: тоа на Матеј (или по Матеј) и тоа на Лука, и двете напишани околу 70 година од нашата ера.

Во евангелијата на прв поглед има низа контрадикторности. На пример, кај Лука се зборува за овчари на кои им се јавил ангел и им ја пренел веста за раѓањето на Исус, а кај Матеј ги имаме мудреците, но за овчарите нема ниту збор. Матеј ја раскажува приказната за раѓањето поврзано со власта на Ирод, кај Лука го нема Ирод итн.

dnevnik-isusДел од науката, пред се, теолошката, смета дека не се работи за спротивставености, туку за една иста сторија која се надополнува: Исус се родил, ангелот им се јавил на овчарите (Лука), а подоцна, во период од 40 дена по раѓањето на Исус до неговите две години, тој и мајка му биле посетени и од мудреците (Матеј). Така се решава проблемот што се јавува со прашањето – која од двете приказни е точна? Таа на Матеј или таа на Лука.

Точни се и двете толку колку што може евангелијата да се сметаат како историски извор. Но, и ова толкување, според кое двете евангелија се дополнуваат, има свои слабости. Според Лука, Исус се раѓа, го посетуваат овчарите, а по периодот на исчистување на неговата мајка (40 дена), го носат во храмот во Ерусалим да го претстават на Господа (Лука, 2, 22). Тука го чека Симеон, човекот кому „Светиот Дух му беше прорекол оти нема да види смрт, дури не Го види Христа Господов“ (Лука, 2, 26). Таму била и пророчицата Ана, вдовица на речиси 84 години која не го напуштала храмот. „И кога извршија се по Законот Господов, се вратија во Галилеја, во градот свој Назарет“. (Лука 2, 39)

Значи, според приказната од Евангелието по Лука, Исус се раѓа во Витлеем, по 40 дена, го носат во Ерусалим, а потоа неговите родители заедно со него се враќаат во Назаарет, каде што тој потоа живее. Затоа и го нарекуваат Исус од Назарет. Според ова Евангелие, секоја наредна година „родителите Негови одеа во Ерусалим на празникот Пасха.

А кога он беше на дванаесет години, тие пак отидоа по обичајот во Ерусалим.“ (Лука 2, 41)

И тука се среќаваме со проблем. Во овој редослед на настаните нема место за приказната од Евангелието по Матеј. Според него, Исус се раѓа, ѕвездата ги води мудреците до него во Витлеем, потоа примаат вест во сонот да не се враќаат кај Ирод, а ангел Господов му се јавува во сон на Јосиф и му вели да ги земе Исус и Марија и да бега во Египет. Ирод збеснува и ги убива сите бебиња и деца до двегодишна возраст во Витлеем за да го убие и царот Јудејски, а дури по неговата смрт, родителите и Исус се враќаат и се населуваат во Назарет (Матеј 2, 1-23). Едно од прашањата што по ова се поставува е кога мудреците дошле да го видат Исус? Ако е тоа во првите 40 дена од неговото раѓање, како што смета Теофилакт Охридски (авторот на пространото Житие за св. Kлимент Охридски) во своето толкување на Евангелието по Матеј („и кога влегоа во куќата, го видоа детето со Марија, мајката негова“ – Матеј, 2, 10), тогаш отпаѓа или делот од Лука за одењето во храмот во Ерусалим и продолжението кое вели дека потоа неговите родители секоја година се враќаа во Ерусалим на Пасха (зашто неколку години не се тука, туку во Египет) или делот од Матеј за бегството во Египет кое трае до смртта на Ирод (зашто по претставувањето во храмот во Ерусалим, се населуваат во Назарет).

bozik-slika-2Патем, ако забележавте, кај Матеј се споменува дека мудреците влегле на поклонување во куќа, а Теофилакт смета дека по раѓањето во пештерата, наредните денови неговите родители се снашле и се сместиле во некоја куќа во Витлеем. Тоа значи дека тој нема дилеми дека мудреците дошле во првите 40 дена по неговото раѓање. Тогаш останува дилемата – има бегство во Египет или не? Настрана тоа што нема никаков историски доказ за убиството на 2.000 бебиња и деца во Витлеем, гратче што во тоа време не можело да има повеќе од 20-ина деца на таа возраст.

Некакво објаснување би можело да се даде ако во овие настани се вметне делот за смртта на Ирод. Тој умира во 4 година пред нашата ера (што значи дека Исус не се родил меѓу 1 година пред нашата ера и 1 година од нашата ера, туку порано), а евентуално може да се прифати ваков редослед на настаните: Исус се раѓа, го посетуваат овчари, по 40 дена, неговите родители го носат во Ерусалим, па се населуваат во Назарет, таму го посетуваат мудреците во куќа (сепак, Матеј изречно не кажал дека мудреците дошле во Витлеем, туку тоа се заклучува од целиот контекст на неговата приказна), ангелот му вели на Јосиф да бегаат за Египет, тие тоа го прават, но целото бегство и враќањето се случува меѓу две Пасхи, значи во период од една година, што би требало да значи дека бегството во Египет е во 4 или 5 година пред нашата ера (Ирод умрел пролетта во 4 година), што приближно ја одредува и годината на неговото раѓање – 5 или 6 година пред нашата ера (како и годината на раѓањето на св. Јован, кој е роден шест месеци пред Исус (Лука 1, 36).

НОВОРОДЕНЧЕ ИЛИ ДЕТЕ

Интересно е што во преводите на Евангелието по Матеј таму каде што се говори за раѓањето на Исус, се употребуваат разни термини. На една страна се преводите и термините што ги користат Руската и Македонската православна црква, кои за моментите кога Исус бил посетен од мудреците го употребуваат терминот младенец што е синоним за новороденче. Тоа е во согласност со становиштето на Теофилакт Охридски (иако далеку е од тоа дека Руската и Македонската црква ги следат неговите толкувања), според кое, Исус бил посетен од мудреците во оние 40 дена додека се наоѓал во Витлеем (каде што неговите родители доаѓаат поради наредбата за попис, кој се случил во првите години од новата ера, што внесува дополнителни непрецизности во евангелијата).

Наспроти тоа, библиите на Kатоличката црква, како и преводите на англиски, италијански, хрватски и многу други јазици, посетата на мудреците ја врзуваат со терминот дете, што е во согласност со становиштето дека посетата се случила во периодот до возраста на Исус од две години.

Но, низа автори сметаат дека е залудно да се обидувате да најдете прецизност во сите овие настани и години, како што професорката од Единбург, д-р Хелен Бонд, смета дека е залудно да се бара автентичност, на пример, во зборовите на Исус пренесени во евангелијата и како пример за тоа ја наведува молитвата „Оче наш“. Според неа и многумина други, евангелијата, пред с`, носат теолошка порака, тоа била целта на авторите, а дури потоа може да се разгледуваат како историски документ. Оттука, таа не гледа никаква потреба од обидите да се бараат вакви објаснувања за исти настани поинаку опишани во разни евангелија.

Пишува: Дарко Јаневски (ДНЕВНИК)

Коментар(1)

  1. Со секоја почит кон авторот, но мислам дека написов му е целосен промашај! Пред се, авторот не е ни теолог, ниту егзегет, ни црковен историчар, ниту библиски археолог… Тоа се рефлектира и тоа како во неговиот текст. Не сум против научните анализи, испитувања, критика, сето тоа е многу потребно и за науката и за верата, зашто и науката и верата имаат заедничка цел – вистината. Меѓутоа, многу е непрофесионално и погубно кога некој неквалификуван ќе се обиде да направи некоја навидум сериозна „научна“ анализа и ќе ја објави со крајно тенденциозна намера. А за нејзината научна заснованост и да не зборуваме… Како прво, во науката постојат сериозни научни дисциплини како: библистиката, егзегетиката, црковната историја и археологија, и сл. кои многу добро ги разработиле и објасниле „библиските контроверзи“ за кои авторот така триумфално се изјаснува, мислејќи дека открил топла вода. Но, доколку сака да се покаже добар познавач на конкретнава тематика, наместо да заплови подлабоко во научните води, и да ги докажува своите откритија на соодветно место, тој тенденциозно вади од контекст неколку наводи од Светото Писмо и извесни толкувачи, и ги сплетува во прикаска што нему му одговара за дневно-профитабилна цел, и тоа токму на денот на Рождеството Христово. А, со тоа не е ни свесен дека ги повредува чувствата на многуте христијани меѓу читателската публика на весникот од кој зема плата, и остава впечаток на несериозен, плиток новинар, кој се води само од дневните и материјални интереси. А да не зборуваме за тоа колку е неетички и неграѓански да се обрјавуваат вакви злонамерни и невистинити написи токму на најголемите верски празници. Мислам дека тоа не го направат ни најзакоравените непријатли; и тие знаат да си укажат почит и чест за нивните свети празници да им поминат во радосна атомосфера, а не во збунувања, понижувања и навреди. На крај, за горенаведените библиски настани постои бројна научна литература во која јасно се докажува дека имало и бегство во Египет и колеж на Витлеемските дечиња. Авторот може слободно да се наобразува на тоа поле ако сака.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *