Почетна Вести Црквата „Св.Илија“ во Дојран готова во ноември
Црквата „Св.Илија“ во Дојран готова во ноември

Црквата „Св.Илија“ во Дојран готова во ноември

618
0

Обновената црква „Св. Илија“ во Дојран ќе биде отворена на 5 ноември – денот на Општината. По неколку години интензивни работи за комплетна реконструкција, големиот верски објект од средината на 19 век повторно ќе биде симбол на градот како и пред 1916 година кога бил разурнат за време на Првата светска војна.

3Надлежен за обновата е стручен тим од Завод и музеј Струмица, а неколкуте фази од реконструкцијата ги финансираше Министерството за култура со околу шест милиони денари.

Црквата денеска ја посети министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Информираше дека во изминатите години е работено систематично, а пред реконструкцијата претходеле археолошки истражувања во црквата.

9– Потоа се пристапи кон конзервација и реставрација на црквата, зачувување на значајни елементи кои се карактеристични за различни периоди бидејќи црквта е градена во 1848 година, а е срушена за време на Првата светска војна. Оваа година се одбележуваат сто години од рушењето на црквата и тоа е значаен јубилеј. Планираме таа да си го врати автентичниот сјај и намена, и на денот на Општината, 5 Ноември, да се стави, пред се, во функција за сите граѓани и посетители. Сите фази се целосно завршени, останува уште фазата за поставување прозорци и врати, изјави Канческа-Милевска.

8Црквата има големи димензии (32 на 20 метри), има галериски дел и поради просторноста и акустичноста е погодна и како сцена за културни настани. Општината ќе го доуреди хортикултурно дворот на црквата и ќе ја осветли дополнително градбата.

Директорот на Завод и музеј Струмица Зоран Рујак рече дека под темелите на црквата од 19 век се најдени остатоци од постара црква која не може точно да се датира.

5– Црквата ја имала судбината на Дојран, кој исто така бил разурнат. Има огромни димензии, тоа е импозантен храм што само кажува дека Дојран на почетокот на 20 век бил големо гратче, туристички развиено. Со интензивното градење Дојран повторно го добива стариот сјај, додаде Рујак.

Министерството за култура во Дојран има отворено сувенирница, а финансира уште три проекти за кои е надлежен Завод и музеј Струмица – археолошки истражувања на локалитетот Мрдаја, каде што се откриени остатоци од наколна населба – прва во Дојранското Езеро, како и обнова на турскиот амам и на Саат-кулата во Дојран. За трите проекти од Министерството се издвоени околу 1,5 милиони денари. Наколната населба откриена пред четири години во Мрдаја ќе се реконструира во центарот на Дојран.

6– Целосно се завршени археолошките истражувања на локалитетот Мрдаја кои дадоа многу вредни наоди. Откриени се голем број предмети кои во моментов се конзервираат и ќе бидат презентирани во музеите во Гевгелија и Струмица. Ние продолжуваме со овој значаен проект, се работи за наколна населба во Дојранското Езеро која, врз основа на пронајдените наоди, се планира да се реконструира наредната година, и тоа е во програмата на Владата. Тоа ќе биде интересен и значаен проект – ќе претстави наколна населба – куќички од доцно бронзено време. Ќе биде туристичка атракција за сите посетители, истакна министерката за култура.

Дојран оваа година е Град на културата и има богата програма која, главно, се одржува на локацијата Под јаворите и има доста посетители. За програмата „Дојран – Град на културата 2016“ Министерството за култура намени околу два милиона денари.

1– Досега над сто културни настани се реализирани. Има огромна посетеност. Настапуваат многу наши пејачи, и од народната и од забавната музика, џез-концерти и сериозна музика, театар, Д-фестивалот кој е со задоволство примен и од граѓаните на Дојран и од туристите. Голем дел од програмата е реализирана, следува и останатиот дел. Но, покрај тоа што е Град на култура, Министерството за култура востанови и програми Културно лето и Културна зима во оние градови кои имаат туристички потенцијал и во лето и во зима, рече Канческа-Милевска.

Градоначалникот на Дојран Борче Стамов изјави дека со сите проекти од Министерството, нивната општина добива поддршка во вистинска смисла која во изминатите години континуирано трае.

– Со завршувањето на реконструкцијата на црквата, најавени се низа нови проекти. Препознаено е културното и историското минато на Дојран и покрај туристичкиот потенцијал кој го има Дојран и во кој инвестираме многу во минатите години, се отвора една нова перспектива, нови содржини, интересни за посетителите и туристите во Дојран. Голема атракција ќе биде наколната населба зашто ќе даде интересен осврт на минатото, дека уште во доцна бронза имало живот покрај Дојкранското Езеро, дека уште тогаш Дојран бил центар за живеење, а со реконструкцијата на Саат-кулата ќе се врати стариот симбол на градот, додаде Стамов.

/МИА

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *