Вселенскиот патријарх Вартоломеј во Будимпешта порача дека православието ги надминува националните и културните граници, а Црквата не може да постои во културен вакуум.
Пораката ја упати во саботата, 5 септември, при отворањето на новиот православен центар за христијански дијалог „Фанарион“ во центарот на Будимпешта, како и на храмот „Тројца Светители“, кој се наоѓа во рамките на комплексот. Вартоломеј потоа отслужи и Божествена Литургија во храмот.
Комплексот, кој е во сопственост на Вселенската патријаршија, му бил подарен на Цариградската патријаршија од унгарската држава во 2018 година, која го презела и неговото целосно реновирање.
Според Вартоломеј, искрениот дијалог не значи слабеење или губење на идентитетот, туку напротив – негово продлабочување и збогатување.
„Искрениот дијалог не води кон слабеење или губење на нашиот идентитет. Напротив, тој придонесува за негово продлабочување и збогатување“, истакна тој.
Вселенскиот патријарх говореше и за потребата од соработка меѓу науката, политиката, економијата и религијата во справувањето со големите општествени предизвици.
Во тој контекст, тој ја нагласи и улогата на меѓурелигискиот дијалог, особено во прашањата поврзани со човековите права, додека фундаментализмот го опиша како израз на „болна религиозност“.
Вартоломеј порача дека религијата треба да биде сила за мир, а зборот „солидарност“ да потсетува на борбите за слобода, еднаквост и социјална правда.
На свеченото отворање присуствуваа архиереи на Вселенската патријаршија и други автокефални православни цркви, римокатолички епископи и свештенослужители, претставници на унгарската и грчката држава, како и амбасадори на повеќе земји, меѓу кои Грција, Кипар, Србија, Грузија, Албанија, Бугарија и Украина.


Православен Вселенски Патријарх чии беседи веќе одамна станаа копии на јавните обраќања на Римскиот папа… (екологија, хуманист, мир, демократски вредности, заштита на човечкиот телесен живот). Каква петта жица на лирата на старата Пентархија свири во неговиот ум! Каков сон поетично си ткае г. Вартоломеј? Какво определување граници на римскиот примат при некакво долго копнеано обединување! Кој воопшто копнее за тоа? Ми падна жал за него. Ние сите православните, и деноноќно да им се поклонуваме на “браќата” римокатолици, и Божји ангели да ги нарекуваме или корифеи на не знам која светлина, колку и како и да снисходиме, не можеме да им ја откриеме тајната на нашата вера или да им ја наложиме нашата благодат ним (човек не може да прими благодат што не ја сака). Не верувам дека проблемот е толку во догмите или во светотаинските противречности (иако изнесоа сведоштво дека менувањето на некои позиции од Литургијата по урнек на православната им донело суштествена разлика на некои римокатолички евхаристиски заедници, но актуелниот папа бара тие да ги отфрлат ако сакаат да не бидат исклучени од заедницата со Понтифот и неговото стадо).
Зошто ли, ако г. Вартоломеј ја увидел самодоволноста на христијаните од другата страна на завесата, упорствува во својот стремеж до некакво формално обединување да дојде? Лажното единство има скриени стапици и извесни штети, но евентуалната искрена одлучност на римокатолиците да влезат во евхаристиско единство со православните би имало далеку поголеми, многукратни и веројатно непоправливи последици за последниве. Римокатолиците немаат што да изгубат во тој потфат, тие одамна го имаат изгубено она што го чуваат православните. Не се заинтересирани за такви дребности. Православните – што би добиле? Ништо, без да ја платат високата цена на својот православен духовен идентитет/интегритет. Не е секој подготвен да застане на врвот од каде сатаната Му ги покажал сите царства на Богочовекот Христос и да ја одбие непристојната понуда. Царства се тоа, односно начини на царување. Дури и да ги прифатиш тие круни, ќе треба да ја сочуваш главата на раменици, а потоа се’ останато. Размислува ли г. Вартоломеј за ова? Му значи ли нешто личниот духовен подвиг на секој од Неговите најмали браќа, и ако му значи, зошто е подготвен на такво некое хазардерство?