ТОМOС
за автокефалијата на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија
ПОРФИРИЈ,
по милоста Божја
Архиепископ пеќки, Митрополит белградско-карловачки и Патријарх српски,со свештениот Собор на Архиереите на Српската Православна Црква,
Блаженејшиот господин Стефан, Архиепископ охридски и македонски
Согласно осветениот и востановен канонски поредок на Пресветата Православна Црква Христова, особено пак согласно со 34. правило на светите апостоли,
– врз основа на одлуката на Светиот Архиерејски Собор на Српската Православна Црква АСбр. 47/зап. 8 од 16/3 мај тековната година, со која Соборот со најдлабока благодарност кон Господа, во Троица секогаш славен, и со голема радост ја прифати одлуката на Неговото Блаженство Архиепископот охридски господин Стефан и околу него собраниот Свет Архиерејски Синод, со која се прифаќа општопризнатиот канонски статус на епархиите на Српската Православна Црква во Северна Македонија, доделен во 1959 година, а тоа е статус на најширока можна автономија, односно полна внатрешна самостојност, и, бидејќи со тоа се отстранети сите причини за прекин на литургиското и канонското општење, предизвикан со едностраното прогласување на нивната автокефалност под името „Македонска Православна Црква“ во 1967 година, го воспостави полното евхаристиско општење и канонското единство со споменатата Црква, констатира дека дијалогот за нејзиниот иден, конечен канонски статус е реално возможен, легитимен и целисходен, дека Српската Православна Црква го прифаќа, дека во него ќе се раководи само и исклучиво од еклисиолошко-канонските начела и црковно-пастирските потреби и дека, по решавањето на прашањето за статусот, нема да ја условува новата сестринска Црква со ограничувачки клаузули во поглед на опсегот на нејзината јурисдикција во матичната земја и во расејувањето ширум светот, со братска препорака истата прашањето за својот официјален назив да го реши во непосреден братски дијалог со елинoфонските и останатите помесни Православни Цркви,
– врз основа на одлуката на Светиот Архиерејски Собор на Српската Православна Црква АСбр. 55/зап. 65 од 20/7 мај тековната година, со која се излегува во пресрет на молбата на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија САСбр. 65 од 18 мај тековната година, на соодветната Црква, автономна во составот на Српската Патријаршија, да ѝ се додели канонски статус на автокефална Православна Црква, и на истата ѝ се благословува, доделува и признава бараниот канонски статус на автокефална Православна Црква, со тоа што Соборот му наложува на Светиот Архиерејски Синод на Српската Православна Црква да ги разреши неопходните техничко-организациски прашања, по што Српскиот Патријарх официјално и јавно ќе ја соопшти горенаведената соборска одлука, ќе го потпише соодветниот Томос и ќе им го достави на сите сестрински автокефални Цркви на усвојување, бидејќи Српската Православна Црква не е единствениот фактор на автокефалијата, туку тоа е полнотата на Православната Црква, поради што е потребна и рецепција од страна на другите Православни Цркви,
– и имајќи ги предвид новонастанатите црковно-историски, историски и други околности, а со првенствена цел Христоименуваниот Народ Божји да има што поголема духовна корист и да напредува по патот на спасението, како и управувањето со црковните работи да се одвива без тешкотии, целисходно, канонски исправно, чесно и благообразно,
нашата света Српска Православна Црква, како наследничка на древната и славна Пеќка Патријаршија,
соборски благословува, одобрува, доделува и признава автокефален статус
на Црквата Божја во Северна Македонија, која денес се нарекува Македонска Православна Црква,
која е наследничка на древната и славна Охридска Архиепископија, поради што во своето име го вклучува и нејзиното чесно име,
и која го опфаќа канонскиот простор на поранешната истоимена Црква, автономна од 1959 година во составот на нашата Српска Патријаршија.
Автокефалијата на новата сестринска Црква е полна автокефалија. Тоа значи дека Српската Православна Црква истата не ја условува со одредби кои ја ограничуваат нејзината канонска јурисдикција и пастирската грижа за нејзиниот верен православен народ во матичната земја и во дијаспората. Истовремено, Српската Православна Црква топло му препорачува на Најблаженејшиот Предстојател и на Светиот Синод на новата сестринска Црква прашањето за својот официјален назив да го решава и да го реши по пат на непосреден братски дијалог со елинoфонските и останатите помесни Православни Цркви.
Светите храмови и манастири, особено големите светињи од немањиќкиот период и од подоцнежните периоди на српското присуство, црковното градителство и културното творештво на територијата на денешна Северна Македонија, како и целокупниот подвижен и недвижен имот на Српската Православна Црква во нејзините граници, се отстапуваат на користење на новата автокефална сестринска Црква.
За доказ, потврда и трајно сведоштво за сето она што на овој начин е канонски устроено и утврдено, ние на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и македонски господин Стефан, возљубениот во Христа Господа брат и сослужител на нашата смерност, со сите Високопреосветени, Преосветени и Богољубезни архиереи околу него собрани, нашите возљубени браќа и сослужители во Светиот Дух, го издаваме овој наш
ПАТРИЈАРШИСКИ И СОБОРСКИ ТОМOС,
чиј изворник, точен и неповреден, се чува во Архивата на нашата света Патријаршија.
Му се молиме на Бога на секоја благодат, Кој нè повика во вечна слава Своја во Христа Исуса, Господа нашиот, преку благодатта на Светиот Дух Свој и молитвеното застапништво на светата Црква Своја, на нашата најмлада сестринска автокефална Црква да ѝ дарува секој благослов и секој добар духовен плод, во нераскинлива врска на љубов и единство со Српската Православна Црква и со сите свети помесни Православни Цркви ширум вселената. Нему, во Троица секогаш славениот, нека Му е слава, чест, моќ и поклонение во векови веков. Амин.
Дадено во Српската Патријаршија во Белград,
во Неделата на светите Отци на Првиот вселенски собор,
23 мај/5 јуни лето Господово 2022.
Архиепископ пеќки, Митрополит белградско-карловачки
и Патријарх српски
Порфириј с.р.
(Порфириј),
Претседател на Светиот Архиерејски Собор
на Српската Православна Црква


