Теологија на забранетиот плод VS теологија на Воскресението

Date:

Share post:

За да се познае „теологијата на Крстот на волните страдања“, човек треба да влезе – од предворјето на духовниот живот, во самиот духовен живот

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Еднаш за еден теолог чув дека неговата теологија била „теологија на крстот“. Под претпоставка дека дострелот на неговата теологија била само до крстот, веднаш може да се заклучи до кој крст и зошто само до таму.

Без да должам многу, очигледно е дека, во некој таков случај, се работи за „теологија на крстот – на неволните страдања“, не на волните; оти ако била „теологија на Крстот на волните страдања“, тогаш сигурно ќе достигнел и до „теологијата на Симнувањето во Адот“ и сигурно ќе му се отвореле перспективите на „теологијата на Воскресението“.

Разликата помеѓу „теологијата на крстот на неволните страдања“ и „теологијата на Крстот на волните страдања“ е што првата не може да го внесе човекот во „теологијата на Симнувањето во Адот“ и не може да му ги открие перспективите на „теологијата на Воскресението – на децата Божји“.

За да се познае „теологијата на Крстот на волните страдања“, човек треба да влезе – од предворјето на духовниот живот, во самиот духовен живот, т.е. треба не само да верува и да оди на црква, туку и да влезе на првиот степен од духовниот развој – очистување на срцето од страстите; со други зборови: треба да има свој духовен отец; својот ум да го стави во процес на исцеление – преку послушание на духовниот отец; енергијата на својот ум да ја насочи кон своето срце, кое е извор на неговото слово, а на словото да му ги наложува зборовите на Исусовата молитва; и треба редовно да учествува во Литургијата на Црквата – причестувајќи се со Телото и Крвта на Воскреснатиот Господ Христос.

Само на погоре опишаниот начин човек волево учествува во Крстот Христов и секако ќе стигне и до Тајната на Христовото Симнување во Адот, од каде што ќе му се открие и перспективата на Тајната на Христовото Воскресение. Со други зборови, распнувајќи го својот ум – во процесот на волно очистување на своето срце од страстите, ќе може, откако тоа ќе се очисти и отвори, енергијата на својот ум – внатре во него погребана, да ја соедини со суштината на својот ум, и преку неа, да ја насочи кон Бог – кој пребива таму. Царството Небесно е внатре во нас, во нашето срце.

Многу е различна теологијата на неволниот крст од теологијата на која ѝ се открила перспективата на Воскресението, но уште потрагична е разликата помеѓу претходниве две и „теологијата на забранетиот плод“. „Теологијата на забранетиот плод“ е големата грешка што мнозина денес ја прават; наместо преку послушание, т.е. преку извршување на Божјите заповеди – што, во суштина значи, преку чистење на срцето од страстите и просветлување на умот, да ја откријат тајната на теологијата, тие преку читање на многу книги и собирање на информации, односно, на магиски начин, одеднаш, сакаат да ја дознаат истата. Тоа е истиот грев на Адам, кој преку каснување на забранетиот плод поверува дека ќе стане бог; само што во случајов, Ева – онаа која го прелажува, е погрешниот систем на теолошко образование. Каснувањето од забранетиот плод, само по себе, ни тогаш – ни сега, може да обожи, туку послушанието на Божјите заповеди.

„Теологијата на забранетиот плод“, е теологија схоластичка – на човек интелектуалец, кој многу работи на себе и го развива својот интелектуален капацитет преку читање на книги и размислување. Неговата теологија се заснова на интелектуални спекулации и досетки, неретко и од демонско потекло, кои му служат, пред сѐ, за самосозерцание и самовосхитување, како и за фасцинација на оние што ќе го слушаат. Неговото слово не остава отпечаток во срцата на луѓето, не им носи сила за покајание и подвиг и не останува запамтено; останува само сеќавање – колку некој, нешто ново или интересно зборувал. Слово без сила, која ја храни само суетата на слушателите – со интелектуален капацитет и без него. Губење на време. Прав демонски пронајдок. Теологија сама за себе, одвоена од реалните духовни потреби на верните, на Црквата. Теологија – идол. Технологија – умешност на составување на зборот. Теологија на наемниците – кои, нели, и си ја наплаќаат истата.

„Теологијата од перспектива на Воскресението“ е теологија исихастичка – на просветлен човек, кој Божјата светлина ја црпи однатре, од личниот опит на заедницата со Бог во своето срце. Нему не му треба ни некое посебно читање, доволно е, лично усвоената несоздадена светлина на својот ум, да ја насочи кон одредена тема и истата да му се разјасни; без претходно и да размислувал за неа и без оглед дали се однесува на сегашноста, минатото или иднината. Неговиот ум е отворен за корекции Божји, непосредно или преку човек. Неговото слово е слово во сила, кое нежно ги допира срцата на слушателите и, во свое време, носи плод. Слово кое изгонува демони и исцелува. Теологија која не опијанува со самиот себе, туку носи трезвеност. Да, и малку го бранува умот на оние со лажно наречено знаење. Тоа е теологија на децата Божји – на дар добиена, на дар давана.

Има и уште, на пример, како вонредната благодат делува на теолошки план или како обожението на личноста, ама…

Христос Воскресе!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img