Почетна Коментар Тајната на личниот крст
Тајната на личниот крст

Тајната на личниот крст

165
0

Често луѓето имаат желба да се на местото на некој друг. Сакаат да ја имаат видливата власт и славата на другиот, сакаат да ги имаат видливите пари и имот на другиот, и сакаат да уживаат во видливите убавини на туѓиот живот. Разбирливо е сето тоа, но навистина не знаат што бараат; затоа што тоа е лудост.

Зошто е лудост да бараш да си на местото на другиот, па колку и неговата позиција да изгледа привлечно? Затоа што секој човек има и свој невидлив крст и нема човек без крст, нема човек без на некој начин да страда.

А што е проблемот тука, што ако секој човек од нешто страда? Проблемот е што крстот на секој човек е толку личен, толку посебен, толку само негов, што никој друг не би можел да го понесе и поднесе. Крстот е потполно личен дар Божји, преку кој секој човек го гради својот сосема личен, конкретен и неповторлив однос со Бог, и е наменет точно за конкретниот човек и за никој друг.

Верувам дека кога на некој нормален човек би му ја понудиле видливата слава и власт, видливиот имот и финансиски можности, и видливите сладости на животот од некој друг човек, и кога истовремено би било можно да му го предочат и неговиот невидлив крст, тој би го одбил тој предлог.

И верувам дека кога на некој лекоумен човек би му ја понудиле славата и власта, имотот и финансиските можности, и сладостите на животот од некој друг човек, и кога истовремено би било можно да му го предочат и неговиот крст, а тој го прифати предлогот, таквиот би полудел.

Но, и на најсветиот човек не му е дозволено докрај да ѕирне во животот, во срцето, во личноста на другиот; затоа и никој не е во позиција и не може објективно да суди, освен Бог. И затоа секој суди според себе, според својата внатрешна состојба; и затоа секое судење и осудување е само индивидуална проекција.

И не само тоа. Секое судење и осудување на другиот, за работи од неговиот личен живот кои не влијаат негативно врз пошироката заедница е обично лудило, ако не и антихристова дејност и поддршка. И, секое лично судење и осудување на другиот, а не на неговиот грев, без оглед какви димензии тој грев има, е антихристова дејност.

И уште нешто.

Кај некои луѓе повидливи се страдањата отколку утехата на животот. Доколку таквите правилно го носат својот крст, т.е. доколку нивните страдања се учество во Крстот Христов, и околностите во кои тие ја восовршуваат својата заедница со Богочовекот Христос, и кога ние би можеле да ја видиме славата што нив ги чека во Царството Небесно, секој нормален од нас би го посакал нивниот крст – кога тоа би било можно; т.е. со радост и благодарност би го носел својот крст.

„Да, словото за крстот е безумство за оние, што гинат, а за нас, кои се спасуваме, сила Божја“ (1 Кор. 1, 18).

Пресвета Богородице, спаси нас!

Пишува: Митрополит Стурмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *