Додека Бугарија денеска со државни почести ги пречека останките кои повеќе од шест децении се идентификуваат како оние на цар Самуил, меѓународното известување за нивната автентичност користи значително повнимателни формулации. Дел од светските медиуми не пишуваат категорично дека станува збор за коските на Самуил, туку за останки „идентификувани како“ или „за кои се смета дека“ се на средновековниот владетел.
Најдиректна е француската новинска агенција AFP, која во денешниот извештај за враќањето на останките во Бугарија пишува дека се враќаат „останки од она што можеби е цар Самуил“ – what may be Tsar Samuel. Агенцијата потсетува дека идентификацијата е направена врз основа на археолошки индиции, меѓу кои се местото на гробот, богато украсената свилена ткаенина, возраста на починатиот и старата повреда на телото.
Уште поексплицитен е украинскиот медиум UNN, кој во извештајот за денешното предавање на останките наведува дека тие се „идентификувани како останки на цар Самуил“, но истовремено посочува дека нема генетска потврда на идентификацијата. Според истиот извештај, бугарскиот историчар проф. Милко Палангурски потврдил дека пред враќањето не била направена ДНК анализа со која би се потврдило дека останките навистина му припаѓаат на Самуил.
И во американскиот Associated Press се користи формулацијата „останки на средновековниот владетел цар Самуил“, но во меѓународното известување за целата приказна идентификацијата не се третира како генетски потврдена. AP известува за денешното предавање и државната церемонија во Софија, но главниот фокус го става врз историското значење на останките и договорот меѓу Грција и Бугарија.
Останките биле откриени во 1965 година од грчкиот археолог Николаос Муцопулос во базиликата „Свети Ахилиј“ на островот во Малото Преспанско Езеро. Токму местото на погребувањето е еден од главните аргументи во прилог на идентификацијата.
AFP наведува дека припишувањето на останките на Самуил се темели на комбинација од археолошки индиции: локацијата на гробот, раскошот на погребната облека, возраста на починатиот и старата фрактура.
Но, ниту една од овие индиции сама по себе не претставува ДНК потврда на идентитетот.
И во Бугарија има предупредување за отсуство на ДНК анализа
Прашањето не доаѓа само од македонски или грчки извори.
Во интервју за бугарската телевизија Nova, историчарот проф. Милко Палангурски денес изјавил дека не е направена ДНК анализа на тленните останки со која би се потврдило или отфрлило дека тие се на цар Самуил. Тој истовремено посочува дека според досегашните сознанија на островот Свети Ахил бил погребан цар Самуил со своето семејство.
„Самуиловите коски“ меѓу науката, историјата и политиката
Прашањето за автентичноста дополнително добива тежина затоа што денешното враќање има и силна политичка и национална симболика.
Бугарија го пречека Самуил со воени почести, борбени авиони, 21 топовски плотун и свечена процесија низ Софија. AP известува дека илјадници луѓе присуствувале на пречекот, додека бугарските власти на настанот му дадоа карактер на враќање на националниот владетел.
Истовремено, германската Deutsche Welle потсетува дека Самуил не е само бугарски историски симбол, туку неговото наследство е предмет на спротивставени историски наративи во Бугарија и Северна Македонија. DW го наведува и ставот на истражувачот Димитар Бечев дека Самуил има важно место во историскиот наратив и на двете страни.
Така, денешната церемонија во Софија отвора две различни прашања: кому му припаѓа историското наследство на Самуил и колку научно е потврдена идентификацијата на коските што денес беа положени во „Света Софија“?
На првото прашање постојат различни историски толкувања. На второто, барем засега, одговорот е попрецизен: останува идентификација заснована на археолошки и антрополошки индиции, но без потврда дека останките навистина му припаѓаат на цар Самуил.

