Српската православна црква го испрати викарниот епископ Алексеј во Битола, каде што денес продолжува одбележувањето на 110-годишнината од Кајмакчаланската битка. Епископот допатувал по благослов на српскиот патријарх Порфириј и на покана на Заедницата на Србите во Северна Македонија.
Неговото присуство во Битола доаѓа во рамките на комеморацијата посветена на една од најзначајните битки на српската војска во Првата светска војна, која во српската историска меморија има особено место.
Епископот Алексеј вчера во Битола беше примен од митрополитот преспанско-пелагониски Петар во зградата на Митрополијата. Средбата продолжила со посета на повеќе храмови и свети места во градот.
Во придружба на митрополитот Петар, епископот Алексеј ги посетил Соборниот храм „Раѓање на Пресвета Богородица“, Руската црква „Света Троица“, како и храмот „Собор на сите македонски светители“, кој е во изградба. Во рамките на овој комплекс била посетена и црквата „Света Лидија“, ктиторско дело на митрополитот Петар.
Посетата на битолските светињи завршила со обиколка на криптата-црква посветена на светиот апостол Павле.
Присуството на епископот Алексеј денес продолжува на Кајмакчалан, каде што се одржува централното одбележување на 110 години од битката.
Кајмакчаланската битка се водела од 12 до 30 септември 1916 година на врвот Ниџе, на 2.524 метри надморска височина, во рамките на Битолската офанзива на Солунскиот фронт.
Во српската меморија, Кајмакчалан е едно од клучните места на страдањето и победата на српската војска во Првата светска војна, а денешната комеморација се одржува кај спомен-капелата „Свети Петар“.
Со испраќањето на свој викарен епископ, СПЦ учествува и на црковно ниво во одбележувањето на годишнината, заедно со претставниците на српската заедница и делегациите кои денес се на Кајмакчалан.

