Рековме дека, од моментот кога имаме иста – православна, вера и исто – Апостолско Преемство, каков било раскол во Црквата е само проекција на нашите внатрешни гревовни состојби, проекција на расколот помеѓу нашиот ум и нашето срце, како и, следствено, на расколот во односот помеѓу Христос со Кого се причестуваме и Христос во нашиот ближен. Потоа, внатрешниот раскол може да се пројави како нарушени односи или како некакво непосредно несослужување или како некакво непосредно неспомнување или како административен раскол. Во случајот, пак, со Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Јустинијана Прва, како и со други Помесни цркви, се пројави дури и како непризнавање на нашите Свети Тајни.
Многу е битно, при преземањето на претходно спомнатите мерки, од какви побуди и со каква цел истите се донесуваат. Може да бидат преземени од љубов, со цел да предизвикаат грижа на совест и покајание, како и возобновување на единството на Црквата, а може да бидат преземени и од гнев и немоќ, како психолошка војна, со цел да се предизвика страв и да се остварат одредени политички и национални интереси. Јасно е дека преовладува вториот мотив, а тој се препознава по должината на траењето на мерките, како и по љубезното однесување кое го имаме кон еретиците, за разлика од крајната нељубов кон своите. Исто така, во овој паднат свет, а посебно во денешно време, да очекуваш смирение и покајание од други, за работи кои истиот ти претходно си ги направил, а не си се покајал – е демонска прелест; исто како и кога немаш сочуство за оние кои поминуваат исти страдања, низ кои и ти самиот претходно си поминал. Со овие мерки не се казнува ерархијата, која и така си ужива во животот, туку недолжниот православен народ.
Многу пати сум напишал, а и сега ќе повторам: на одреден административен чин, ако веќе сме Една Света Соборна и Апостолска Црква, не смее и не може да се одговара со светотаински чин; на пример: некој неканонски прогласува автокефалност, а друг – како одговор на тоа, прекинува евхаристиско единство со првиот. Кога некој прогласува автокефалност, оној што не се согласува, просто, нема да му ја признае; што значи, на административен чин се одговара со административен чин; и утре, кога сите – што имаат неспорна канонска автокефалност, ќе се соберат на едно место, оној што ја нема, набрзо ќе си го види своето место; како и сите останати – на кои што не им било дотогаш јасно. Но, ако вака, како досега, и понатаму продолжиме да се делиме и да заземаме страни – големиот раскол секако ќе дојде; и сето зло што потоа следува.
Што е тоа што нѐ прави да не се гледаме како Една Црква сите? Тоа е етнофилетизмот како крајна демоноопседнатост и видлива религиозна социопатија. Тоа е и знак дека срцето не ни е очистено од страстите и дека го немаме дарот на умно-срдечната молитва, како и просветленоста на умот што од таквата молитва произлегува. Просветлениот ум во своето очистено срце, од страстите и од демоните поврзани со нив, не гледа повеќе Помесни национални цркви, туку гледа само Една Света Соборна и Апостолска Црква, а како што би рекол отец Јустин Ќелиски гледа дека: секој живее во сите и преку сите и сите живеат во секого и преку секого; и дека животот на секој човек станува содржина на животот на нашето срце. На таквиот ум не го плашат никакви мерки – го жалостат, а самиот е критериум за нивната оправданост, вистинитост и ефект; тој самиот е и критериум за единството – постои или не. А на умот одделен од своето срце, низ призма на сопствениот раскол, сѐ му е во раскол и со сѐ е во раскол; најнапред со благодатта на Крштението од своето срце.
Мислите ли дека критикувам некого посебно? Не! Се критикувам прво самиот себеси и состојбата во Православната Црква, а ако некој се препознае, повеќе или помалку – по своите дела, жал ми е. Ние не сме епископи на овој или оној црковен центар, дури ни на „својот“; ние сме епископи на Едната Света Соборна и Апостолска Црква и должни сме со дозволени средства и на побожен начин да го чуваме Нејзиниот канонски поредок – точно така како што е воспоставен од Нејзините Свети Собори, како и нашата Света Вера; т.е. должни сме да го чуваме единството на Црквата. А за лаиците – религиозни социопати, на кои, ниту степенот на духовниот развој, ниту местото и улогата што ги имаат во Црквата и општеството им дозволуваат некого да поучуваат или критикуваат, а најмалку – осудуваат, што да каже човек и како да го исплаче нивното душевно пореметување…
Затоа и Бог не оставил единството на Црквата да зависи само од нас – такви какви што сме… а поставил и други, внатрешни, критериуми за единство, кои, ако не ги исполнуваме, напразно ни е само формалното единство. Единството на Црквата и единството со Црквата е сѐ што имаме.
Пишува: Митрополит Струмички Наум

