Љубовта е подвиг – таа е доброволна жртва и распетие. Затоа, мојата желба за оваа Пасха е да го замолкнеме нашето себично јас, за да Му отстапиме простор на Бога. И на ближните. Нека не биде нашата волја, туку Неговата! Нека биде љубов – дејствена, социјално будна и пожртвувана. Само така Воскресението нема да биде обичен настан од минатото, туку жива реалност во нашите срца“ – стои во велигденската порака на Сестра Ефимија во интервјуто за Женски Магазин.
Велики Петок за многумина е најтажниот ден во христијанството – ден на Христовото страдање, но и на најдлабоката пројава на Божјата љубов. Ден кога целиот христијански свет е повикан да се соедини во љубовта кон Бога, онака како што и Тој самиот се воплоти и се жртвуваше за нас…
Дали можеме да се пофалиме дека сме нација која повторно го нашла патот кон Бога? Дали навистина нашите животи ги раководи вистинската вера и слободната волја што Христос ни ја подари или, пак, со нас раководат суеверијата и магиските ритуали останати од некое друго време, а слободната волја сме ја злоупотребиле до степен да заборавиме што значи љубов?
Ова се само дел од прашањата на кои ќе добиете одговор во интервјуто, а кои, се надеваме, ќе ве поттикнат празникот да го славите во духот на христијанството, без да западнете во искушение да го претворите во спектакл на телесното уживање.
ЖМ: Во овие денови манастирите се исполнети со верници. Каков е духовниот ред и кодекс на однесување во манастирот и како се постапува кога тој не се почитува? Сте се соочувале ли со ситуации кога верниците не ја разбираат или не ја почитуваат светоста на храмот?
Бигорски Манастир, особено во деновите на Страдалната Седмица, не е само нем споменик од минатото, туку жив, литургиски организам, кој дише во амбиент што многу спонтано инспирира на достоинствено однесување.
Во овие свети денови, луѓето што доаѓаат кај нас не се само пасивни посетители, туку активни членови на тој жив организам, пронаоѓајќи го својот идентитет токму во богослужбениот ритам. Привлечени од специфичната духовна сила, тие без некој посебен напор се препуштаат на длабока сосредоточеност, станувајќи составен дел од долгите и торжествени служби.
Секако, манастирот има свој типик, еден духовен ред за чие спроведување по благословот на нашиот игумен, епископот Антаниски г. Партениј, будно се грижиме ние, монасите. Но, тој ред во никој случај не е полициски, туку грижлив, пастирски.
Внимаваме сè да биде во знакот на продолжување на богослужбата и надвор од храмот, зашто таа е центарот околу кој ротира целиот наш живот.
Помеѓу богослужбите, манастирот станува еден вид духовна академија, ги собираме луѓето, ги храниме со поуки и предавања, помагајќи им да го преведат литургиското искуство во нивниот секојдневен живот; ги поттикнуваме на тихување во своите соби и на созерцание за настаните што се клучни за спасението на човештвото.
И кога на човекот ќе му понудите ваква духовно богата содржина, тој природно одговара со почит – не само што не му пречат правилата, туку целиот амбиент е доказ дека редот и слободата можат совршено да коегзистираат кога во центарот е Христос.
Затоа, слободно можам да кажам дека Бигорскиот манастир, повеќе од три децении предводен од нашиот Старец, е корифејот што по децении идеолошки мрак го врати богослужбениот ред, византиското пеење и, воопшто, православното предание во земјава во нивната полнота.
Целото интервју ОВДЕ

