Рускиот патријатх Кирил ја продолжува практиката на поделби во Православната црква. И за Велигден испратил честитка до поглаварите на помесните автокефални цркви, но повторно не ги споменува четирите поглавари кои ја прифатија автокефалноста на Православна црква на Украина. Во честитката по редослед се наброени: Блаженејшиот Патријарх на Велика Антиохија и целиот Исток Јован X, Блаженејшиот Патријарх на Светиот град Ерусалим и цела Палестина Теофил III, Светејшиот Патријарх Српски Порфириј, Блаженејшиот Патријарх Романски Даниел, Светејшиот Патријарх Бугарски Даниил, Блаженејшиот Архиепископ Тирански и на цела Албанија Јован, Блаженејшиот Митрополит Варшавски и на цела Полска Сава, Блаженејшиот Митрополит на Чешките земји и Словачка Ростислав, Блаженејшиот Митрополит на цела Америка и Канада Тихон, Блаженејшиот Архиепископ Охридски и Македонски Стефан, како и до местобљустителот на Патријаршискиот престол на Грузиската Православна Црква, митрополитот Сенакски и Чхороцкујски Шио.
Кирил практично не ги признава за помесни цркви Вселенската и нејзиниот патријарх Вартоломеј, Александриската и патријерхот Теодор, Грчката црква и архиепископот Јероним и Кипарската црква и архиепископот Георгиј. Интересно е да се напомене дека Кирил не само што не ја признава како автокефална ПЦУ во Украина, туку како посебна црква не ја признава ниту Украинската православна црква и нејзиниот митрополит Онуфриј, што значи дека нејзиниот самопрогласен автокефалн статус е неприфатлив за РПЦ.
Кирил со овие 4 цркви го прекина заедништвото, бидејќи тие донесоа официјални одлуки на ниво на цркви да ја прифатат украинската автокефалија. Интересно е што, меѓу црквите на кои им честита Велигден има и такви чии владици веќе сослужуваа со владици на Православната црква на Украина, како на пример Бугарската црква, и тоа дури четворица владици сослужуваа со Епифаниј. Но Кирил тоа не го смена за „грев“ на целата црква, туку веројатно само на поединците што тоа го направија. Но, од друга страна пак, тој чин, кој се случи во Фанар, и овозможи и и обезбеди на Бугарската црква зацврстување на нејзините односи со Вселенската патријаршија. Де јуре БПЦ не ја прифати автокефалноста на ПЦУ, но де факто таа е во заедница со нејзе, нешто што за Вселенската патријаршија беше сосема доволен момент. Тој потег на БПЦ се покажа како исклучително добро осмислен црковно-дипломатски.
Инаку во честитката Рускиот патријарх пишува дека „Пасхалната благовест ги исполнува нашите срца со длабока благодарност кон Создателот и нè поттикнува, следејќи ги светите апостоли, неуморно да им ја објавуваме на ближните и далечните големата радост за Спасителот на светот, Кој воскресна од мртвите.“
Светејшиот Патријарх Московски и на цела Русија Кирил им се обрати на претстојателите на Помесните Православни Цркви со желби за крепко здравје, долг живот и неоскудна помош од Господ Исус Христос во нивните претстојателски трудови, посакувајќи им мир и благосостојба и на нивното богољубиво паство.

