Почетна Коментар Распетието на Старецот е наше воскресение
Распетието на Старецот е наше воскресение

Распетието на Старецот е наше воскресение

1.53K
3

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит г. Доситеј, изговорено од името на монасите и монахињите по повод именденот на Старецот и Игумен, Епископот г. Партениј, на Вечерната богослужба, на 19 февруари 2022 лето Господово

 

Ваше Преосвештенство, наш Старецу и духовен татко во Христа, г. Партениј,

Почитуван Ректоре на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, г. Никола Јанкуловски

Ваше Високопреподобие, г. Доситеј,

Драги браќа и сестри во Христа!

Иоваа година благодатта Божја нè собра заедно, за соборно да се помолиме на големиот Христов Чудотворец, Епископот Лампсакиски, Свети Партениј, а истовремено со ова молитвено чествување, да го одбележиме и именденот на Владиката на нашите срца, духовниот татко на повеќето од нас овде присутни, како и на уште многу повеќе телесно отсутни, но со духот дојдени вечерва овде во храмот на Чесниот Претеча.

Житието на Светиот Лампсакиски Чудотворец е славно и добропознато, сите знаеме за дел од неговите многубројни чуда, додека житието на нашиот Старец се испишува пред нас, преку неговиот трновит подвиг за спасението на сите нас, и ние секој ден сме сведоци за тоа.

Сведочиме за неговиот живот, за неговиот непрестаен подвиг, за неговата видлива духовна борба, а пак, за неговата невидлива борба, само лично тој и нашиот Бог знаат.

Ако секојдневието на еден обичен монах е распнувањето на стариот, паднат човек во нас, борбата со страстите и со разноразните демонски искушенија, како што тоа, впрочем, е мошне сликовито прикажано на фреската во ексонартексот, тогаш многу поголемо е катадневното распетие на нашиот Старец и Игумен, кој, згора на нашите лични страданија и искушенија, како и искушенијата и маките на уште илјадници свои духовни чеда, со љубов и проштавање ги трпи навредите и клеветите од надворешни луѓе кои не го ни познаваат добро, а ете си зеле или добиле задача да го оцрнуваат.

Но, нашиот Господ Исус Христос и сите Светии, во својот земен живот, претрпеле многу страданија, а многу добро знаеме дека ако при правда те осудуваат злите јазици, уште поголем е венецот. Всушност, сите овие искушенија се Христа ради и заради посветеноста на Старецот во делото за единство на Христовата Црква и за канонско заедништво, односно евхаристиско општење на сите православни.

Свежо во нашите сеќавања е филмот „Божји човек“, каде во рамките на можноста на филмската уметност е прикажан дел од животот на Свети Нектариј Егински.

Се разбира, секоја личност е посебна Божја единка, која си има свои доблести и своја духовна борба, која може да биде различна по вид и по траење, но можеме следново да го заклучиме: Божјата промисла и Божјото допуштение е нешто кое треба мирно и спокојно да го прифатиме, а и секое време си е со свое бреме.

Ние живееме во мирнодопско време, за разлика од некои други времиња во кои живееле нашите предци, но затоа, пак, премрежијата што ги живееме во нашево време се не помалку тешки од тие на претходните епохи. Слава Му на Бога, во наше време, поточно пред две години, се удостоивме да ја прославиме илјадагодишнината од основањето на Бигорскиот манастир; се случија големи настани во последниве триесетина години што Провидението Божјо ги благослови, и дај Боже, по Неговиот Свет благослов, по благословот на нашиот почитуван Митрополит г. г. Тимотеј, како и по молитвите на сите вас и на сиот верен народ, да се случуваат уште убави и богоугодни настани.

А милосрдниот наш Бог, умолен од Свети Јован Претеча, нашиот Небесен заштитник, од Свети Партениј Лампсакиски, молитвениот заштитник на нашиот Старец, како и од сите Негови угодници, да го крепи во добро здравје нашиот Игумен, да му ги обновува и зголемува духовните сили, за поголемо прославување на името Господово, а за пораз на демоните и радост на ангелите.

Ваше Преосвештенство, честит именден и на многаја лета!

 

Коментар(3)

  1. За православниот христијанин само Христос е Воскресението. Старецот може само да и служи на оваа тајна. Братството не мора до толку да му се завлекува вака на својот шеф кој им дава ухлебие и работа. Ај на страна бугарштината и уживањето во раскошниот дворец на падините на националниот парк, во време кога народот е тотално осиромашен ама со ова што го прават му го ускратуваат на верниот народ и Небесниот леб. Заблудите на бигорци станаа претешки.

  2. АЛЕКСАНДАР 22/02/2022 At 11:45
    Навистина не е фер спрема владиката Партениј да мора да се извинува пред некого за сопствените национални чувства! Јас како православен македонец навистина немам никаков проблем да отидам кај него на служба независно дали тој се чувствува како македонец или бугарин но само доколку служи литургија во канонското единство со Соборната Православна Црква! Се додека МПЦ-ОА не изнајде канонско решение за нивниот раскол, Партениј за мене е НЕДОСТОЕН како владика, а неговото национално убедување како и неговото почитување на историските научни факти и нивна интерпретација каква и да е таа, воопшто не ми смета!

    Александар, со овој твој коментар ми се потврди твојата внатрешна поделеност, како и тоталната духовна сиромаштија во која пребиваш. Во претходниот текст на владиката Партениј во врска со македонскиот јазик и идентитет, велиш дека не ти смета неговата определба и дека дури би пошол и на богослужба кај него доколку МПЦ – ОА стапи во канонско единство со другите цркви (за работите да бидат појасни го наведов тој твој коментар). А овде пак, алудираш на “бугарштината”. Навистина, освен во твојата личност, јас никаде на друго место не гледам схизма. Ти немаш ништо заедничко со Христа, ти не го живееш Неговото Воскресение. Доколку Го љубеше – ќе Го познаваше, ќе знаеше дека ниту еден монах нема ни пензиско осигурување, ни плата, ни пак, живее во раскошен дворец, туку во скромни ќелии (сум влегол во една и знам какви се, а веројатно и ти знаеш), во постојано себеистоштување и целодневна работа, за разлика од нас кои имаме и слободни часови во денот, и денови во седмицата и годишни одмори, кои примаме плата за 6-7 часовниот дневен труд и пензиско осигурување за кога ќе ни снема телесни сили. Ти ли ќе им кажеш на монасите што да гледаат во својот татко и Старец? Оставиле се’ за да Му служат на Христа во беспрекорно послушание, стануваат во 05 часот рано наутро за да се молат, додека ти можеби правиш нешто недолично. Зошто го залажуваш народот со украсените храмови? Зарем не се сите храмови низ светот добро украсени? Или само бигорскиот ви смета? Доста фрлаш песок во очите на народот, заради таквите како тебе луѓето ја губат верата. Еден ден проблемот ќе се реши, само лузните од раздорите кои ги правите ќе останат. Вака сите губиме

  3. 22/02/2022 At 20:23
    Наум, и јас исто како тебе сакам канонско единство на нашата помесна црква со СИТЕ останати помесни канонски цркви. Вселенскиот патријарх само го ИЗРАЗУВА тоа единство, а самиот не го поседува за да го раздава технички на кој му недостига. Во тој случај вашата православна еклесиологија не е ништо поинаква од англиканската која е само бледа сенка на римокатоличката. Црквата која неканонски се двои од одредена јурисдикција никогаш нема да има мир, и ќе го носи жигот на расколот и понатаму. Зашто се во црквата треба да се прави во мир и единство. Само вистинското единство во црквата, а не душевното и замислено (фиктивно) ги отвара вратите на Царството. Ако во овој клуч и повнимателно ми ги препрочиташ коментарите ќе разбереш многу подобро што говорам. Партениј е во раскол, тоа е главното бидејќи очигледно ги толкува црковните реалности во историско-политички клуч. Јас немам никаков проблем со неговото бугарофилство или бугарски идентитет под услов да не му го засенува канонското расудување, бидејќи да не беше така ќе се обратеше до СПЦ и ПОА прво. Но тие се срби нели?! Бидејќи човекот ги меша верата и националноста (ерес на етнофилетизам) се што прави му излегува на опаку. Кај прави апологија на расколот и го става на тешко искушение Цариград и Софија да му станат соучесници, на тоа додава и национални агитации. Ако канонски излезе од расколот, ќе нема ни проблем со своите национални убедувања потоа, бидејќи како владика може слободно и со право да го одлачи секој оној верник кој ќе му замерува за неговата националност. Што се однесува до трудот на монасите, шаолините исто така се трудат во физичкиот напор и концентрација но тоа не ги прави православни нели?!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *